Некои Грци договорот од Преспа го доживуваат како лична трагедија

867
Фото: Игор Бансколиев

Интервју: Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција во Република Македонија

Ваша екселенцијо, на 11 ноември се навршија точно 100 години од крајот на Првата светска војна. Како го одбележа Франција овој голем празник?
– Низ спомените на семејствата, затоа што целиот француски народ беше длабоко погоден од овој ужасен конфликт што ги преполови нашите семејства и го опустоши северниот и источниот дел на земјата. Низ спомените за сплотеноста против непријателот и натчовечкиот отпор, како тој во Верден. Низ сеќавањата за војниците од сојузници, кои ја споделија нашата победа и му го отворија патот на народот кон еднаквоста и слободата. Ги чуваме спомените за сојузниците од целиот свет што дојдоа на нашите боишта. На Парискиот мировен форум беа поканети шеесетина шефа на држави и влади, како и претставници на граѓанското општество од целиот свет што ќе ја искажат својата верба во свет на мир и соработка. Во време кога сме соочени со враќањето на несебичноста, популизмот и национализмот дури до срцето на Европа, ова ќе биде можност да ги искажеме нашата волја за одбрана на мултилатерализмот и нашата верба во мирот и развојот, подготвени да одговориме на новите глобални предизвици. Македонија беше претставена од претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој беше поканет да се обрати во оваа пригода како претставник на пријателски и сојузнички народ. Не забораваме дека Битола, како и Верден, била одликувана со Воен крст со палма, значајно одликување за градот чие население претрпело големи страдања.

 
Кажете ни поконкретно какви активности и манифестации беа организирани тој ден во Битола и во Република Македонија?
– Оваа годишнина ја одбележивме во Скопје во саботата, на 10 ноември, кога на Француските воени гробишта, со пригодна церемонија, на која беше прочитана пораката на претседателот Макрон упатена до нацијата, како и имињата на војници што оваа година загинаа за Франција, додека нашата земја продолжува да се бори за своите вредности, денес против тероризмот и фанатизмот. По завршувањето на церемонијата, се потпишавме во книгата за гости во неодамна отворената Спомен-куќа и музеј. Во неделата, на 11 ноември, во Битола учествував најпрво на српската церемонија, на која бев поканет, а потоа и на двојната заедничка франкогерманска церемонија на двете воени гробишта во Битола, во присуство на дипломатскиот кор и највисоките претставници на земјата, како и градоначалниците од регионот. Група млади дојдени од Франција, како и средношколците од Битола, оддадоа посебна почит и беше откриена спомен-плоча посветена на мирот, извајана од ученици од Кутанс, во Нормандија.
Со поддршка на општината Епинал, го проширивме чествувањето преку превод на француски јазик и испраќање во Франција на изложбата посветена на Македонскиот фронт, а реализирана од македонското Здружение на професори по историја. Во неа детално се опишани фазите на војната и животот на цивилното население и на војниците, што ќе овозможи да ја приближиме до француската јавност оваа заедничка европска историја, која тамошната јавност сѐ уште малку ја познава.
Така, подобро ќе се разбере што ни носи заедништвото, како и надежта што ја споделуваме во Европа за мир.
 
Тој ден одржавте заедничко чествување со Германија, како ден на помирувањето. Како успеавте двете земји, кои некогаш се гледаа преку нишанот, да се помирите и да заборавите на непријателствата и страдањата?
– Мојот германски колега, кој не е франкофон, се потруди да го одржи својот говор на француски јазик на нашите гробишта, за што навистина ни е мило. Јас, пак, зборував на германски јазик на Германските воени гробишта, исполнет со емоции, размислувајќи за одредени моменти од нашето семејно минато. Не го забораваме минатото, чии поуки ни овозможуваат да изградиме подобра иднина.
 Двата народа се различни и нивниот однос кон светот не е ист, но тие се свесни за својата одговорност во служба на еден подобар свет и знаат дека дури и моќни и богати (двете земји го надминуваат придонесот во НАТО што го даваат САД), тие не само што се потребни една на друга туку имаат потреба и од други земји. Тие го негуваат проектот што го создадоа двајца големи луѓе, Аденауер и Де Гол, кои поминале низ Првата светска војна, а потоа и низ премрежињата на Втората светска војна, кога сфатиле дека можат да помогнат во создавањето еден нов свет, каде што Европа ќе стане дел од историјата, а не место на внатрешни или надворешни ривалства. Предизвикот останува ист и во денешни услови наспроти САД, Русија и Кина.
 
Ваша екселенцијо, во последно време помирувањето како чин е присутно и на македонската политичка сцена. Таквата можност ја најави лидерот на СДСМ и актуелен премиер Зоран Заев. Дали вие лично верувате дека во Македонија е можно да дојде до помирување на политичарите?
– Слогата меѓу граѓаните е минимален услов за напредок кон Европа. Помирувањето со своите соседи, пронаоѓањето на патот за искрена соработка меѓу заедниците, да се врати братството меѓу граѓаните и да ѝ се стави крај на скриената граѓанска војна помеѓу „приврзаниците“ и „предавниците“ е оној неопходен патоказ. Значи, треба да се престане со говорот на омраза: не, противникот не е во принцип „антизападно“ настроен, бидејќи е поврзан со одреден број вредности што одговараат на неговиот идентитет.
Не, не сака да го „продаде името“, тој што смета дека дури и болните компромиси се неопходни за да се обезбеди влез на земјата во Алијансата или Унијата! Исто така, важно е политичарите да се откажат од говорот на омраза или исклучувања и да бидат за пример. Но тоа е став што треба да се промени.
 
