Нухиу најави двојазични униформи

91

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу на својот фејсбук-профил објави дека се потпишани нормативните акти со кои амблемите на полициските униформи ќе бидат напишани и на албански јазик.
– Ги потпишавме нормативните акти за амблемите на полициските униформи да бидат и на албански јазик. На сообраќајната полиција, граничната полиција, хеликоптерската единица за полициски должности, специјална работна сила – посочи Нухиу.
Нухиу неодамна ја презеде функцијата министер за внатрешни работи од Наќе Чулев, кој претходно како кадар на ВМРО-ДПМНЕ ја извршуваше таа функцијата во техничката влада.
Според Законот за јазиците, кој беше усвоен во 2018 година во Собранието, предвидени се двојазични униформи на полицијата, противпожарните единици и здравствените работници во средините каде што најмалку 20 отсто зборуваат службен јазик различен од македонскиот.

– Oбјавата на министерот Нухиу се однесува на потпишување на актите што треба да се достават до Владата. Имено, уредбата за изменување и дополнување на уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата ја носи Владата на Република Северна Македонија, а по нејзиното донесување се носи Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за носењето, времето на траење и распределбата на униформата и ознаките на униформата од страна на министерот за внатрешни работи – се вели во соопштението од МВР по објавата на Нухиу.
Инаку статусот на министерот за внатрешни работи за двојазичните униформи предизвика повеќе реакции на социјалните мрежи, од одобрување и пофалби кај албанската етничка заедница, до осуда и револт кај Македонците.