(Не)уставно привилегирани

126
Фото: Дарко Андоновски

Со Законот за правата на претседателот на РМ и неговото семејство од 2004 година грубо е отстапено од начелото на статусна уставност. Со овој закон, донесен со обично мнозинство гласови, се воведуваат привилегии за претседателот за што нема ни збор во Уставот. За претседателот не важат условите за пензионирање предвидени со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Тоа е тешка повреда на уставното начело за еднаквост на граѓаните пред законот. За повредата, државните органи сѐ уште молчат, а научната мисла преточена низ експлицитните и аргументирани ставови на професорот Шкариќ, за пошироката јавност многу пластично објаснуваат каде лежи зајакот на една правна држава и на владеењето на правото

Феноменот на постојани привилегии, речиси за секој што зачекорил на политичката сцена во Македонија, најчесто е пресудниот прагматичен мотив за интерес кон политиката и политичкиот ангажман на значителен број актуелни или бивши политичари, веројатно многу поголем од приврзаноста кон одредена идеологија или политичка филозофија. Таквата прагматичност во политичкиот избор и ангажман, се покажува и како добар „обединувачки фактор“ и на крајно спротивставени политички опции, кои обично наоѓаат заеднички јазик во озаконувањето на заедничките привилегии, дури и кога веќе нема активно да учествуваат во политиката.

Но тоа е само еден мал дел што го отсликува феноменот привилегии. Битието е во нешто сосема друго и посуштинско, кое навлегува во владеењето на правото, односно практиката на носење закони, кои во основа го кршат највисокиот правен акт, Уставот. Ваквото „легално“ дерогирање на правната држава се провлекува од осамостојувањето, и само е доказ дека политиките го прегазија правниот систем. Имено, пред претседателските избори во Македонија, кои се одржаа пролетва, се актуализираше темата за привилегиите што ги имаат бившите претседатели на државата, кои покрај со Уставот се уредени (?!) и со Законот за правата на претседателот и на неговото семејство.

– Законот за правата на претседателот и неговото семејство треба да се стави вонсила, да се исклучи од правниот поредок, заедно со неговите последици. Тоа треба да го направи Собранието со закон, со кој треба да се ограничи и времетраењето на привилегиите на сегашните бивши претседатели. Ако Собранието не го направи тоа, тогаш Уставниот суд треба да го поништи законот бидејќи станува збор за неуставен и штетен закон. Законот е на страната на клиентелизмот, корупцијата и животот без супстанција. Кон него треба да се постапи на ист начин како што се постапи со Законот за лустрација – предлага професорот Шкариќ.

За можноста Уставниот суд да расправа и да го поништи овој закон за правата на претседателот и неговото семејство, доколку Собранието не поведе таква иницијатива, уставниот судија Ивановски вели дека во принцип постои, но Уставниот суд ретко, речиси никогаш не ја практикува.
– Во принцип, Уставниот суд може по сопствена иницијатива да отвори расправа за некој закон, за кој се смета дека не е во согласност со Уставот, доколку за тоа не расправа Собранието, но ретко, речиси никогаш тоа не го практикува. Вообичаено Уставниот суд расправа по надворешни претставки за прекршување на Уставот и законитоста. Таквата практика може да предизвика друга правна крајност, Уставниот суд да треба по сопствена иницијатива да реагира на сите прекршувања на законитоста, може да создаде правен амбиент тој да се поставува над сите други институции. Подемократски е совеста на јавноста да иницира расправа и поведување постапка за намалување на привилегиите на функционерите, односно на Законот за правата на претседателот и неговото семејство – вели поранешниот уставен судија, Трендафил Ивановски.

Што се оденесува до привилегиите на носителите на највисоки државни функции, експертите се категорични.
– Претседателот на Републиката има привилегии непознати за мала и сиромашна држава. Воведени се набрзина, на мала врата, со обичен закон. Како последица на тоа, Македонија е две децении во парадоксална состојба. Од една страна, претставува „златна земја“ (Елдорадо) за поранешните претседатели и нивните семејства, а од друга, граѓаните се дават во екстремна сиромаштија. Законот треба да се укине оти поттикнува клиентелизам, корупција и крадливи навики во општеството – пишува професорот по уставно право, Светомир Шкариќ, во една своја анализа.

Самиот принцип на привилегии до крајот на животот за поранешните претседатели на државата, односно доживотна пензија во висина на претседателската плата, според правниците, е анахрон концепт, несоодветен за модерните демократски држави.
– Практиката на долготрајни привилегии за носители на јавни функции, конкретно на доживотни привилегии за поранешните претседатели на државата ја компромитира идејата за градење општество како модерна демократија. Не се оспорува моментот да им биде обезбедена заштита (материјална и физичка) на носителите на јавни функции по завршувањето на нивниот мандат, за да не бидат предмет на атака поради нивното дејствување за време на мандатот, но тоа не треба да биде на штета на општеството, односно да не отстапува од принципот на еднаквост пред Уставот и законите. Или народски кажано, човекот кога си заминува од функција, да биде истиот човек пред стапувањето на функција. Доживотните привилегии за функционерите, освен што се противуставни и го прекршуваат владеењето на правото имаат и една неприродна димензија – вели Трендафил Ивановски, поранешен уставен судија.

Во својата анализа за привилегиите на претседателите, професорот Шкариќ наведува дека поранешниот претседател има право на вработување три стручни лица во кабинетот (чл. 4), но привилегиите не запираат на тоа.

– Тие опфаќаат и други права, како што се правото на канцелариски простор, правото на лично обезбедување, правото на службено возило и возач и правото на материјални трошоци во висина од 8 отсто од средствата во буџетот, наменети за претседателот (чл. 10). За двајцата поранешни претседатели годишно се издвојуваат буџетски средства од околу 300.000 евра. А средствата се користат бадијала што се гледа евидентно од десетгодишното користење на привилегиите од страна на Бранко Црвенковски. Правата ги немаат само поранешните претседатели што останале на функција до крајот на мандатот. Правата ги ужива и претседателот што трајно е спречен да ја врши функцијата пред истекот на мандатот. Ако поради здравствени причини, на пример, претседателот престане да ја врши функцијата, во таков случај тој веднаш ги добива наведените привилегии, независно дали функцијата ја вршел еден ден или подолго време (чл. 2). Оттука е силната желба да се освои претседателската функција, по секоја цена – пишува професорот Шкариќ.

Освен поранешниот претседател, според актуелниот закон за претседател од 2004 година, а дополнет во 2006 и 2007 година, привилегирано е и неговото семејство, особено ако во текот на мандатот претседателот почине. Покрај пензијата за брачниот другар (намалена за 30 отсто од претседателска плата) и за децата до нивната полнолетност, предвидена е и сопственост на градежно земјиште и станбен простор до 300 квадратни метри…

Фото: Маја Јаневска-Илиева