Фото: Маја Јаневска-Илиева

Постојаното повторување од Софија дека Бугарија е првата земја што ја признала независноста на Македонија во една ваква констелација не може да се сфати никако поинаку, освен како една лицемерна политика што во заднина има поинакви цели, односно преку негирањето на македонскиот народ и наметнувањето на своето бугарско потекло да се испере од сопствениот негативен дел во историјата, затоа што Македонците отсекогаш биле на вистинската страна, а Бугарите…

Нерационалната бугарска блокада на пристапните преговори на Македонија сè повеќе наидува на неодобрување кај земјите-членки на Европската Унија, кои сметаат дека е неразумно да се оспоруваат јазикот и идентитетот на еден народ и да се бара од него да прифати единствена „вистина“, и тоа бугарската?!
Неразумната блокада го кочи европското проширување и целосно го урива кредибилитетот на ЕУ на овие простори, поради што европските водечки политичари презедоа сериозна дипломатска офанзива за да ја убедат Бугарија дека блокадата не води никаде.
Потврда за ирационалноста на бугарските барања е петчасовната средба во Берлин, на која шефот на германската дипломатија Хајко Мас и германскиот министер за Европа Михаил Рот, бараа објаснување од министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева за блокадата на Македонија.
Тврдењата дека Македонија не ги исполнува одредбите од Договорот за добрососедство очигледно за земјата што претседава со ЕУ не се доволни, па лично и германската канцеларка Ангела Меркел се обиде во 40-минутна онлајн средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов да добие одговор на прашањето зошто ја блокираат Македонија.

Постојаното повторување од Софија дека Бугарија е првата земја што ја признала независноста на Македонија во една ваква констелација не може да се сфати никако поинаку, освен како една лицемерна политика што во заднина има поинакви експанзионистички цели, односно преку негирањето на македонскиот народ и наметнувањето на своето бугарско потекло да се испере од сопствениот негативен дел во историјата, но и да продолжи со сонот за санстефанска Бугарија што вклучува и територијални претензии.
Ваквата конзистентна бугарска политика уште од минатиот век целосно ги оддалечи двата народа, така што тврдењата на бугарските политичари, па и некои наши, дека станува збор за „братски“ народи се далеку од вистината, а како што сега стојат работите, тешко дека во скора иднина тие „ќе се побратимат“.
Доказ за тоа се резултатите од неодамнешната анкета во Бугарија, кои покажуваат дека дури 83,8 отсто од Бугарите се убедени и ги прифаќаат ставовите на својата влада, односно се против поддршка на Македонија за членство во ЕУ ако не се прифати бугарскиот ултиматум за нивната „историска вистина“, односно дека македонската нација и јазикот на кој таа говори имаат бугарски корен.
Бугарија во овој момент својата неразбирлива блокада ја правда со позицијата дека „Македонија не го почитува Договорот за добрососедство, погрешно ја толкува историјата, а јазикот и народот во таа земја имаат бугарски корен“.

Згора на тоа, тоа го поткрепуваат со несфатливото тврдење дека македонската нација е творба на авторитарен режим пред 75 години, играјќи на картата на односот на Европа кон авторитарните режими. Сепак, очигледно ваквите нивни ставови не поминуваат како што самите претставници на бугарските власти очекуваа.
– Да, македонската нација е конструкција, исто како и бугарската, српската, хрватската, јапонската или етиопската. Тоа не значи дека нечии национални чувства се помалку реални или имаат помалку релевантно политичко значење, но затоа ги прави мошне смешни напорите на државите да го туркаат населението во „трлото“ на одредена нација. Постепено, ваквите напори стануваат и отворено дискриминаторски, бидејќи во суштина, национализмот не претставува – иако десничарските политичари што живеат од него први ќе го нападнат овој термин – ништо друго освен политика на идентитет – е ставот на Стефан Гужвица, историчар.
Професорот на Универзитетот во Грац и експерт за Југоисточна Европа, Флоријан Бибер, бугарската блокада на Македонија ја објаснува со политичките превирања во Бугарија и играње на националистичката карта на тамошните власти како одговор на антивладините протести што ја потресуваат земјата изминатите неколку месеци. Тоа, според него, ѝ причинува штета и на Македонија, иако двете земји претходно постигнаа Договор за добрососедство.

