Некаде рестрикции, некаде олеснувања, во Македонија анализирања

68
Фото: Игор Бансколиев

Македонија размислува да забрани јавни собири, Црна Гора воведува полициски час, додека во Грција во неколку региони има специјални ограничувачки мерки. Сепак, има и држави каде што мерките се олабавени

КАКО СЕ СПРАВУВА РЕГИОНОТ СО ПАНДЕМИЈАТА

Македонија, како и земјите од регионот се во очекување на есенскиот бран на ковид-19. Некои од државите веќе воведуваат нови мерки, а некои и олабавување на дел од мерките, но во Македонија проблематични стануваат јавните собири, каде што не се почитуваат мерките за заштита.
Во Црна Гора, тамошниот Институт за јавно здравје предложил воведување дополнителни мерки за да се спречи ширење на коронавирусот поради исклучително распространетиот локален пренос, големиот број хоспитализирани и огромниот притисок врз здравствениот систем.
Мерките се во сила веќе од вчера, а треба да обезбедат да се спречи интензивното ширење на епидемијата во првата половина на октомври и да се зачуваат здравјето и животот на населението.
Изминатиот период сведоци сме дека и во нашата земја сѐ почесто е организирањето јавни настани на отворено, но исто така, се забележува дека на голем дел од тие настани не се почитуваат основните протоколи за носење маска и за држење растојание.
Венко Филипче, министерот за здравство, истакна дека ако продолжи ваквата практика ќе има целосна забрана за настани.
– Веќе најавивме дека ќе преземеме и дополнителни рестриктивни мерки, а една од нив е целосна забрана за настани, ако видиме дека ваквата состојба продолжува. Многу земји во светот ги откажуваат настаните и концертите практично за цела 2021 година, стравувајќи од непочитување на мерките. Интензивно ќе следиме и ќе видиме што ќе преземеме – изјави Филипче.
Филипче се надева дека наскоро македонските граѓани ќе можат да патуваат во државите од регионот без ПЦР-тестови. За иницијативата сѐ уште се чека одговор од соседите меѓу кои и од Бугарија и од Грција.
Светската здравствена организација (СЗО) седум месеци по прогласувањето на пандемијата на коронавирусот во светот, посочи четири приоритети во борбата против ковид-19, а тоа се превенирање масовни собири, заштита на ранливите категории лица, едукација и поттик и помош на заедниците да се заштитат и себеси и другите, користејќи ја секоја алатка што им е достапна и да се обезбедат основните права, да се најдат, тестираат и да се грижат за позитивните случаи, односно да се следат и да се изолираат нивните контакти.

Црна Гора:
Од вчера до 12 октомври, поради зголемувањето на случаите на коронавирус во Никшиќ, Беране и во Андриевица, се воведува полициски час од 22 до 5 часот наутро, а работата на угостителските објекти и домашните посети ќе бидат забранети. Во Рожае се забранети работата на угостителските објекти и одењето на гости. Во Котор, Будва, Подгорица и во Плевља, од 28 септември до 12 октомври, угостителските објекти ќе имаат право да работат само до 22 часот, а на масите ќе може да седат најмногу две лица.

Србија:
Кризниот штаб во Србија донел одлука за ублажување на мерките поради стабилната епидемиолошка состојба. Работата на кафулињата и рестораните во затворени простории е продолжена до 23 часот, во согласност со сите пропишани мерки. Вкупниот број луѓе во затворен простор треба да биде ограничен со квадратурата на собата, растојанието помеѓу гостите да биде најмалку еден и пол метар. Следните недели ќе се разгледува и можноста да се дозволи одржување јавни манифестации.
Коронавирусот е регистриран кај 33.384 лица во Србија од почетокот на епидемијата, а регистрирани се 747 смртни случаи.

Косово:
Владата на Косово донела одлука за укинување на негативниот ПЦР-тест за транзит. Граѓаните што со возило преминуваат низ Косово кон некоја друга држава се должни да потпишат само изјава дека во рок од три часа ќе ја напуштат територијата на Косово. Оние, пак, што треба да патуваат преку меѓународниот аеродром „Адем Јашари“ во Приштина, мора на граница да прикажат авиобилет. Тестот останува задолжителен во случај граѓаните што не се од Косово да сакаат да се задржат на територијата на државата.

Словенија:
Изминатиот петок, во Словенија биле забележани рекордни нови 192 случаи на ковид-19. Владиниот портпарол за ковид-19, Јелко Кацин, на Твитер објавил дека епидемиолошката состојба во државата не се подобрува, нема пренесување на вирусот од странство, доминираат локалните инфекции, па затоа најавил дека
Владата може да донесе нови мерки за спречување на епидемијата, а веројатно тоа ќе биде забрана за собирање луѓе во групи со повеќе од шест лица.

Албанија:
Властите во Албанија најавиле нови олеснувања на антиковид-мерките со што ќе се дозволи да се отворат рестораните и во внатрешноста, што кај голем дел од јавноста и од опозицијата предизвика критики, зашто сметаат дека бројот на заразени од ковид-19 во Албанија секојдневно расте.

Бугарија:
Бугарија засега нема нови мерки поврзани со коронавирусот, но откако беа отворени градинките и училиштата се соочува со пораст на нови случаи. Во тој контекст властите преземаат локални мерки, кои подразбираат и затворање на некои градинки.

Грција:
Појавата на нови жаришта изминатиот период предизвика загриженост кај грчките власти, кои ставија неколку региони во овој дел на земјата под режим на специјални ограничувачки мерки.
Во една фабрика во округот Пела на северот на Грција биле регистрирани 191 позитивен случај на ковид-19 меѓу 680 вработени. Областите Пела, Пиерија, Иматија и Кукуш се ставени под посебен режим на ограничувачки мерки, за да се стави под контрола ширењето на вирусот. Во овие области, носењето заштитни маски е задолжително и во затворен и во отворен простор, додека е забрането одржување какви било настани и собири на повеќе од девет лица, на јавни места и во домови.

[email protected]