„Неморална“ или „аморална“, војната си е војна

199

Сите знаци на смирување на катастрофалниот воен и хуманитарен конфликт во Сирија можат да бидат доведени во прашање со непромислениот гест на американскиот претседател и на американската администрација, американската администрација, без разлика дали тоа ќе биде оквалификувано, како што пишува претседателот на американскиот Совет за надворешни прашања Ричард Хас, како „неморално“, или „аморално“, секоја војна е сепак војна и има своја цена и со сите средства треба да ѝ се застане на патот додека сѐ уште има време, а навистина „ракетните напади не се стратегија“ за тоа

САД, Британија и Франција, без санкционирање од страна на Советот за безбедност на ОН, на 14 април годинава извршија организиран масовен воздушен ракетен напад врз одредени цели во Сирија, како одговор на сѐ уште недокажаните обвинувања за наводна употреба на опасно и недозволено хемиско оружје во нападите од страна на редовните сириски воени сили против припадниците на терористичката организација на таканаречената Исламска држава (ИД), во градот Дума.
Овој еднократен напад против една суверена странска земја, американскиот претседател Трамп, побрза веднаш да го претстави како „успешен“, иако од сириски официјални извори беше потврдено дека од вкупно истреланите 103 ракети од околните носачи на авиони, дури 71 биле пресретнати и уништени од сириската противвоздушна одбрана, пред да стигнат до целта.

Оваа американска воена акција во Сирија, веднаш беше осудена и од страна на Руската Федерација – како една од земјите директно инволвирани во повеќегодишната војна во Сирија, како „нарушување на сите постојни меѓународни норми и правила“, а деновиве (24 април) потврдена и на состанокот во Пекинг на министрите за одбрана на Шангајската организација на соработка (ШОС) од страна на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, кој меѓу другото истакна и дека „основна цел на САД и на коалицијата во Сирија не претставува борбата со терористичките групи на Исламската држава, туку зацврстување на сопственото воено и економско присуство во регионот. За таа цел САД ја користат силната меѓународна антитерористичка коалиција од околу 30 земји за борба против меѓународниот тероризам и екстремизам.
Целта беше да се дестабилизира ситуацијата, која во последно време покажуваше знаци на смирување, а наводното постоење, производство и употреба на хемиско оружје од страна на Сирија, во случајов се само изговор“.

Ситуацијата во Сирија, според рускиот министер, почна да се менува кон подобро уште во 2015 година, со создавањето на „реалната антитерористичка алијанса“ со учество на Иран, Русија и на Турција. Уште веднаш паднаа во вода плановите на терористите на ИСИЛ за создавање на таканаречениот исламски калифат на територијата на Сирија. Голем дел од земјата е ослободен од терористите, но тие од територијата на Сирија и делумно од Иран, се дислоцираа во некои земји на Централна и на Југоисточна Азија. Загрижувачки податок е дека во последно време терористите во своите воени акции користат и некои најсовремени воени технички средства какви што се и беспилотните летала со дострел и над 100 километри, кои без техничко-технолошка помош од Запад не можат да се произведуваат.
Нивната примена е мошне опасна и особено може да биде катастрофална во густо населените азиски региони, беше истакнато со загриженост, на состанокот во Пекинг. Исто така, според оцените на рускиот министер за одбрана, на состанокот во рамките на ШОС, со американскиот напад врз Сирија е прекинат почнатиот процес на смирување на воената ситуација во земјата, што беше потврдено и кон крајот на јануари годинава во Сочи на форумот на Конгресот на сирискиот национален дијалог одржан и организиран според руска иницијатива.

На овој форум е активиран женевскиот процес на политичко регулирање на сириското прашање и натамошното решавање на овој голем и тежок, според своите воени и хуманитарни последици, конфликт. Тоа беше констатирано и потврдено и на 4 април годинава во Анкара за време на одржувањето на руско-турскиот самит. Борбата со меѓународниот тероризам е директно поврзана и со решавањето на актуелните хуманитарни проблеми што во последно време ги оптоваруваат Европа и светот. Со хуманитарните, уникатни акции спроведени во сириските градови Алепо и Гута се спасени животите на околу 200 илјади сириско население, со учество на ОН, Меѓународниот комитет на Црвениот крст и сириско-арапската Црвена полумесечина. Сите тие знаци на смирување на катастрофалниот воен и хуманитарен конфликтот во Сирија можат да бидат доведени во прашање со непромислениот гест на американскиот претседател и на американската администрација, без разлика дали тоа ќе биде оквалификувано, како што пишува претседателот на американскиот Совет за надворешни прашања Ричард Хас, како „неморално“, или „аморално“, секоја војна е сепак војна и има своја цена и со сите средства треба да ѝ се застане на патот додека сѐ уште има време, а навистина „ракетните напади не се стратегија“ за тоа.