Не постои унапреден НАТО-статус

725
Фото: Игор Бансколиев

Домашната јавност е децидна и едногласна дека не постои каков било друг посебен статус во НАТО, освен земја-членка на Алијансата и земја-аспирант, по пишувањата дека Македонија може да добие некаков друг статус

Унапреден/надграден, специјален НАТО-статус на претстојниот самит на Алијансата е новата алтернатива и модификација (што личи на условената препорака на ЕУ од минатата година), која би можела земјава да ја добие во јуни доколку дотогаш не се најде трајно решение за наметнатиот проблем со уставното име на Македонија од страна на Грција. Оваа варијанта, која според медиумите е можна поради западниот дипломатски притисок за наше брзо членство во НАТО, деновиве стана особено актуелна по последната рунда разговори меѓу шефовите на дипломатиите Никола Димитров и Никос Коѕијас во Виена и истекувањето на времето за евентуално можно решение на спорот до лето.

Ваквите нови условувања во односите на Македонија со НАТО, кои личат на оние од последниот извештај на ЕК за напредокот на земјата во кој бевме уценети со условената препорака за почеток на преговори со спроведување на договорот од Пржино, сега, според пишувањата, многу веројатно ќе ни се наметнат со уставните измени што ги бара Атина како цена за наш влез во Алијансата. Домашната јавност е децидна и едногласна дека не постои каков било друг посебен статус во НАТО, освен земја-членка на Алијансата и земја-аспирант. Ваквите шпекулации што пристигнуваат од грчката јавност се неиздржани и надвор од здрав разум и треба да бидеме претпазливи притоа, тврдат експертите.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека прашањето за Македонија не е дали постојат алтернативи за членството во НАТО, туку дали тие алтернативи се вистински. Според него, базирано на анализа, ваквите шпекулации нема да имаат никаква додадена вредност за Македонија, освен некое хибридно решение со кое би нѐ наградиле за напредокот што земјава го направи во изминатиот период.

– Ваквите шпекулации во јавноста се надвор од секаква логика и здрав разум. Никаков унапреден или надграден НАТО-статус нема да го замени нашето полноправно членство во северноатлантската организација. Тоа само ќе биде некакво хибридно решение за кое сум дециден – е надвор од секоја логика. Друг статус во НАТО и не постои мислам на посебен. Ние имаме условена покана за членство во НАТО, која е јасна и е недвосмислена – објаснува Муслиу.

Политичкиот аналитичар во исто време додава дека овој евентуален статус нема никаква конекција со условената препорака на ЕК за ЕУ. Слично размислува и политикологот Милан Стефановски, кој за разлика од Муслиу додава дека Македонија доколку не го реши проблемот за името до претстојниот самит во јуни во Брисел, нема да може да влезе ни под привремената референца и покрај притисоците на Атина од Западот и руското влијание на Балканот.

– Ваквите гласини од типот на специјален статус во НАТО и наш влез под БЈРМ се надвор од секој разум. Ветото на Атина од Букурешт е активно и јасно сѐ додека не се најде решение. Дали временскиот период е краток тоа да се случи до следниот самит е друго прашање – вели Стефановски. Инаку, според пишувањата во медиумите, сега во центарот на преговорите е потпишување на меѓународен договор помеѓу двете земји, кој би предвидел (како подоцнежна обврска) промена на Уставот и почеток на процедурите што се неопходни за прием на Македонија во НАТО.

Шемата за која наводно сега се преговара е, според договорот, на самитот во јули, Македонија да добие „унапреден/надграден НАТО-статус“, а во документот да се стави категорично дека целосното членство во НАТО ќе ѝ биде доделено кога ќе биде завршена промената на Уставот, пишува грчки „Катимерини“. Во исто време малку е веројатно дека такви специјални покани ќе бидат испратени од самитот до јуни, иако претставници на НАТО во сите изјави досега велат дека е прерано за таква процена, и дека последната анализа за напредокот на земјава во однос на НАТО ќе биде направена пред јуни.

Сепак, Македонија се надева дека ќе биде на врвот на листата за прием. Земјата е практично кандидат за членство од 1999 година, истата година кога заедно со Албанија му се придружи на Акцискиот план за членство (МАП). Тирана доби покана во 2008 година, и во 2009 стана полноправен член, додека Црна Гора, која се приклучи кон МАП во 2009, веќе во 2017 стана членка на НАТО. Македонија поради ветото на Грција за влез во Алијансата сѐ уште е земја-кандидат. Ваквата модификација на земјава во односите со НАТО и дали Македонија има алтернативи на располагање за НАТО беше разгледана и од националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски. Пендаровски смета дека Македонија има алтернативи за НАТО, но не се квалитетни доколку не се најде решение за проблемот за името. Во однос на прашањето за името, Пендаровски истакна дека ако сега не се реши ова прашање, алтернативата е да се продолжи со преговорите, сѐ додека не се најде достоинствено решение.

– Најпогубно е да се повлечеме и да се затвориме дома. Ако не добиеме покана не е крај на светот. Битно е да продолжи преговарачкиот процес – нагласува Пендаровски.


Празни ветувања и измислени статуси

Од година на година, на еден, друг или трет начин со Република Македонија или поточно врз грбот на државата се прават најразлични преседани што вообичаено ја попречуваат државата во нејзиниот развој или предвидените цели. Најчесто ваквите преседани се во форма на барање да исполниме некакви дополнителни критериуми, услови, уцени и слично или на земјата ѝ се доделуваат некаква условена препорака, специјален статус итн. Најново во палетата преседани се најавите дека земјата може да добие специјален статус за членство во НАТО, но не и полноправно членство, кое според медиумските извештаи сега е условено со промена на Уставот, односно прифаќање на грчките уцени.

Она што збунува и изненадува е сознанието што вакви дополнителни барања, услови, (односно зачини и специјалитети од нечија туѓа политичка кујна), кои низ годините ги вкусила нашата држава не биле практикувани за други земји. Условите што важеле за нив не важат за нас. Од нас секогаш се бара нешто плус, нешто што го нема во општите критериуми за другите, кога станува збор за меѓународната политика, евроатлантските интеграции итн. Еве само неколку примери. Иако ги исполнуваше сите барани улови и критериуми Македонија не стана дел од НАТО во 2008 поради блокада на Грција. Потоа судски се докажа и со пресуда на Меѓународниот суд за правдата во Хаг дека блокадата на Грција била неправедна и незаконска. Но повторно ништо. Македонија и денес е надвор од НАТО. Сега само со нова обврска и унапреден/специјален статус во најава, што и тоа да значи. Слична е состојбата и за нашиот пат кон ЕУ.

Години едноподруго добиваме препораки за почеток на преговорите за членство во Унијата, но реално поместување од место нема. Претходно имавме и условена препорака што исто така беше преседан во историјата на ЕУ. И додека критериумите, меѓународното право важат за сите други еднакво, нам ни се поставуваат нови и нови специјални услови, ни се доделуваат измислени статуси и сл. Кои патем речено не само што се нелогични, понижувачки, уценувачки туку во голема мера се косат и со начелата на меѓународното право, демократските вредности и стандарди. Нема пример на држава во светот од која се бара да се откаже од своето исконско уставно име, идентитет, јазик, историја… Само нам како народ и држава ни се гази и негира и правото на самоопределување. Истовремено летвичката се подигнува сѐ повисоко, се бараат нови и нови отстапки, а за возврат практично не добиваме ништо. Пардон, сепак нешто добиваме. Празни ветувања и измислени статуси. Н.М.

Фото: Игор Бансколиев