На терористичката ламја не ѝ се отсечени сите глави

302
Карикатура: Калц

Четворица американски војници загинаа, а тројца се ранети при експлозија што деновиве се случи во сирискиот град Манбиџ. Еден од сајтовите поврзан со терористичката организација Исламска држава објави дека бомбаш-самоубиец обвиткан со елек со експлозив ја нападнал патролата војници на коалицијата предводена од САД, која извршува операции во Манбиџ. Ова е само уште една потврда дека терористичката организација е жива и активна

Според најновата анализа во „Џејнс“, (британска групација што публикува безбедносно интересни и разузнавачки стории), а која се однесува на терористичката Исламска држава (ИСИЛ), се тврди дека терористичката група има нови никулци, во моментов е „конзервирана“ и го чека своето време во својата татковина Ирак пред повторно да се „отвори“.

Анализата на „Џејнс“, повикувајќи се на разузнавачки извори, тврди дека ИСИЛ „ја користи хаотичната и нерешена безбедносна ситуација“ во Ирак за сопствена реорганизација, враќајќи ги сигурните позиции на северните планини Кара Чок, без оглед на губењето на нивното основно упориште во Мосул пред само една година.

– ИСИЛ експлоатира далечни, често ретко населени области во кои може да воспостави физичка и логистичка инфраструктура за обезбедување засолниште и храна за своите борци – објаснува д-р Џонатан Спајер за „Џејнс“.

Овие планински упоришта, какви што се тунелите што ги попречија американските сили во борбите против ИСИЛ во Сирија, претставуваат „силни позиции за движењето, каде што можат да практикуваат контрола, од каде што ќе можат да се планираат и активираат операции, каде што можат да се сместат водачите и најпосветените ’војници’ и каде што ќе можат да се повлечат кога ќе се соочат со притисокот на ирачките безбедносни сили (ИСФ) и курдските вооружени сили Пешмерга“, додава тој.

Според делот од генералниот извештај на Пентагон, кој се однесува на Операцијата за пораз на ИСИЛ, како и на онаа наречена Пацифички орел – Филипини, се проценува дека ИСИЛ има помеѓу 15.500 и 17.100 борци во Ирак, а околу 14.000 во Сирија. Извештајот од една панел-дискусија на експерти во рамките на ОН, кој беше објавен во исто време, заклучува дека „ИСИЛ има приближно 30.000 припадници, еднакво распределени помеѓу Сирија и Ирак, а нејзината глобална мрежа прераснува во сѐ поголема закана“

Спајер, долгогодишен аналитичар за Блискиот Исток и хроничар на еволуцијата на ИСИЛ, во последниве неколку месеци темелно ја набљудуваше активноста на ИСИЛ во близината на планините Кара Чок, па, така, според негова анализа, се наѕираат долгорочните планови, кои произлегуваат од реинкарнирањето на овие упоришта.

– Најпосле, групата може да се обиде да ја развие (или оживее) својата способност за спроведување операции во една многу поширока област, вклучувајќи и во Багдад, Мосул и Самара, а потоа да продолжи и кон Сирија и Иран – вели тој.

Кој е виновникот за овој ненадеен подем? Според „Џејнс“, делумно тоа се ирачките безбедносни сили (ИСФ), кои потрошија премногу време во судири со курдските војници, кои се наводно нивни сојузници во борбата против ИСИЛ, наместо целосно да ги „исчистат“ оддалечените региони во земјата од борците на оваа терористичка организација.

– Ирачките безбедносни сили (ИСФ) не направија сериозен обид за сеопфатно „чистење“ на населените села од оваа област – тврди аналитичарот Спајер. Ова ѝ овозможи на Исламската држава да воспостави свое присуство во многу од нив, обидувајќи се да ја прекине и уништи комуникацијата меѓу локалните племенски структури и безбедносните сили – во тоа ѝ помогна и секташкото однесување на одредени групации на ИСФ.

За потсетување, на 19 декември, претседателот на САД, Доналд Трамп, неочекувано го најави комплетното повлекување на американските сили од Сирија, неколку дена подоцна, челниот административен претставник на Трамп во Глобалната коалиција за пораз на ИСИЛ и дипломатски архитект на мисијата против ИСИЛ, Брет Мекгурк, поднесе оставка во знак на протест. С.Н.М