Нивици на кантар пред граѓаните

205
Фото: Игор Бансколиев

Што се однесува до полемиките за Преспанскиот договор, дискусиите, јавните расправи во македонската јавност кај власта и опозицијата изминатата година тие беа фреквентни, длабоки, со далекосежни анализи од историски, правен, политички, лингвистички, социолошки, економски и друг аспект. Коментарите на експертите се дека реториката кај власта во однос на придобивките и слабостите на договорот горе-долу во споредба од пред една година остана иста. Од друга страна, опозицијата од жесток противник на договорот на почетокот, со текот на времето ретерираше во ставовите и спадна на ставот дека ќе го почитува договорот.

Ваквиот став, според познавачите на состојбите, е драстично вртење или омекнување на ставовите на опозицијата во однос на договорот со Грција.
Поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски, правејќи паралела од денешна дистанца со денот на потпишувањето на договорот во Преспа, вели дека Македонија всушност капитулира со него. Во однос на ставовите на политичарите тогаш и сега, Никовски истакнува дека и власта и опозицијата изминатата година ја вртеа водата на својата воденица кога стануваше збор за Преспанскиот договор.

– Минатата година власта мавташе дека веќе добила датум за преговори за членство во Унијата, што беше јасно дека тоа не е точно, а сега само се потврдува. Капитулантскиот и предавнички договор се избрза со единствена цел да се добие датум и за таа цел се дадоа незамисливи концесии. Последиците се трајни, а поразот на Македонија е евидентен за секого. Од друга страна, опозицијата цело време е во некакви ракавици и не се осмелува да излезе со јасна оцена и став што ќе презема и што ќе прави таа кога ќе дојде на власт. Моментално ситуацијата е невозможна, бидејќи разнебитувањето на македонскиот народ продолжува преку бришење на сѐ што е национално и македонско, а нема никакви перспективи за некакво скоро членство во Унијата. НАТО беше интерес и приоритет на САД, и тоа веројатно ќе се постигне за некое време, а интерес на македонскиот народ и на оваа држава е членство во Унијата, а тоа е евентуално можно за приближно 15 години – оценува Никовски.
Од друга страна, професорот Лазар Лазаров вели дека конечно по една година опозицијата треба да сфати дека овој договор е меѓународен и е признаен и од ЕУ, НАТО и другите членки на ЕУ.

– Не може лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своите говори најпрво да го негира овој меѓународен договор, а во исто време деновиве сепак да објаснува дека тој ни е нашиот излез во Европа. Во исто време, власта мора да преземе одговорност за изјавите кога тврдеше дека влегувањето во ЕУ е загарантирано, а сега гледаме дека повторно имаме нови услови. Едноставно кажано, договорот од Преспа за една година успеа да ги извади на маса сите лица и на опозицијата и на власта во однос на нивните политики што ги криеја од граѓаните и прогнозите што ќе се случува. Со тоа сакам да истакнам и дека ЕУ и НАТО, пак, мораат да одговорат на нашето сработено и да не ескивираат од она што ни го ветија пред една година, а тоа е полноправно членство во Унијата и Алијансата – вели Лазаров.

Професорот додава дека по една година од потпишувањето на Преспанскиот договор, нашата иднина, иако не е брза, сепак е светла во однос на вкупниот просперитет на општеството со потпишувањето на Преспанскиот договор. Тој е убеден дека Македонија ќе го добие заслуженото и работите ќе тргнат на подобро во периодот што следува.

[email protected]