Можноста за помирување е во врска со настаните од 27 април, кои, како што изјавивте во едно интервју за „Нова Македонија“, и лично ги доживеавте, бидејќи се најдовте пред парламентот. Дали во Македонија може да дојде до помирување по тие крвави настани, кои можеа да доведат до меѓуетнички судир?
– Овие настани имале многу различни нивоа на одговорност и треба да се направи точна процена, што може да потрае одредено време. Не можеме да ги ставиме на исто ниво, со добра причина, демонстрантите што влегле во парламентот, со откриени лица и без насилнички намери, за разлика од маскираните и насилни луѓе, хулигани или дури и можни убијци. Не можеме да ги мешаме познатите личности, кои барем имале храброст кога ги правеле своите постапки, кои ја презеле врз себе неоспорната одговорност, и заговорниците, кои можеа да ја воведат земјата во граѓанска војна, или кон сериозни внатрешни нарушувања. Ние не можеме сите да ги етикетираме како „терористи“. Оттука, кога се работи за доброто на земјата, тоа е она што ќе помогне во донесувањето на одлуките, да се пронајде онаа тешка рамнотежа меѓу човечкото разбирање и неопходното одржување на минималните стандарди без кои е невозможно да се изгради владеењето на правото. Не смееме да заборавиме дека одредени договори може да бидат извор за големи забуни кај луѓето во свет каде што реперите и вредностите стануваат неразбирливи. Неприфатливо е одредени лица, кои можеби биле организатори на тие насилства, да избегнат казна за своите дела, дури и за возврат на точно определени услуги.
 
Со изгласувањето на 80-те пратеници за почнувањето на постапката за уставни измени, практично на повидок е прифаќање на договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Грција. Дали вие лично верувате дека со неговото изгласување во Собранието и прифаќањето на уставните амандмани, Македонија ќе стане членка на НАТО и ќе ги почне преговорите за ЕУ?
– Оваа ратификација е неопходен елемент за отворање на патот кон интеграциите. Тој кон НАТО е најмалку тежок, кога ќе нема пречки од која било држава-членка. Франција, од своја страна, без двоумење ја поддржува кандидатурата на Скопје, како што изјави претседателот Макрон при средбата со премиерот Заев. Патот кон Европа бара нов напредок во областа на реформите, кои зависат од вас самите, а исто така ќе биде потребно и од европска страна сите земји-членки да бидат подготвени да прифатат ново проширување. И ние имаме многу реформска работа што ни претстои за да ги примиме новите членки, со оглед на очигледните недостатоци на сегашната Унија. Но тоа не треба да нѐ спречи да работиме заедно, врз конкретни елементи за да бидеме подготвени кога ќе дојде времето за интеграција.
 
Мислите дека договорот од Преспа ќе биде изгласан во грчкиот парламент?
– Во секој случај, тоа е она што го предвидува договорот и она што го бараме, бидејќи овој договор е добар за целиот регион и за Европа. Ова го кажуваме во Атина, како и во Скопје.
 
Како вие го оценувате договорот за решавање на спорот со Грција за името?
– Потребна беше храброст за да се потпише и сѐ уште ќе треба да постои добра волја за помирувањето да биде успешно. Духот на меѓусебното разбирање ќе биде мошне значаен, како и желбата двете земји да испишат нова страница во историјата на овој регион во светот, сто години по завршувањето на Првата светска војна.
 
Дали сметате дека Македонија е можеби единствена земја во Европа што се најде пред исполнување таков услов да мора да го смени името за да стане членка на НАТО и на ЕУ?

– Македонија останува Македонија со географско име. Тоа ќе биде крај на едно долготрајно недоразбирање, кое постоело дури и пред создавањето на НАТО и на Европската Унија. Отстапките ги чинат двете страни, како што можам да разберам од некои грчки пријатели, кои отстапката во врска со името на Македонија на северниот сосед ја доживуваат како лична трагедија. Имам други пријатели што плачеа овде кога се гласаше за уставните амандмани. Неопходно е да се почитуваат националните чувства, тоа е неоспорно. Тие носат жалење и огорченост, но дали треба по таа цена да се остане заробен во ситуација кога можеби имате право, но останувате во ќор-сокак?


Помирувањето е основата на обединета Европа

По повод Денот на примирјето од Првата светска војна и Денот на народна жалост, амбасадите на Република Франција и на Сојузна Република Германија вчера заедно го одбележија споменот за сите мртви, ранети, исчезнати и раселени лица, за жртвите на насилство и ранети лица од сите војни и сите народи на Француските и Германските гробишта во Битола.
Во присуство на претставници на државните и локалните власти, како и на дипломатскиот кор, амбасадорите на Сојузна Република Германија и Република Франција им се обратија на присутните во знак на помирувањето меѓу двете држави.
– Денеска по стоти пат го одбележуваме крајот на Првата светска војна. За време на овие смртоносни битки, речиси 10 милиони луѓе се соочија со сурова смрт, а уште 20 милиони беа повредени. Ова сеќавање треба и во денешно време да опоменува за мирот. Тоа нѐ обврзува да покажеме дека извлековме поука од искуството на разорниот век. Германија и Франција успеаја да го пронајдат патот кон своето помирување – истакна германскиот амбасадор Томас Герберик.
Францускиот амбасадор во земјата, Кристијан Тимоние, пак, додаде дека денес Французите и Германците станаа сојузници и пријатели, кои заеднички се сеќаваат со истата емоција пред овие загубени животи.