Обвинителството бара политичарите да не се мешаат

100

Јавното обвинителство реагира на забелешките на претседателот на државата, притоа укажувајќи дека не е време за напади врз институциите и дека нема да дозволи дискредитирање на обвинителите и мешање на политичарите во кривични постапки

Истрагата за случајот „Рекет“ се одвива неселективно и навремено, тврди Основното јавно обвинителство, истовремено повикувајќи ги политичарите да не вршат притисоци бидејќи тоа ѝ пречи на истрагата.
Во текот на вчерашниот ден во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција исказ во својство на сведок даде обвинителката од СЈО Лиле Стефанова, која се споменува во еден од разговорите што ги објави италијанскиот весник „Ла верита“.

Завчера и обвинителката од СЈО, Елизабета Јосифовска, била повикана во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да даде исказ за случајот „Рекет“, во кој засега се осомничени Бојан Јовановски и Зоран Милески и се наоѓаат во притвор што им истекува денеска, но Обвинителството побара и доби ново продолжување на притворот.
Јосифовска неодамна потврди дека се потпишала на документот за враќање на пасошот на Јордан Камчев, кој е еден од првоосомничените во предметот на СЈО именуван „Империја“, но дека тоа го направила врз основа на одлука што ја донела специјалната обвинителка Катица Јанева, а таа, како нејзина заменичка, била должна да го потпише.

Според неофицијални информации, денеска на распит треба да биде повикана и специјалната обвинителка Катица Јанева.
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, завчера на прес-конференција им забележа на надлежните дека во време кога земјата ја тресе голем корупциски скандал, тие се на годишен одмор.
– Јас, јавно, уште на самите почетоци на аферата „Рекет“ го кажав својот став дека сум разочаран од тоа што го слушнав и повикав на брза и темелна истрага. Наместо тоа, надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за редовна состојба и за рутински предмет, а не е така – порача Пендаровски.
Изјавата на претседателот беше повод да реагира Јавното обвинителство, кое укажа дека не е време за напади врз институциите и дека нема да дозволи дискредитирање на обвинителите и мешање на политичарите во кривични постапки.

– Изјавата на претседателот на Република Северна Македонија дека му дава целосна поддршка на Обвинителството и дека ќе ги употреби сите уставни и законски овластувања за да го заштити од притисоци ќе беше реална, доколку повикаше пратениците да го изгласаат законот за јавното обвинителство и доколку дадеше поддршка за зајакнување на капацитетите на Обвинителството за поефикасна борба против криминалот и владеењето на правото – порачуваат од ЈО.
Од друга страна, од кабинетот на претседателот Пендаровски негираат дека претседателот се меша во работата на Обвинителството и дека има намера некого да дискредитира.

– Како претседател им давам целосна поддршка на надлежните институции, а особено на Обвинителството и судот и ќе ги употребам сите уставни и законски овластувања за да ги заштитам од притисоци – порача во завчерашното обраќање Пендаровски, а кое беше повод за реакцијата на ОЈО.

Нејасно е препирањето меѓу двете институции, кога и од двете страни беше нагласена заложбата за брза, темелна и неселективна истрага на целиот случај.
Од друга страна, барања за итна и сеопфатна истрага упатија и редица други истакнати личности и функционери од земјата и од странство, кои, секако, не може да се сфатат како притисок или мешање во работата на Обвинителството туку како загриженост за функционирањето на правната држава и за иднината на државата. А тоа се прашања што ги засегаат сите и сосема оправдано е да се бараат одговори, отколку да се премолчува.
Од ОЈО понатаму додаваат дека истрагата за случајот „Рекет“ се одвива според предвиденото темпо и дека се постапува неселективно.
– ЈОРСМ ја уверува јавноста дека за посочениот предмет се постапува неселективно и навремено, според утврден план на истрагата и дека сите инволвирани во кривични дела ќе бидат сослушани или испитани и ќе одговараат во согласност со законот. ЈОРСМ уште еднаш потенцира дека подлегнувањето на политички притисоци и мешање во работата на Обвинителството, штетно влијае врз текот и успешноста на истражната постапка и врз обезбедување на доказите – велат од Јавното обвинителство.
Брзо расчистување на случајот „Рекет“ бара и меѓународната заедница, со констатација дека е потребна темелна и транспарентна истрага, која ќе резултира со обвиненија.

Заменик-помошникот на државниот секретар на САД, Метју Палмер, пред неколку дена во интервју за „Гласот на Америка“ на српски јазик изјави дека САД поддржуваат целосна, темелна и транспарентна истрага на обвинувањата за случајот „Рекет“, а ако се докаже нечија вина, да биде поднесено и соодветно обвинение.
Преку Твитер се огласи и новата американска амбасадорка во земјава Кејт Брнс.
– Како што кажавме претходно, ова се сериозни обвинувања што бараат сериозен одговор што ќе биде темелен, транспарентен и навремен. Сега е моментот Северна Македонија да покаже посветеност на владеењето на правото – порача Брнс на Твитер.
Претходно слична порака преку истиот медиум испрати и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, која нагласи дека борбата против високата корупција мора да продолжи.
– Никој не е над законот и не смее да има неказнивост. Сите криминални дејства мора да бидат истражени од надлежните, ослободени од секакви влијанија, и престапниците да бидат изнесени пред лицето на правдата – напиша Хан на Твитер.
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние побара итна реакција на надлежните служби.

– Треба да се преземат сите потребни постапки во најкраток можен рок, да се види дека се води веродостојна истрага, која не прави дистинкција за тоа колку се високи позициите на инволвираните и какви се нивните функции, и која ќе покаже дека времето на неказнивост е завршено – изјави Тимоние.
Останува отворено прашањето дали конечно оваа афера ќе добие правна разврска или, како повеќето во кои се случувал криминал од висок профил, ќе заврши само со замајување на јавноста.


Гајсер изненаден што сите признале дека се нивни гласовите

Новинарот Ларис Гајсер, кој ги објави видео и аудиоснимките за случајот „Рекет“ во италијанскиот весник „Ла верита“, вчера гостуваше во словенечкото радио Каподистриа и го анализираше случајот што ја разбранува јавноста во Македонија, но и во регионот.
Иако претходно имаше најави дека ќе биде пуштена нова „бомба“ во радиото, сепак, слушателите можеа да чујат само анализа на состојбите во земјава по избивањето на аферата „Рекет“.
– По ова, сигурен сум дека Заев е на крајот на неговата кариера – рече Гајсер.
Тој додаде дека кога ги објавил аудиоразговорите очекувал лицата што се инволвирани да негираат дека тоа се нивните гласови.
– Не спиев од страв дека луѓето од снимките ќе негираат дека се тие. Нешто што е сосема легитимно. Но сите признаа дека се работи за нив – вели Гајсер.
Според него, со овој случај се разоткрила системска корупција, и политичка и судска, а аудиоразговорите биле објавени поради страв дека би можело доказите да исчезнат.
Тој негираше дека е дел од некакво сценарио подготвено од поранешниот премиер Никола Груевски и унгарскиот премиер Виктор Орбан, притоа додавајќи дека лично не ги познава двајцата политичари.