Нема ЕУ за Македонија и Македонците

2401

ЕУ за Македонците остана егзотичен остров, кој сега е многу подалеку отколку кога се почна да се плива за да се стигне до него. Ова можеби најилустративно може да се види од изјавата на претседателот на Словенија, Борут Пахор, кога кажа: „Што направи Северна Македонија за нејзината европерспектива? Направи сѐ, и уште повеќе, а што доби за возврат – ништо и уште помалку“. Од ова се наметнува заклучокот зошто Македонија не треба да брза со решенија што би имале историско штетни последици по македонскиот народ. И да не подлегнува на какви било нонпејпери и тајни документи што навлегуваат во нејзиното суштинско постоење

Парафразата на македонската народна поговорка дека брзата кучка не мора слепи кучиња да раѓа е соодветна метафора за да се објасни затишјето што последните месеци владее во односите меѓу Република Македонија (Северна официјално) и Република Бугарија. Ако поговорката кажува дека од работите што се прават набрзина резултатот може да биде неповолен, така може да се оцени перидот што е зад нас и што остави големи национални и државотворни дилеми. Ново бранување, но не толку неочекувано, дојде од другата страна на брегот – од Албанија во обелоденувањето на некаков хибриден нонпејпер, полош од претходните, во кој Македонците се сведуваат на луѓе родени од други родители, на вонбрачни деца, во народот познати како копилиња.
Мора да се истакне дека минатогодишната атмосфера на политичка хистерија што ја демонстрираа двете страни, кај нас дури неконтролирано наметнувана од Зоран Заев и од Бујар Османи, не донесе позитивни ефекти и покрај сиот вложен труд. Вклучувањето на шестата брзина во трката да почнат пристапните преговори за вклучување во процесот за прием во ЕУ ги изложи на низа понижувања и неизвесности Македонија, како држава, и македонскиот народ, како посебна нација. Бугарскиот офанзивен притисок, првин од премиерот Бојко Борисов, потоа од претседателот Радев, не наиде на соодветен одговор од македонскиот политички врв. Таквата македонска позиција оние блиску до власта ја оценија како добра тактика, а оние од опозицијата и дел од граѓаните како недозволиво попуштање и клањање пред навредите и небулозните бугарски барања. Ако првиот став се правдаше со наводни препораки и совети од американската амбасада и од неколку европски поддржувачи, вториот беше протолкуван како државотворна слабост без преседан.

Што ќе се случеше ако се избрзаше?

Едно од можните прашања поставени во овој контекст е што ќе се случеше со Македонија ако ан – блок ги прифатеше бугарските услови, нешто што го најави претседателот на Владата, Зоран Заев, во апокалиптичното интервју за телевизијата БГНЕС? Дали тогаш ќе се одржеше пристапната конференција на која се инсистираше, дали сѐ ќе останеше исто или Македонија ќе се најдеше извисена, оставена на тенок конец. Прашањето добива тежина особено по падот на владата на Бојко Борисов, влада што е потписник на Договорот за добрососедство и пријателство, а Бојко како негов гарант? Секоја непристрасна анализа ќе покаже дека Македонија не ќе добиеше ништо, а ќе загубеше многу. Ќе ѝ беа ампутирани повеќе национални атрибути без никаква компензација, пак ќе беше далеку од ЕУ колку што ќе биде наредните десетина години. Ќе добиеше стап без да ѝ биде понуден морков како утеха.
Сега е актуелен некаков нов нонпејпер, објавен од албанската телевизија ТВ Клан Македонија, за кој тврди дека е дел од некаков план за решавање на македонско-бугарскиот спор. Штом го има телевизијата тој документ, сигурно го има и Владата на Северна Македонија, која најверојатно, како по обичај, ќе демантира или ќе тврди дека е пробен балон, што нема да биде далеку од вистината. Но и да е пробен балон, не е ништо помалку индикативен од други, за кои прво не се верувало дека постојат, а подоцна станувале реалност. Ако претходниот нонпејпер дојде од Словенија, овој пат доаѓа од Албанија, држава со која Македонија плива во иста матна вода. Но Албанија не е без интерес што повеќе да се минимизира македонското мнозинство во Македонија, да се обезвредни македонската автентична историја, да се стесни нејзиниот политички простор. Во овој контекст таа е поблиску до Бугарија одошто до Македонија, а со такви намери е и дел од албанскиот политички блок во самата Македонија, дали преку претставници на ДУИ или на други партии, сеедно, нема разлика.

