Неодговорноста го јакне вирусот и ја слабее државата

187
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Правопропорционално со растот на заразени од ковид-19 се зголемува и неодговорното однесување на луѓето, кои опуштени од укинувањето на рестриктивните мерки сѐ почесто и сѐ помасовно не ги почитуваат препораките и протоколите за заштита. Неносењето заштитна опрема и недржењето дистанца се само дел од несовесното однесување. Сѐ посериозно станува непочитувањето на протоколите за забраната на масовни собири. Забави по ноќни клубови, па дури и семејни забави, свадби и прослави стануваат речиси секојдневие, а никој за тоа не сноси никаква одговорност. Вчера беше организиран и протестен марш по иницијатива од одредени политички субјекти од албанскиот блок. Здравствените власти многупати потсетуваат дека токму групните собирања беа пресудни во Македонија да има дневно и трицифрена бројка на заразени. Како ќе се одрази ваквото однесување на луѓето врз здравјето во септември и во периодот кога ќе се појави сезонскиот грип е прашање на кое може само да се претпоставува.

Дали целата оваа ситуација, која излегува од контрола, ќе значи ново воведување карантини и затворање на економијата?
Ќе може ли државата да ја врати состојбата под контрола ако овој тренд продолжи? Води ли некој контрола за лицата што се заразени дали и колку ги почитуваат мерките за изолација?
Во јавноста сѐ почесто се шпекулира дека дури и лица што се позитивни на вирусот наместо во изолација излегуваат надвор од своите домови. Сите овие дилеми се сериозен предизвик за начинот на кој Македонија ќе се справува со кризата.
Лекарите алармираат дека општата состојба во државата не е добра и дека луѓето губат интерес за мерките за заштита. Велат дека од нив се бара да почитуваат четири протоколи. Да носат маски, да вршат хигиена и дезинфекција, да држат дистанца и да не се групираат.

Микробиологот Никола Пановски предлага да се воведе полициски час ноќе и државен карантин на сопствен трошок за сите што масовно ќе се собираат и ќе се забавуваат за да се намали ширењето на коронавирусот во Македонија.
– Полициски час што би бил ноќе нема да влијае на економијата или многу малку ќе влијае. Рестораните би можеле надвор да работат до 22 до 23 часот за да се спречи шетањето на младите навечер. Видовме што се случува по сите градови и допрва што ќе се случува во август. Очигледно дека државата не може да ги контролира сите места. Јас предложив да се забранат таквите собирања, ако се случи полицијата да ги однесе во државен карантин на нивни трошок – изјави Пановски.
Епидемиологот д-р Александар Стојанов, член на Комисијата за заразни болести и директор од Центарот за јавно здравје вели дека за сѐ што е дозволено да работи во земјава, за сѐ има пропишани мерки и протоколи за работа.

– Не е дозволена работа на ноќни клубови. Сите мерки и протоколи се пропишани. Има институции што треба да вршат контроли. Не можеме апсолутно да се заштитиме, но ако се почитуваат мерките, тогаш нема да имаме трицифрени бројки на заболени секојдневно. Ако проработи свеста кај луѓето и се почитуваат сите мерки, тогаш и од септември ќе биде подобра ситуацијата – посочува епидемиологот Стојанов.
Македонија ја очекува прославата на државниот празник Илинден, кој по традиција се чествува масовно на три локации, во Крушево, Пелинце и во Скопје. Владата во пресрет на празникот усвои протоколи за организирање државни настани, кои подразбираат пропишана дистанца и носење заштитна маска.

[email protected]