– Без оглед на домашните мотиви за бугарските тврдења, тие ризикуваат да создадат непоправлива штета. Северна Македонија е очигледна жртва. Прво, таа беше блокирана од грчките приговори, а откако тие беа решени, Франција стави вето на почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ, најмногу поради нејзината резервираност кон Албанија. Откако ЕК прифати методологија за проширувањето, сега Бугарија се заканува дека ќе го блокира процесот – вели Бибер.
Тој смета дека по жртвата што Македонија ја направила со промената на името, сега кај граѓаните има низок степен на толеранцијата за какви било понатамошни отстапки поради малтретирање од некоја соседна земја.
– Ризично е да биде казнета земја што презеде повеќе напори од која било друга во последните години за да се ослободи од авторитарното владеење, да ги реши отворените билатерални прашања и да продолжи со реформите. Тоа ќе ги наруши напорите на реформаторите – смета Бибер.
Според него, бугарската блокада ќе поттикне и други земји-членки да ставаат вето и тоа ќе го наруши уште повеќе проширувањето на ЕУ.

Ако Бугарија се извлече од тоа, другите земји од Западен Балкан ќе се обесхрабрат, додека членките на ЕУ може да се охрабрат да најдат некои отворени прашања со земјите-кандидатки за членство. Но на крајот, најголемата штета е на самата ЕУ. Унијата се заснова на признавање на различноста и разликите. Давањето можност за различни идентитети е клучна премиса на Унијата и им овозможува на членките да работат заедно без да си го наметнуваат својот поглед на минатото или нивниот национален идентитет. ЕУ е заснована на консензус, што исто така значи дека ниту една држава или нација не може да им го наметнува својот историски наратив на другите. Ова е многу важно особено на Балканот, каде што земјите и нациите, особено малите, честопати сметаа дека се жртви на амбициите на поголемите соседи. Европската интеграција е за да им даде на државите и нивните граѓани поголема еднаквост и чувство на безбедност, наместо да се поткопуваат – заклучува Бибер.
Бугарскиот новинар Љубомир Мартинов ѝ дава сосема различен, внатрешнополитички тон на бугарската блокада на Македонија и истата таа ја поврзува со изборите во Бугарија следната година.
– Со децении кога македонското прашање ќе стигне на политичката агенда во Бугарија тоа е поврзано со изборите, а следните ќе бидат во март 2021 година – вели Мартинов. Тој додава дека бугарскиот спор со Скопје е погрешна стратегија за која било политичка партија што сака спорот да го искористи само за да собере поддршка на изборите.

Александар Кржаловски, првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, смета дека има време нешто да се направи да се спречи бугарската блокада, но според него, следејќи ги изјавите на политичарите од двете земји, голема е веројатноста Бугарија да остане на ветото.
– Сметам дека е поверојатно ние да добиеме „не“ од Бугарија. Дел од причините се сигурно претстојните избори кај нив, но гледам други и во нивното изненадување какви сѐ отстапки направивме ние кон Грција (откако го склучивме договорот со нив), а не е исклучено и само да го бараат тоа на што со тој договор сметаат дека Македонија се обврзала – вели Кржаловски.
За Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика, бугарското вето ги поткопува кредибилитетот на ЕУ и целиот процес на проширување на Балканот.
– Прашањето за влијанието врз реформските процеси е она суштественото. Во литературата на проширувањето досега важеше правилото дека пристапниот процес дава силен импулс за реформи. Но сега се поставува прашањето на одржливост на реформите, имајќи ги предвид ретроградните процеси во некои од новите држави-членки – вели Ристевска Јорданова.
Академик Катица Ќулавкова смета дека Македонија не смее никако да потклекне на бугарските уцени и да се откаже од сопственото минато.
– Ако се откажеме од нашето минато, не само што ќе бидеме без корени, ќе оставиме пат за Бугарија да каже дека сме бугарско малцинство што во дадени историски околности се издвоило во Југославија – вели Ќулавкова.

Според неа, и европската интелигенција ја гледа безумноста на актуелното бугарско однесување кон Македонија.
– Напросто е безумно и тоа веќе го гледа европската интелигенција и безумно е да се бара да си го поништиме самите државотворното право, да си ги поништиме самите и потекло и идентитетот кои се целите на тоа потекло – истакна академик Ќулавкова
Како и да е, изминатите неколку дена ќе бидат пресудни за Македонија кога ќе се знае дали силната меѓународна дипломатска офанзива ќе успее да ја убеди Бугарија да ја повлече блокадата и да почне да ги почитува европските вредности, според кои, напредокот на една земја се оценува според постигнатите реформи, а не според задоволувањето на себичните апетити на одделни земји-членки на ЕУ.