Нацијата, мултикултурноста, граѓанскиот концепт и двоетничката реалност

219
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Што понатаму и која состојба ја покажува сегашниот „карактерен идентитет на државата“? Менува ли нешто промената на Уставот и уставните амандмани направени по Преспанскиот договор? Каков е импактот врз категориите како што се националност, етникум, граѓанство, државјанство?

Мултиетничноста и мултикултурализмот како концепт никогаш не биле непознати на просторот на Македонија. Тука отсекогаш постоела една шареноликост на тоа поле. Покрај Македонците, како носечки дел, тука силно се негувале, поттикнувале и охрабрувале етничките, културните, верските различности на жителите на овие простори. Во такви историски околности беше и создадена првата македонска држава, меѓународно признаена, најпрвин во рамките на југословенската федерација, каде што карактерот и државотворноста ѝ припаднаа на една нација, според концептуален приод на т.н. национални држави. Со осамостојувањето и новиот устав, тој концепт беше разнишан, па националната држава на македонскиот народ полека уставотворецот ја трансформира во т.н. граѓански концепт. Невообичаено, но и мултиетничкото општество се преобразуваше во мултиетничка држава. Долго време луѓето ниту правеа разлика каде концептуално „плови македонскиот брод“ и како карактерно односно формалноправно државата преку Уставот и законите, наедно и ние со неа, се преобразува. Згора на сето тоа, за „македонската салата“ да биде навистина целосно измешана, уште една нација сакаше да биде државотворна, па нејзиното замешателство во сето ова изроди нов концепт!? Со претставката „би“ (односно „дво“), концептот за граѓанска еднаквост како карактер на државата ретерира во концепт на двонационалност (не само двојазичност), туку со сите понатамошни придружни референци на дводомна држава, која сѐ уште формалноправно докрај не метаморфозирала како таква.

Што понатаму и која состојба ја покажува сегашниот „карактерен идентитет на државата“? Менува ли нешто промената на Уставот и уставните амандмани направени по Преспанскиот договор? Каков е импактот врз категориите како што се националност, етникум, граѓанство, државјанство?

Уставни експерти што ги анализираат амандманите и уставниот закон, во делот на новото дефинирање, констатираат дека „новото поимање на државјанството не ја определува ниту ја предодредува етничката припадност на граѓаните“.

Реномираниот професор Светомир Шкариќ има свое видување за оваа појава, кое го наведува во својата студија.

– Државјанството е македонско, со што се зајакнува македонскиот карактер на државното уредување во правна, политичка и културна смисла. Тоа е чекор напред во однос на досегашното уставно решение за државјанството, кое е исклучиво правно, безлично. Новото поимање на државјанството не ја определува ниту ја предодредува етничката припадност на граѓаните, но не ја исклучува ни можноста од нивно поклопување кај оние граѓани што се чувствуваат како Македонци или што сакаат да бидат Македонци, независно од нивната етничка припадност или неприпадност.

Авторите на договорот од Преспа имаат современ пристап кон државјанството. Со такво сфаќање на државјанството, македонското општество побрзо ќе се трансформира од мултиетничко во граѓанско општество и посигурно ќе се движи кон ЕУ – вели професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ.

Но трансформацијата од мултиетничко во граѓанско општество, која ја загатнува професорот Шкариќ во својот текст, го отвора прашањето дали тоа значи заговарање и обид за промоција на некаков наднационален концепт на државата, кој претпоставува бришење на етничкиот предзнак и себеидентификација на граѓаните што живеат во Македонија.

Професорката по Уставно право на Правниот факултет при УКИМ, Татјана Каракамишева-Јовановска, пак, тврди нешто сосема различно.

– Да се гради граѓански карактер на држава што од самиот почеток е етнички втемелена, а особено по примената на Охридскиот рамковен договор (ОРД), со кој сите пори во општеството се етнифицираа, е како да кажеш од денеска куќава нема да ја држат постојните темели, туку некој друг досега непоставен. Каде беше проф. Шкариќ во 2001 година, кога се носеше ОРД и кога се направи најголемата уставна измама со внесување на процентите во Уставот за етничките групи да стекнуваат права? Каде беше тогаш да каже дека е невозможно со проценти да се добиваат човекови права, туку сега, откако етничкото го проби дното и откако се виде дека никаде нема да нѐ однесе ваквата поделеност, сега најде да мудрува дека Преспанскиот договор дефинирал модерен концепт на државјанство. И не е точно дека ова е модерен концепт. Во сите држави тој концепт се темели на нацијата, на пример американска, германска, шпанска, италијанска или друга нација и граѓани припадници на нацијата.

Кај нас немаме, ниту некогаш сме имале македонска нација, па сега, наместо тој национален концепт, се турка бришење на етничката припадност, во замена за граѓани. Со тоа практично ќе се избрише и државотворниот народ во Македонија – македонскиот, што е најпогубната работа во целиов процес на етноцид што се врши врз Македонците. Гледаме ќе туркаат и попис без етничка графа, спротивно на сите пописни практики во Европа, а сѐ со една цел, да се избрише доминантното македонско население како сопственик на македонската држава – вели Татјана Каракамишева- Јовановска, професорка по Уставно право на Правниот факултет при УКИМ.

Во контекстот на надминувањето на мултиетничноста со граѓанскиот (како наднационален) концепт, се спротивставуваат конституционалната теорија и практика според која граѓанското општество не го негира националното, односно не условува со бришење на етничноста на граѓаните на една држава. Но практиката во Македонија покажува дека обидите и со мултикултурниот и со граѓанскиот концепт обично се сведуваат на фаворизирање две заедници.

Историчарот Тодор Чепреганов исто така има многу интересно видување поврзано со ваквите дилеми.

– Луѓето не се компјутери, па да им се сменат чиповите и одеднаш да почне да функционира нов државно-општествен концепт, според потребите на политичарите. Како прво, концептот на граѓанската држава не ја исклучува етничноста. На пример, Австралија е мултиетничка граѓанска држава. Во македонската општествена практика, пак, се покажа дека секое експериментирање со мултиетничноста и мултикултурализмот води кон федерализација. Мултикултурализмот не подразбира фаворизирање на две заедници во општеството, како што се случува во Македонија.

Граѓанскиот концепт, како наднационален, можеби е добар, но македонското општество не е созреано за него, токму поради тоа што неговите граѓани, со сето историско и традиционално наследство, не се компјутери на кои само може да им се смени чипот. Мултикултурализмот се покажа како неуспешен проект и во Европа, што го призна и германската канцеларка Ангела Меркел. Во Германија сега се применува еден поинаков концепт – интегрирање на мигрантите во системот, што со други зборови значи асимилација – размислува историчарот Тодор Чепреганов.