Ситуацијата речиси е апсурдна. Со влезот во НАТО и некогаш во ЕУ најверојатно дека македонската држава ќе добие нешто вредно, ќе се нареди во редот на понапредни држави. Со истото тоа, но со промената на името ерга омнес, трајно ќе изгуби македонскиот народ, македонската нација. Ќе изгуби два идентитета: национален и територијален. Многу мастило е потрошено во укажувањата за губење (бришење) на националниот идентитет, но речиси никој не го споменува територијалниот

Конечно ќе биде решен еден спор што се влече со години и чии политички и економски последици скапо ги плаќаат граѓаните. Како што е неоспорно дека трајно губи дел од себеси и од сите историски, национални, јазични, уставни, законски, традиционални и други елементи што одбележуваат постоење на еден жив народ. Сега е тешко да се направи подетална процена за користа или штетата. Таа сметка ќе им остане во аманет на идните генерации, на нашите деца и внуци, кои на своја кожа ќе ги чувствуваат промените, добри или лоши. Сите сегашни процени или ветувања што се изнесуваат јавно се дипломатско лакирани, пропагандни, под силен меѓународен притисок, навивачки, давани „од ракав“, без потемелна анализа поткрепена со податоци и факти. Во игра се официјални фалбени претпоставки за светла иднина, од една страна, и граѓанска загриженост за неизвесна судбина, од друга.

Доколку би се работело за решавање на некој друг домашен или меѓународен проблем, упорноста и решителноста на владата треба да се поздрават, но кога станува збор да се донесе решение за името по секоја, прескапа цена, таа упорност е ставена под сериозно сомневање. При таква ситуација станува сѐ повоочливо дека во дилемата на која страна да застане, дали на страната на НАТО и ЕУ или на страната на мислењето на мнозинството на сопствениот народ, сегашната владејачка коалиција тоа мнозинство ќе го игнорира или, во крајна линија, ќе го изманипулира. Ќе носи одлуки спротивни на мнозинската волја, ќе издржи одредени критики и бледи протести, „секое чудо за три дена“. Пропагандно, со помош на медиумите поразот ќе го прогласи за блескава победа, погрешно избраниот пат ќе биде наведуван како единствен можен и вистински. Во таа насока и кон тој план, под меѓународен притисок, се приближува и опозицијата, поточно ВМРО-ДПМНЕ, која декларативно е против, а зад параванот веќе има дадено премолчена согласност да ги поддржи одлуките на властите за промена на името и Уставот. Успешна глума е стара школа на политичка тактика и практика, во случајов одлика на македонските лидери, Македонци и Албанци.

Ситуацијата безмалу е апсурдна. Сите анкети покажуваат дека народот не сака ново име, а власта и опозицијата се принудени под меѓународниот притисок тоа да го сторат. Со влезот во НАТО и некогаш во ЕУ најверојатно дека македонската држава ќе добие нешто вредно, ќе се нареди во редот на понапредни држави. Со истото тоа, но со промената на името ерга омнес, трајно ќе изгуби македонскиот народ, македонската нација. Ќе изгуби два идентитета: национален и територијален. Многу мастило е потрошено во укажувањата за губење (бришење) на националниот идентитет, но речиси никој не го споменува територијалниот.

Што значи тоа? Тоа значи дека со новото име, со новиот устав, со измената на сите именки и придавки што ги содржат зборовите Македонија и македонски, всушност се брише од мапата на светот старата и се формира нова, досега непостојна држава, држава што претходно немала име, народ и немала своја територија. Територијата, поделеното парче земја што некогаш било дел од една географска единица, на кое во иднина ќе живеат (Горномакедонците, Северномакедонците, Новомакедонците) ќе биде новоутврдена и тие ќе го немаат третманот на староседелци. Ќе имаат третман на нови доселеници, дојдени од некаде. Народот, македонската нација нема веќе да се објаснува како измислица на Коминтерната и на Тито, туку како нова нација што ја создала Грција со помош на НАТО и ЕУ. Звучи шашаво, ама е блиску до вистината.

Кога утре, другиден или по некоја деценија ќе се мери, премерува, дели (или некаде и со некого ќе се спојува) не само политички туку и катастарски, освен во старите тапии, никаде ќе го нема името Македонија и Македонци. Од сите заедници што сега се таксативно наброени во Уставот и живеат на сегашниот простор губат само Македонците. И во новиот устав Турците ќе си останат Турци, Ромите Роми, Србите Срби, Бошњаците Бошњаци, Власите Власи. Само Македонците го губат својот досегашен национален идентитет. Во таква идна констелација само Албанците, граѓани на Македонија, во некоја идна историска расправија, со право ќе претендираат на староседелство, на автохтоност. Кај нив и за нив не се менува ништо на нивна штета, а многу нешта се менуваат во нивна корист.

Изнесеното погорно мислење некому ќе му звучи смешно, некому претерано, некому фантастично, за неверување. Но сите овие триесет последни години во Македонија се случија такви настани што ни на сон не можеа да се сонуваат, а камоли да се случат. Се покажа дека овде, меѓу нас, сѐ е можно, дури и невозможното.
Ако сега има видлива поделба меѓу луѓето за и против промена на името, едно е јасно. Новото име нема да го донесе толку потребното национално единство, Тоа на домашен терен ќе биде мотив за нови поделби меѓу Македонците, без разлика како официјално ќе бидат викани, ерга омнес. Таа македонска емотивна коба ќе ја следи и во идната историја и во НАТО и во ЕУ. Раните што ќе настанат тешко ќе се лечат, лузните од нив ќе останат со векови.