Недисциплинираните ученици може да бидат отстранети и од онлајн час

94
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во согласност со новите препораки на Министерството за образование и наука, учениците не смеат да ги снимаат онлајн часовите, а се препорачува на часовите камерите да им бидат вклучени на сите за време на часот

ПРАВИЛАТА ШТО ВАЖАТ ВО ВИСТИНСКАТА УЧИЛНИЦА ВАЖАТ И ВО ВИРТУЕЛНАТА

Учениците во државата неодамна беа запознаени со правилата за однесување на онлајн часовите, преку документот со препораки што го усвои Министерството за образование и наука. Во него е напишано дека учениците не смеат да ги снимаат часовите, а се препорачува на часовите камерите да им бидат вклучени на сите. Наставниците и професорите во основното и во средното образование, имаат право да отстранат од час ученик што на каков било начин го попречува часот и може да не му дозволи пристап до истиот тој.
– Учениците не смеат да практикуваат препишување и лажно претставување, со цел да стекнат предности во однос на другите од аспект на оценување на постигањата. Секое прекршување на авторските права се смета за лична одговорност на корисникот на платформата/учењето на далечина. Учениците се охрабруваат да напредуваат, да се грижат за себе и за другите. Наставниците се должни да се грижат за здравјето на учениците, односно за оптовареноста на видот и ’рбетот на учениците. При работа со ИКТ-уреди и во текот на наставата треба да се предвиди одмор за раздвижување, релаксација на видот и подобрување на циркулацијата – стои во препораките за однесување на наставниците и на учениците.
Овие правила, на одделенските часови неодамна им беа прочитани на учениците од нивните класни раководители. Сите дисциплински мерки и санкции што се предвидени, може да се применат ако бидат прекршени и правилата во виртуелната училница.

– Камерите треба да бидат вклучени, освен ако поради техники причини, слаба конекција, чести падови на истата таа наставникот не наложи поинаку. Микрофонот е потребно да биде исклучен, освен кога ученик одговара на прашање или не му е јасно нешто врзано за наставната материја. Се препорачува одржување, следење на онлајн часовите на тивко место во домот, со оглед дека сите ученици на часот може да ги чујат заднински звуци кај оној кој зборува (звук од телевизор, лаење на домашни миленици и слично). За време на наставата на далечина важат истите правила на однесување како во училница – стои во документот од МОН.
Меѓу другото, наставниците секојдневно водат детална евиденција за присуството. Учениците немаат право да вклучат други ученици од училиштето или од друго училиште, преку споделување на линкот од часот.
– Секое постапување спротивно на ова, може да резултира со поведување и изрекување педагошки мерки во постапка утврдена со правилник за педагошки мерки – е нагласено во правилата.

Ученикот што ќе биде избркан од часот, добива неоправдан изостанок. Наставникот има право да отстрани ученик од онлајн час ако ученикот го попречува часот – се однесува недолично, вулгарно и дискриминирачки, употребува непристојни зборови или вербално ги навредува преостанатите ученици на часот, поттикнува електронско насилство и објавува коментари што може да се интерпретираат како навредливи, дискриминирачки или вознемирувачки или испраќа материјал со навреди за преостанатите ученици или кон наставниците.
– Освен што се евидентира ученикот како неоправдано отсутен, против него може да биде поведена дисциплинска постапка. Во врска со одговорностите на наставниците и на учениците, тие мора да создадат атмосфера за учење, почит и соработка. Тие треба да промовираат учечко-поучувачка ефективна комуникација што ги вклучува сите. Тие треба да се мотивирани и активно да учествуваат во виртуелната училница – пишува во документот.
Околу 200.000 средношколци и основци во Македонија трет месец следат настава, од кои помал дел учат со физичко присуство, а мнозинството учат онлајн. Неодамна беа впишани оценките за двомесечие, откако учениците решаваа тестови и пополнуваа наставни ливчиња. Распустот за учениците започнува од 31 декември, а назад на училиште ќе треба да се вратат на 21 јануари.