Нови избори, стари ветувања

54
Фото: Игор Бансколиев

Темите се исти неколку изборни циклуси наназад. Тоа е така бидејќи недостига имплементација на кажаното и ветеното пред граѓаните, тврдат аналитичарите

Дискутабилни слогани, рециклирани пораки од минатото за решавање на проблемите со корупцијата, владеењето на правото, екологијата и сл., без некоја иновативна нова понуда и идеја. Таков впечаток се добива од репликите и обвинувањата што си ги упатуваат речиси секојдневно политичките субјекти од власта и од опозицијата, иако сѐ уште не е започната официјалната изборна кампања за предвремените избори закажани во април. Иако политичките партии сѐ уште не ги имаат објавено своите програми со кои ќе настапат пред граѓаните на предвремените избори, според аналитичаритe, некои од нивните сегашни ветувања се толку стари што смениле дури и три парламентарни состави од различни партии, но сѐ уште не се реализирани. И сега пак повторно им се нудат на гласачите и за овие актуелни парламентарни избори.
Во таа насока се наметнува дилемата колку кампањите на политичките партии за предвремените избори годинава ќе се разликуваат суштински од оние на последните парламентарни избори пред три години.

Во сублимиран заклучок политичките аналитичари со кои се консултиравме оценуваат дека агендите, а со тоа и кампањата на политичките партии се повторува со оние од претходните избори, бидејќи сето тоа е резултат на неисполнување на дадените ветувања од претходните избори, но и сериозен недостиг од реализација на изборните кампањи од страна на партиите.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека не треба да очекуваме нешто драматично да се смисли во претстојната изборна кампања, кое ќе им го подобри животот на граѓаните и ќе им ги реши нивните проблеми. Тоа е така бидејќи, според Арсовски, и на едните и на другите им фали имплементација на кажаното и ветеното пред граѓаните.

– Факт е дека овој мандат на владата беше прекинат на половина. И во таа насока не треба да очекуваме дека нешто драматично ново ќе се смисли за претстојната изборна кампања и кај власта, но и кај опозицијата. За жал, темите се исти и сѐ уште се актуелни истите оние од 2016 година па досега. Тоа е така бидејќи ни недостига имплементација на кажаното и ветеното пред граѓаните, а не иновативност. Нема дилема дека креативноста кај партиите ќе напредне, но се сомневам колку тие ќе можат тоа што ќе го смислат и предложат на граѓаните да го имплементираат во реалноста. Иста е состојбата кај двете политички партии во македонскиот блок, едните ќе зборуваат за тоа што направиле, а другите што ќе направат – кратко објаснува Арсовски.

Професорката од Правниот факултет од Институтот за политички науки, Ана Чупевска, пак, вели дека во суштина самата политичка реалност од носителите на власта бара да обезбедат решение без оглед колку пати се повторувале проблемите на граѓаните и кои се актуелни во периодот на избори.

– Сосема легитимно е партиите во натпревар за власт да отвораат дилеми и да наметнуваат теми во јавноста во претстојната политичка кампања за актуелните прашања што се присутни кај граѓаните. Во суштина самата политичка реалност бара од носителите на власта да обезбедат владеење на правото и правната држава, но и да се справат со проблемите со животната средина, економскиот стандард на граѓаните и сл. Сепак, кога гласачите донесуваат одлука дали ќе го дадат својот глас кон лево, десно или центар, ним најважно им е дали ќе бидат исполнети ветувањата дадени во време на кампањата – објаснува професорката Чупевска.
Од друга страна, професорот Јове Кекеновски тврди дека причината што истата тематика од политичарите се повторува пред граѓаните на секој изборен циклус од нашата независност па досега, всушност е желбата да се дојде до власт на партиите и ништо повеќе. Таложењето и нерешавањето на проблемите од владите, според него, претставува тапкање во место и вртење во круг на државата.

– Во принцип сѐ е фраза, она што го слушаме и ќе го слушаме од политичарите и политичките партии во периодов што следува, а суштината е во тоа како едните да опстојат на фотелјата, а другите како да дојдат до неа. Секои ветувања и програми што ќе ни ги претстават ќе бидат препишани и рециклирани од оние од минатото, бидејќи ниту едните ниту другите не сработија ништо, а уште помалку може да измислат нешто што ќе го сработат во иднина. Немаат кредибилитет кај граѓаните токму од фактот што никој ништо не сработи во минатото. Токму затоа, според мене, најголема тема за која е можно да бидат иновативни во нивните преставувања пред граѓаните во периодов што следува е тоа како ќе да го обвинат својот политички противник, кој повеќе или помалку украл – вели Кекеновски.

[email protected]