Новиот закон за Јавно обвинителство денес пред пратениците

61

Предлог-закон за Јавно обвинителство денеска влегува во собраниска процедура, пришто пратениците ќе ги изнесат своите ставови, а ако имаат забелешки ќе поднесат амандмани.

Новиот предлог-закон предвидува Специјалното јавно обвинителство да премине во државното како Обвинителството за гонење на организиран криминал и висока корупција, а со него да раководи обвинителката Вилма Рускoска. Новото обвинителство ќе треба да има и свој буџет што нема да зависи од Владата и парламентот. Во него ќе преминат и сите обвинители и истражители кои сега работат во СЈО.

Од ВМРО-ДПМНЕ викендов се изјаснија дека за нив е прифатливо припојувањето на СЈО и ЈО, но не се согласуваат со предлогот за Рускоска, на што од СДСМ возвратија дека тоа е алиби за неприфаќање на новиот закон.

Од Министерството за правда очекуваат поддршка од сите пратеници, но велат дека ги зачудува измената на ставот на ВМРО-ДПМНЕ во врска со предлогот Вилма Русковска да биде на чело на новото Јавно обвинителство за гонење криминал и висока корупција.

– Очекуваме поддршка од сите, особено што ВМРО-ДПМНЕ кога поднесе до Министерството амандмани на претходниот текст на законот предложи СЈО да биде дел од Јавното обвинителство за организиран криминал, а не предлагаше никакви кадровски промени во обвинителството за организиран криминал, што практично значи дека во новиот текст на законот е прифатен нивниот предлог Јавното обвинителство на чело со Русковска да ги води случаите на СЈО. Сега зачудува измената на нивниот став по ова прашање – истакнуваат од Министерството за правда.

Премиерот Заев минатата недела посочи дека е потребно законот да се донесе летово, а најдобро е овој месец, бидејќи прашањето не смее да се пролонгира со оглед на тоа што очекуваме датум за преговори. Рускоска во моментов е прв човек на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.