Најголема е довербата во цивилното општество

37
Фото: Дарко Андоновски

Речиси 60 отсто од граѓаните во државите од Западен Балкан, меѓу кои се и Македонците, не им веруваат ниту на владите, ниту на парламентите, ниту на правосудството, а уште помалку на политичарите

Степенот на доверба на граѓаните во власта и во политиката на Западен Балкан е алармантно низок. Речиси 60 отсто од граѓаните во државите од Западен Балкан, меѓу кои се и Македонците, не им веруваат ниту на владите, ниту на парламентите, ниту на правосудството, а уште помалку на политичарите. Единствено она во што верува народот од регионот позначително повеќе за разлика од централната власт е цивилното општество. Ова се податоците од истражувањето на Евробарометарот за 2018 година, кои ги претстави во Тирана, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС), Мајлинда Брегу.

РСС, кое е извршно тело на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, чиј основач и полноправен член е и Република Македонија, понатаму во извештајот наведува дека најфункционално тело што може да ги повика властите на одговорност, повеќе и од медиумите или од парламентите, е токму цивилното општество.

– Со оглед дека граѓаните им веруваат на организациите на цивилното општество и очекуваат тие да вршат притисок врз властите, овие организации треба да се концентрираат на четири главни елементи – владеење на правото, јакнење на институциите, примена на културата на граѓански притисок и избегнување на можноста да станат заложници на владини средства со кои, всушност, се купува клучната можност за нивно дејствување – смета Брегу.

Од друга страна, според домашните познавачи на состојбите, невистините стануваат почести особено за време на избори.

Политичките аналитичари, не обидувајќи се да го оправдаат туку само да најдат објаснување за големото количество лаги истурени особено во предизборните кампањи, велат дека народот сака да верува во подобра иднина, но политичарите често ја злоупотребуваат таа верба и си дозволуваат да говорат невистини.
Дотолку повеќе и што нема кој да ги санкционира.

Според аналитичарите, македонските граѓани се свесни дека политичарите лажат. Разликите се во нијанси, но општ е впечатокот дека манипулацијата стана врвна алатка за владеење, особено во политиката и во секојдневниот живот. Политичкиот аналитичар Ристо Никовски вели дека констатацијата дека граѓаните на Западен Балкан не им веруваат на своите влади и институции е апсолутна реална и вистинита.

– Ваквите тврдења се апсолутна реалност, бидејќи прво, сите тие влади покажуваат недоволна компетентност од една страна и второ, влијанието и мешањето на западните сили е директно и многу често контрапродуктивно на интересите на земјите.

Поради тие состојби, граѓаните често сметаат дека живеат во протекторати и покажуваат директен отпор кон таквите состојби. Исклучително значаен фактор на овој план е и огромната корупција, односно за да завршиш каква било работа ти треба да платиш. Тоа најверојатно е и најголемата причина и проблем за недовербата во власта и во институциите. Ако тука се спомене и судството, кое де факто не функционира, се повлекува прашањето: А кому да веруваат граѓаните и зошто? – вели Никовски.

Во исто време, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу истакнува дека политичките лаги и лажните вести се глобален проблем, на кој не е имуна македонската политичка сцена.

– Глобално никој не може да манипулира со тебе ако ги проверуваш фактите, така што ниедна страна во приказната тука не е без вина. И ние, граѓаните, сами сме виновни што не ги проверуваме фактите за да увидиме кој нѐ лаже, а кој не. Ова е двонасочна улица и мора да се внимава. Во исто време, политичарите лажат, а ние граѓаните сме подготвени да ги прифатиме тие лаги, а тоа е така поради што во земјава има испревртени вредности. На пример, на Запад, политичарите се трудат да не лажат, бидејќи за тоа преземаат последици. Кај нас вредностите се изместени. Тие лажат, а ние веруваме во работи што не се остварливи и ги прифаќаме – вели Муслиу.

Тој дообјаснува дека целиот тој круг треба да се консолидира за да започне моментот кога ние граѓаните нема да ги прифаќаме лагите што ни ги сервираат политичарите.

Инаку, истражувањето на Евробарометар е спроведено минатата година и се направени споредби со истражувањето од претходната година, во период кога во регионот имаше неколку изборни циклуси, но и кога се случија и повеќе настани на политичката сцена во Македонија.