Нимиц со писмо ги потсети Димитров и Коѕијас за ставовите од Виена

1154

Писмо со точките за кои има согласување и точките за кои има разлики во преговорите за името, испратил медијаторот Метју Нимиц до шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во пресрет на нивната средба во Охрид, јавија весникот „Катимерини“, радиото „Атина984“ и информативниот портал „Њуз247“.

– Според одредени извори, последниот допис на Нимиц ги одразува кристализираните ставови на американскиот дипломат за прашањето, како што тие беа формулирани по последната негова повеќечасовна средба со министрите за надворешни работи на Грција и ПЈРМ во Виена (30-31 март) – пишува „Катимерини“.

Радио „Атина984“, пак, објави дека станува збор за претходно одредена и предвидена процедура на медијаторот.

– Двајцата министри се очекува да одговорат на прашалникот што им беше доставен од специјалниот медијатор и да го имаат пополнето до нивната следна заедничка средба – објави атинското радио.

Порталот „Њуз247“, повикувајќи се на свои извори, пишува дека ова е трет ваков текст од медијаторот до двајцата министри и претставува „негова интервенција и придонес пред клучната средба во Охрид“.

– Според истите информации, дипломатскиот кабинет на Коѕијас контактираше со Нимиц и го изрази несогласување на Атина за некои делови од дописот, бидејќи министер за надворешни работи сака да се постигне што е можно повеќе на преговорите во Охрид – пишува порталот.