Не смееме да допуштиме лекомисленост во врска со јазикот!

1006
Фото: Дарко Андоновски

За нас повеќе отколку за многу други народи во светот, јазикот претставува, со сѐ што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој е заправо единствената наша комплетна татковина!

Тестаментален текст на Блаже Конески напишан седум години пред смртта: „Главниот удар врз македонскиот народ ќе биде ударот на јазикот како наша единствена неподелена татковина!“

Пишува: Блаже Миневски

Бугарската влада, предводена од Бојко Борисов, усвои и одлука со која ни забранува нашиот јазик да се вика „македонски јазик“, односно забранува каква и да е употреба на терминот „македонски јазик“! И не само тоа, за да дозволат Македонија да добие датум за преговори за членство во ЕУ, Бугарите поставуваат и други услови што не може да ги исполни ниту една влада во светот.

Што всушност сега бара официјална Софија?
Во документот што е објавен како официјален став на бугарската влада се бара во иднина „во однос на јазикот да се користи фразата ‘официјален јазик на Република Северна Македонија’. А кога е неопходна потребата од користење на терминот ‘македонски јазик’ во документите на Европската Унија, со фуснота секогаш да се појаснува ‘во согласност со Уставот на Република Северна Македонија’“.
„Треба да е јасно дека јазичната норма, прогласена како уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во некогашната југословенска република по кодифицирањето на јазикот по 1944-та. Ниту еден документ/изјава во процесот на зачленување во ЕУ не може да се смета како признавање од бугарска страна на постоењето на т.н. ‘македонски јазик’ одвоен од бугарскиот“, пишува во геноцидниот документ усвоен од бугарската влада.

„Бидете на штрек, Македонци!“
„Послушајте Македонци“, подвикнал академик Блаже Конески седум години пред смртта, „многумина сѐ уште посакуваат македонскиот народ да биде само објект, а не и историски субјект!“ Еве, точно триесет години подоцна, оние што посакуваат македонскиот народ да биде „објект“, што ќе го делат и присвојуваат, стигнаа до прагот да го резнебитат со помош на банда „внатрешни соработници“, непријатели на сопствениот народ, кои „добија можност“ до пролетта идната година да го довршат проектот за уништување на македонскиот јазик, македонскиот национален идентитет и македонската унитарна држава!
По одлуката на бугарската влада остануваат уште многу малку денови за да се фати насоката по која ќе се тргне кон иднината.
Завршниот удар се прави деновиве со понижување и уништување на македонскиот јазик, како „единствена неподелена татковина“!

Во еден свој текст од јуни 1986 година, Блаже Конески, меѓу другото, пишува за тоа колку биле упорни настојувањата да се обезбеди простор за потреба на посебен македонски литературен јазик: „Ѓорѓи Пулевски и Темко Попов, и декларативно и со својата практика, уште во седумдесеттите и осумдесеттите години на 19 век се определуваат за посебен македонски литературен јазик Во самиот почеток на 20 век, Крсте Петков Мисирков прави целосен и промислен проект за кодификација на нашиот литературен јазик. Меѓу двете војни и НОБ, од ден на ден се пишува тогаш, се разбира илегално, еден антифашистички манифест на македонски јазик. На тој јазик на обесправен мал народ и не можеше тогаш да се прогласи нешто друго освен слободарски збор. Упорно го премолчуваат тоа оние што, негирајќи ја македонската национална индивидуалност, сакаат да создадат впечаток дека македонскиот литературен јазик нема свои историски корени и дека тој е само продукт на некаква политичка комбинаторика“, пишува Конески, додавајќи дека многумина сѐ уште посакуваат „македонскиот народ да биде само објект, а не и историски субјект“.
Пишувајќи за таквите обиди, Конески продолжува: „Послушајте Македонци! Бидете на штрек пред таквите ’правни’ диверзии, од каде и да идат…! За нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сѐ што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој е заправо единствената наша комплетна татковина. И оние наши места што се испустени живеат во нашата традиција со песните, приказните, гатанките и поговорките, запишани некогаш во нив, и оние наши места што се испустени ги опишува, опева и слави современата литература на македонски јазик. Затоа и во моменти на ломења, раслојувања и колебања, последно што треба да ни паѓа на ум е да ги поставуваме под прашање придобивките на нашата самостојна акција на јазичен план“.

