На изборните листи 1.560 кандидати

68
Фото: Игор Бансколиев

Македонија годинава на 15 јули ќе гласа на десеттите парламентарни избори, петти предвремени по ред.
Ова се први избори во земјава, кои се одржуваат во услови на пандемија и на кои ќе се гласа три дена, односно 13, 14 и 15 јули.
На 13 јули 2020 година гласаат лицата што се во домашен карантин поради позитивен тест на ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
На 14 јули 2020 година гласаат немоќни и болни лица во согласност со членот 111 од Изборниот законик, како и хронично болните лица и другите лица, кои во согласност со Изборниот законик гласаат еден ден пред одржувањето на изборите.
Гласањето на 15 јули ќе започне во 7 часот и ќе трае непрекинато до 21 часот. Првпат на овие избори гласањето ќе биде продолжено за два часа, поради спроведувањето на мерките и протоколите за заштита од ширење на вирусот.

Право на глас ќе имаат еден милион 814 илјади и 263 гласачи.
На овие избори ќе има 3.390 избирачки места, 90 помалку од претходните избори. ДИК донесе одлука за гласачите од избирачките места со помалку од десет избирачи да гласаат во најблиското соседно избирачко место. Такви места има во Прилеп со 13 избирачки места со помалку од десет гласачи, Македонски Брод има 11, Пробиштип 7, Сопиште 3, Кратово 3 и Конче 3 такви места.
Граѓаните ќе имаат право да гласаат за 1.560 кандидати, распоредени на листите на 15 политички партии и коалиции.

Има вкупно 78 листи во шесте изборни единици. Само во втората изборна единица ги има сите листи, а најмалку листи има во шестата изборна единица.
Инаку, 15 јули, среда, е прогласен за неработен ден за сите граѓани, поради одржување на изборите и истиот тој нема да се одработува.
Овие избори требаше да се одржат на 12 април годинава, но поради пандемијата на коронавирусот, процесот беше одложен.