Македонија доби ништо и уште помалку!

Интересно е што овој нонпејпер доаѓа само неколку дена по одржаниот Бледски стратегиски форум на лидерите на Западен Балкан со дел од европската висока администрација задолжена за проширувањето на Унијата. Општа оцена на крајот беше дека на Блед лидерите на земјите од Западен Балкан залудно говореа за неисполнетите очекувања од Брисел, за одмрзнување на процесот на проширување, додека излагањата на европските претставници беа мошне „дефанзивни“. Таа воздржаност од европските високи бирократи е протолкувана како тактички потег на Брисел за „добивање време“ во неможност да постигнат поширок консензус во рамките на Унијата за побрз прием на земјите од Западен Балкан.
Македонија таму не помина ниту црно-бело, како што обично бидува по секоја средба со европски претставници на разни форуми, дебати и конференции. Таму Заев со свои уши можеше да ги чуе изразите на сочувство заради неговата изгубена битка. Словенија, земја во која македонската дипломатија полагаше надежи за поголема помош во својство на претседавач со Унијата, јавно соопшти дека е немоќна што било да стори и покрај првичните изјави дека еден од приоритетите ќе ѝ биде разврзување на Гордиевиот јазол меѓу Македонија и Бугарија. Таа немоќ не ја соопшти Јанез Јанша, кој не ужива симпатии кај актуелната власт поради врските со Груевски, туку Борут Пахор, претседателот на државата. Пахор директно сам се праша и подиректно сам си одговори: „Што направи Северна Македонија за нејзината европерспектива? Направи сѐ, и уште повеќе, а што доби за возврат – ништо и уште помалку“. Сигурно дека Заев и преостанатите од македонската делегација не се чувствувале удобно во фотелјите кога директно им е кажано каков тежок пораз доживеале со својата политика, менувајќи ги името, уставното устројство и целосниот лик на државата за да добијат „ништо и уште помалку“.

Фото: Игор Бансколиев

Пахор изрази и друг вид песимизам изразен низ неговите обиди да ја разбере ситуацијата во ЕУ каде што проширувањето во моментов не е приоритет, имајќи ги предвид сите проблеми во ЕУ и пошироко. Во истата насока повеќе од директно отворен беше и премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, кој изјави дека Хрватска е за проширување на ЕУ, но дека некои членки на Унијата се алергични на какво било споменување на тој процес. Само од овие искрени изјави, а не од лицемерните фрази на еврократите, јасно ќе се види дека во скоро време Македонија нема никакви шанси да се пласира во квалификациските натпревари во ЕУ, без разлика што и да направи. Дури и да се откаже од себеси, да се прогласи за бугарска земја, да признае дека Македонците биле и се Бугари, како што всушност се бара, и тоа нема да биде од помош. Вратите на ЕУ и натаму ќе бидат затворени затоа што клучните земји во Унијата се алергични на каков било прием на нови членки, најмалку на тој список да се најде Македонија.

