Ние сме „Нова Македонија“

581

Како прв македонски дневен весник, вграден во темелите на македонската државност, преку кој македонските граѓани ги осознаа своите корени, азбука, јазик, култура, со еден збор сè што значи идентитетско обележје на еден народ, ние во редакцијата имаме два светли датума што ги чествуваме. Првиот е 29 октомври 1944 година, излегувањето на првиот број на весникот, а вториот е 1 мај 2008 година. Вториов е датумот кога нашиот весник се рестартира, односно кога еден голем патриот и бизнисмен, со силно чувство на општествена одговорност, инвестира да се врати во живот еден од најголемите македонски новински брендови, хроничар и сведок на македонската колективна меморија – „Нова Македонија“.
Деновиве се одбележуваат 76 години од првиот издаден примерок. И по толку години посветеност кон новинарството, читателите, нацијата, вистината и фактите, чувствуваме потреба, но и должност кон јавноста да потсетиме што направивме сиве овие години.

Почитувани наши, го забележувате ли сјајот на весникот со најдолга традиција во Македонија? Го почувствувавте ли весникот што во свеста на луѓето го отсликува континуитетот од постанокот на државноста на Македонија? Го узнавате ли весникот чие битие се совпаѓа со битието на македонскиот народ и идентитет и создадените цивилизациски вредности што нашиот народ ги создал и што ќе ги создава во времето што следува? Го сфативте ли карактерот на весникот, чија независност ја чини кохезијата на македонскиот народ и на сите оние што живеат во Р Македонија? Го чувствувате ли својот весник, каде што вие читателите и јавноста сте основниот коректив на уредувачката политика и негова архитектура?
Да, тоа сме ние, редакцијата на весникот „Нова Македонија“. Весник во кој почитта кон вистината и кон правото на јавноста за дознавање на вистината е првата наша должност. Весник во кој за остварување на таквата должност постојано ги браниме принципите на слободата, со чесно собирање и објавување вести, подготвување теми, анализи, истражувања, авторски колумни. Весник во кој лојалноста кон граѓаните и кон јавниот интерес се тежишен принцип во работењето. Весник во кој проверката на информациите пред да се објават е императив, како што е и основното правило да се ислуша втората страна и да се биде независен набљудувач на моќта. Весник во кој меѓусебно се храбриме, бодриме и мотивираме да издржиме на тој пат без да го изгубиме моралниот компас, почитувајќи го професионалниот кодекс.

Да, нашиот весник е достоен носител на вистината и на нашите читатели им ги прави достапни сите информации, бидејќи читателите имаат право да ја знаат вистината. Тоа е света задача во демократското општество, бидејќи дневните весници се „библија на демократијата, единствената книга што мнозинството граѓани ја читаат секој ден“. Така барем веруваше Волтер Липман.
Ние ја подигаме културата на дијалогот и го цивилизираме политичкиот простор, отворени сме кон сите политички опции. На нашите страници отворено полемизираат, дебатираат и нудат решенија и луѓето од власта и луѓето од опозицијата. Затоа што нашиот весник инспирира творечки, креативен и спортски дух, се залага за владеење на правото, за човековите права и слободи, за достоен живот и почит меѓу луѓето.
Зошто одбравме да сме вакви?
Затоа што на Македонија ѝ е потребен високопрофесионален весник!
Затоа што на Македонија ѝ треба весник во кој низ призмата на професионалноста и принципот на легалитет се штитат националните и државните интереси. Затоа што претставуваме главен противник на поделбите во и на Македонија.

Затоа што „Нова Македонија“ од основањето до денес докажува дека е весник што е нераскинлив дел од нацијата. Таквиот весник е национално благо. Тоа е вистината!
Затоа што на Македонија ѝ треба медиум во кој секој може да полемизира со секого, каде што политичките разлики не се пречка за дијалогот. И дека токму во тие различности е богатството, чија резултанта ги ползува позитивните елементи од двете страни, во интерес на заедничкиот просперитет.
Затоа што на Македонија ѝ треба и патриотски весник, кој не ја избегнува острината ниту кон големите сили, а истовремено е отворен и за противниците на спротивставување со западните и со источните сили.
Затоа што на Македонија ѝ е потребен весник во кој има простор за зачувување на нашата посебност, по која се изделуваме и се разликуваме од соседите, и има место и за таков судир со домашни и странски политичари што имаат различно мислење по таа основа каков што многумина вистински интелектуалци би го поддржале.

Ете, затоа 76 години непоколебливо чекориме по тој пат. Токму тој децениски пат нè води кон идеалот кон кој „Нова Македонија“ и денес, во новите околности, тежнее.
Ете, затоа секој читател што ќе го купи нашиот весник има право да биде строг спрема новинарите и уредниците што денес ја прават „Нова Македонија“ доколку не го исполнуваат ова. Бидејќи преку традицијата, со професионалноста, со чесноста и посветеноста, ние го подигнавме професионалното скалило високо. Навистина многу високо.

Продолжуваме понатаму, заедно со ВАС. Ваша „Нова Македонија“