„Јазикот е нашатаединствена неподелена татковина!“
Подоцна, само четири години подоцна, значи три години пред смртта во 1993 година, Конески уште еднаш ќе потсети на важноста на македонскиот јазик за македонскиот народ, каде и да живее. Во разговорот со Радмила Трифуновска, воден во април 1990 година, на прашањето за нападите на македонскиот јазик од Атина преку брошурата на А.Е. Папагеоргиу, со наслов „Таканареченото македонски прашање“, тој, меѓу другото, истакнува дека главниот удар е ударот на јазикот, а тоа „не е прва атака врз нашиот јазик за меѓу наупатените во светот да се рашири заблудата дека тој е измислен, така да се каже, прекуноќ, како да не се работи за процес со длабоки корени во минатото и за една долга јазикотворечка традиција“.
– Ние, се разбира, секогаш треба да реагираме на ширењето на таквите невистини и да го запознаваме светот со историските реалности. Меѓутоа, најефикасна реакција ќе биде нашето почитување на сопствената традиција и сопствените постигања на јазичкото поле. Ние не располагаме со комоција, за да си допуштаме во тој однос лекомислености. Јас ја имав на ум токму оваа поука кога во една пригода реков дека јазикот е нашата единствeнa неподелена татковина! – подвлекува Конески.
Големиот македонски поет, академик Блаже Конески е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, филолог и лингвист, литературен историчар, преведувач и професор, вонсериски лингвист, меѓународно реномиран славист, автор на фундаментални дела од областа на македонскиот јазик и македонската литература, втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје, кој денес го носи неговото име, декан, ректор, еден од основачите и прв претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ. Станува збор за име што го одбележа македонскиот 20 век.

Тој е суптилен лиричар, автор на 13 поетски книги, лауреат на значаен број македонски и меѓународни награди и признанија, како Хердерова награда, Његошова награда, Златен венец на „Струшките вечери на поезијата“… Исто така тој е и истакнат прозаист, есеист, публицист, полиглот, препејувач од многу јазици на делата на низа поети, како Његош, Прешерн, Хајне, Блок, Мицкјевич, Неруда, Волкер и Мајаковски. Неговите дела се преведени на голем број јазици. Тргнувајќи од сопствениот творечки опит, го потенцира значењето на усната народна традиција како основна платформа врз која ја артикулира својата индивидуалност. Притоа сметаше дека и тој самиот нужно создава во дослух како со постојната културна традиција така и со јазикот, сензибилитетот, кодот и духот на колективот, како и на сопствената епоха…
Многубројните и компетентни проучувачи го нарекоа македонски Вук Караџиќ, прв човек на македонската ренесанса, енциклопедија на македонската филологија, вистински репрезент на европската хуманистички ориентирана интелигенција, мудрец на македонското писмо. Благодарејќи му нему, македонскиот јазик мошне рано ги доби главните столбови со кои веќе можеше сериозно да се претставува во светот на науката – правописот, граматиката, речникот, историјата на јазикот…
Во својот „Дневник по многу години“, Блаже Конески меѓу другото дава и неколку анегдоти од своите средби со Иво Андриќ. Едно од тие искажувања на нобеловецот е исклучително актуелно: „Сетете се како е да останеш без татковина. Тоа е исто како да останеш без покрив над глава“. Во тој контекст еве што запишал на 9 февруари 2007 година еден наш сонародник од пиринскиот дел на Македонија во книгата за впечатоци во спомен-домот на Конески во Небрегово: „Блаже Конески, ти клекнувам за поклон за трудот што си дал да спасиш мајчиниот ми јазик, со кој родната ми мајка ме галеше и пееше македонски песни. Со љубов“. Јордан Костадинов, град Сандански.
На 23 август годинава, дванаесет години по овој запис во куќата на Конески, Јордан Костадинов, македонски национален деец од пиринскиот дел на Македонија, борец за националните права на Македонците под Бугарија, почина во Сандански, Пиринска Македонија.

Фото: Маја Јаневска-Илиева