Меркел, Бојко и Заев

Уште неколку други околности не одат во прилог на Македонија, околности што ќе го држат затворен и прозорецот, камоли вратата. Во прв ред се собраниските и претседателските избори во Бугарија и заминувањето на германската канцеларка Ангела Меркел. Искуството од двата пропаднати избори и од функционирањето на привремената влада покажува дека во соседната држава никој нема такви уставни овластувања, ниту силен и сигурен мандат, што може проблемот со Македонија да го реши на своја рака, без оглед кој и колкав притисок да му вршел. Освен тоа, Бугарите се единствени, (за разлика од македонското национално неединство), во гледањето и ставот дека Македонците мора да се изјаснат за Бугари, ако сакаат да бидат идни граѓани на Унијата. Нивната Декларација за односите со Македонија, додека кај нас власта сонуваше донкихотски соништа, ја подигнаа на ниво на Свето писмо, Библија во која никоја нивна власт не смее да смени ни точка ни запирка. Значи, до изборите, до денот кога ќе биде познато која партија ќе формира влада и кој ќе биде претседател на Бугарија, нема преговори. Сите контакти се само формални, лицемерни, ефемерни. Сто отсто така ќе биде неколку месеци по изборите додека се формира, (ако се формира) нова влада и додека претседателот на застане цврсто во фотелјата. Сѐ дотогаш, можеби и подоцна ќе се игра пинг-понг дипломатија додека не се случи некое чудо, рамно на земјотрес или потоп. Или Америка и НАТО, ако мислат дека Бугарија и Македонија се рамно со Авганистан, па да извршат блицкриг ноќен десант за утредента никој да не разбере што се случило.
За значењето, учеството и улогата на Ангела Меркел во балканските работи, преку Берлинскиот процес и преку одлуките на самата влада, можеби не знаат врапците, ама многу добро знаат балканските лидери. И идејата за зближување меѓу Бугарија и Македонија е иницирана од Меркел. Според добро упатени извори, тоа се случило токму на денот кога Бојко Борисов го однел под рака својот иден брат Зоран Заев во нејзиниот кабинет во Берлин и го претставил како најнадежна личност за нов сојуз на старите братски народи. Македонската јавност не знае што таму, а и на други места, ветувал Заев, но очигледно е дека некаде изговарал реченици што денес го принудуваат на нелогички и необјасниви отстапки на штета на македонскиот народ, неговиот идентитет, јазик и писмо. Значи, ќе ја нема Ангела Меркел. На новиот канцелар, исто така, ќе му треба време да ја има Македонија на својата агенда, ако некогаш ја видел на картата каде се наоѓа и ако знае што луѓе се граѓаните на Македонија. Патот да се стигне до срцето на Германија, ќе биде уште подолг, одошто беше досега. Далеку и студено е германското срце, а доаѓа и зимски период.

Опасна игра со „дуалноста“

Нонпејперот што пристигна од Албанија е во дупла бугарска корист. Подготвувачите на овој предлог ги преферираат бугарските позиции за заедничка историја и за немање автентичен национален идентитет на Македонците. Во него првпат се појавува терминот на „дуалност“, односно на двојност што подразбира дека Македонците се Македонци, ама истовремено и Бугари. Се бара дуално да се гледа на сите прашања, дуално да се толкуваат сите недоразбирања. Во таа дуалност спаѓа и признанието од страна на Македонија дека во Бугарија не постои македонско малцинство, а во Македонија постои бугарско, што е далеку од принципот на реципроцитет. Дека Бугарија е единствена држава – нација држава, а Македонија ниту е држава, ниту пак Македонците се посебна нација. Според нонпејперот сите овие предлози би требало да се прифатат како факти и како вистина и да се внесат не само во политичкиот корпус туку и во образованието. Со овие предлози на македонската горчина ѝ се додава уште една доза пелин, имајќи предвид дека, на еден или друг начин, тој процес на одмакедончување е почнат преку Министерството за образование со промена на учебниците и уништување на книгите во кои е напишана македонската историја.
По изложувањето на актуелните домашни и меѓународни околности, нејасно е дали и кога процесот на проширување ќе тргне од мртвата точка.

Очекувањата на балканските земји се сведени на минимум, разочарувањата од изневерените надежи се големи. Македонија, која направи големи отстапки на сопствена штета, го доби НАТО, но само како гола политика непоткрепена со пари или со други компензации од кои корист би виделе и граѓаните, а не само политичарите. ЕУ за Македонците остана егзотичен остров, кој сега е многу подалеку отколку кога почна да се плива за да се стигне до него.
Сето ова го наметнува заклучокот зошто Македонија не треба да брза со решенија што би имале историско штетни последици по македонскиот народ. И да не подлегнува на какви било нонпејпери и тајни документи што навлегуваат во нејзиното суштинско постоење. Властите изјавуваат дека нема преговори за идентитетот, јазикот и писмото, но тие три елементи се суштината на проблемот меѓу двете земји. Претседателот Пендаровски јавно се држи до тој став, Заев, како и во други пригоди, знае да се измолкне, да го порече тоа што изрече. Конечно, Република Северна Македонија по овие прашања има донесено Платформа во Собранието, која не мора да биде Библија, но не и брза кучка што слепи кучиња ќе раѓа.

[email protected]