Најголемиот психолошки експеримент во историјата е во тек

776
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Една од клучните карактеристики на луѓето е приспособливоста, а таа дојде до израз во текот на пандемијата, наведува психијатарот Џорџ Ваилант од универзитетот „Харвард“, кој вели дека „кога гранката ќе се свитка и нема да се скрши, таа се враќа и продолжува да расте“

САМОИЗОЛАЦИЈАТА, КАРАНТИНИТЕ, МЕРКИТЕ – ТЕСТ ЗА ЧОВЕШТВОТО

Најголемиот психолошки експеримент во историјата е во тек. Со пандемијата на коронавирусот, карантините, мерките за изолација и самоизолација се погодени милијарди луѓе во светот. Голем број психолози во многу земји истражуваат како луѓето всушност реагираат на проблеми, пренесува „Сајентифик Америкен“.
– Влијанието на пандемијата на психичкото здравје е неверојатно. Во еден момент дури една третина од светската популација била затворена дома. Тоа значи дека 2,6 милијарди луѓе повеќе одошто ги имаше на планетата во текот на Втората светска војна, доживувале емоционални и финансиски одек на пандемијата. Пандемијата и карантините без сомневање се најголемиот психолошки експеримент во историјата што некогаш е спроведен – напиша психологот Елке ван Хуф, професорка на Слободниот универзитет во Брисел.
Една од клучните карактеристики на луѓето е приспособливоста, а таа дојде до израз во текот на пандемијата, наведува психијатарот Џорџ Ваилант од универзитетот „Харвард“, кој вели дека „кога гранката ќе се свитка и нема да се скрши, таа се враќа и продолжува да расте“.

Во прилог на неговата метафора зборуваат и последните сознанија од психолошките истражувања. Според нивните резултати, дури две третини од луѓето брзо закрепнуваат и не страдаат од подолги психолошки проблеми по тешки и стресни ситуации. Но таа една третина страда од вистински проблеми, кои може да траат со месеци, па и години.
Луѓето се среќаваат со повеќекратни удари – страв од болести, осаменост, губење блиски луѓе, последици од економската криза, неизвесност кога ќе заврши пандемијата. Многумина поради сево ова ќе страдаат од депресија, анксиозност или посттрауматски стрес. Тоа го покажаа и резултатите од последните истражувања.
– Пандемијата ги активира сите можни извори на стрес, нешто што многу тешко се поднесува – кажа психологот Анита Делонџис од универзитетот „Британска Колумбија“.
Отпорноста на секој поединец и натаму се усложнува со оглед на фактот дека не се сите изложени на пандемијата на ист начин и дека тоа зависи од личната здравствена состојба, економскиот и социјалниот статус, наведува медицинскиот антрополог Керол Вортман од универзитетот „Емори“.

Поради таквото влијание на менталното здравје и психолозите ги засилија своите истражувања за психолошките последици на пандемијата.
Масовниот премин во виртуелен начин на работа и дружење, придонесе за забрзување и на истражувањата. Психијатарот Денис Черни од медицинската школа „Маунт синај“ во Њујорк, наведува дека тоа ќе придонесе за новата „наука за приспособливоста“.
– Ќе можеме да научиме како да им помогнеме на луѓето да станат отпорни на нешто дури и пред да се случи тоа – наведува тој.

Џорџ Бонано од универзитетот „Колумбија“, кој ги истражуваше психолошките последици на големите трауми, наведува дека 65 отсто од луѓето покажуваат минимални психолошки симптоми кога се соочуваат со голем стрес. Но 25 отсто од нив имаат има привремени проблеми, а 10 отсто страдаат од трајни ментални нарушувања. Она што загрижува е тоа што кај луѓето што се пониско на економската скала, двојно е поголема опасноста од психијатриски нарушувања.