Неверојатни совпаѓања на случувањата со хонгконшкиот грип во Македонија од 1968 година

14190

Во архивата на весникот има текстови за хонгконшкиот грип што во земјава пристигнал есента и зимата 1969 година, бидејќи, за разлика од денес, кога коронавирусот поради глобализацијата пристигна од Кина за неколку недели, тогаш за префрлање на вирусот од Азија во Европа биле потребни повеќе месеци

Статиите на „Нова Македонија“ од 1969-та
потсетуваат и поучуваат

„Од грип болен секој четврти Италијанец“, „Епидемијата на грип се шири низ Европа“, „Епидемија на грип во целата земја“, „Епидемијата на грипот не стивнува во Македонија“, „Во Дебар прогласена состојба на епидемија на грип“, „Многу заболувања во Свети Николе“ се дел од насловите објавени во „Нова Македонија“ во декември далечната 1969 година, во кои буквално како да е пресликана актуелната ситуација со пандемијата на ковид-19.
Но тогаш станувало збор за таканаречениот хонгконшки грип, кој првпат се појавил кон средината на 1968 година и од кој во светот починале еден милион луѓе, а за кој малкумина знаеле.
Во контекст на актуелните случувања со пандемијата на ковид-19, во следните денови ќе објавиме неколку објави од весникот од 1969 година, поставувајќи паралела со актуелните случувања денес.
Епидемијата на хонгконшки грип во поранешната ФР Германија во текот на зимата 1969/1970 година одзела меѓу 40 и 50 илјади животи, додека други десетици илјади настрадале во тогашна ДР Германија, поточно Источна Германија. Болниците секаде биле преполни и немало доволно легла, а биле регистрирани и многу заразени меѓу медицинскиот персонал.
Малкумина денес се сеќаваат на таа пандемија, која има големи сличности со денешната пандемија на ковид-19, а меѓу причините за тоа е различниот пристап на политичарите тогаш и денес.

Вирусот А(Ха3Ен2) зимата 1969/1970 година довел до затворање некои училишта и компании во ФР Германија, каде што имало регистрирано голем број заразени, но тоа не се однесувало и на другите компании. Покрај тоа, политичарите во тоа време, за разлика од денес, дејствувале „исклучително мирно“.
Ситуацијата со грипот била крајно вознемирувачка во низа европски држави, а во САД бројот на жртвите бил близу 50.000 лица.
Погодена е Франција, каде што грипот одзема 31.000 жртви.
– Ги носеа луѓето на носила, а состојбата им беше катастрофална. Изгледаа бледо и умираа од излив на крв во белите дробови. Грипот ги погодуваше сите возрасни групи: од 20-годишните до највозрасните – се потсетува францускиот инфектолог Пјер Деламоника.
Неговите мемоари беа објавени во 2005 година во францускиот весник „Либерасион“.
И покрај ваквите случувања, тогашните политичари биле крајно бесчувствителни, а медиумите не информирале многу за овие трагични случувања.
И самиот однос кон смртта тогаш бил различен, а стратегијата била да се стекне имунитет на стадо, поради што целосен карантин и блокада на општествениот живот не се случиле.
Хонгконшкиот грип не ја одминал ниту Македонија, а сведок за овие настани што се речиси идентични со денешните е „Нова Македонија“, која и во тоа време сепак медиумски ги покрила актуелните случувања.

Имено, во архивата на весникот има текстови за хонгконшкиот грип, кој во земјава пристигна есента и зимата 1969 година, бидејќи, за разлика од денес, кога коронавирусот поради глобализацијата пристигна од Кина за неколку недели, тогаш за префрлање на вирусот од Азија во Европа биле потребни повеќе месеци.
Она што првично тогаш во декември 1969 година го објавува „Нова Македонија“ е под наслов „Во Дебар прогласена состојба на епидемија на грип“, притоа наведувајќи дека поради зголемениот број заразени со грип во овој македонски град е прогласена состојба на епидемија. Грипот ги наполнил локалните амбуланти, а медицинските работници работеле неуморно во спречувањето на ширењето на епидемијата. Затворени биле и некои од училиштата.
Интересно е што во целата ситуација Дебар повторно беше првиот македонски град во кој оваа пролет беше прогласена кризна состојба, бидејќи се сметаше за првото жариште на коронавирусот.
Од 13 март сите пристапи кон градот ги блокира полицијата, која не му дозволи на локалното население да го напушта Дебар, со цел ситуацијата да биде ставена под контрола. Храна, лекови и други материјали беа доставувани од другите делови од земјата, а по еден месец ситуацијата полека се нормализира.

(продолжува)