Националноста и државјанството низ призмата на спогодбата од Мала Преспа

579
Фото: Игор Бансколиев

За Балканот, но и за Централна и за Источна Европа кога се зборува за нација и за државјанство, процесот поврзува држава и етнос, а не држава и демос, што значи дека тоа ќе доведе до проблеми и ние ќе ги видиме тие проблеми при отворањето на прашањето за преамбулата. Во Грција честопати потсетуваат дека со „спогодбата“ тие не признаваат нација туку индивидуално право на самоопределување. Токму затоа мислам дека во овој сет случувања ние не треба да глумиме Французи на Балканот. По таа логика, која ние сакаме да ја спроведеме, Обединетите нации би се викале обединети граѓани!?, поентира професорката Сиљановска

Во предвечерието на кампањата за референдумот, тесно поврзан со спогодбата со Грција, стручната јавност, за разлика од пресингот на политичарите, сѐ уште срамежливо се обидува да ја доближи фактичката состојба до граѓаните и да направи вистинска проекција како спогодбата со Грција ќе се одрази врз македонскиот национален идентитет, јазик, државјанство…

Во сублимиран заклучок, експертите со кои се консултиравме за оваа проблематика советуваат дека во земјава внимателно треба да се мониторира секој дел од ова случување бидејќи влогот е огромен, а и последиците можат да бидат несогледливи.

Според едноставното разбирливо и педантно објаснување на универзитетската професорка Гордана Сиљановска, основната дилема што во овој момент треба да си ја поставиме секој пред себе во овој момент е всушност, што имаме ние сега во нашите лични документи, а што потоа, по ова прашање, добиваме на тој план.

– Во нашите пасоши, во делот на националност (нашионалети) си пишува македонско (мацедониан), во сите компаративни искуства во светот па дури и во грчкото на пример стои грчко (грик) или албанско (албаниан) итн. Никаде нема, тараба (слеш) каде стои некакво објаснување, односно во документите никаде нема објаснување дека таа лична исправа е користена од граѓанин на Република Грција или Република Албанија. Конкретно само со овој аспект на случувањата тука сме ние повторно суи генерис (латински израз што значи вид/ генус уникатен по своите карактеристики) во овој случај – вели професорката.

Според професорката, оваа промена, кога во Европа владее процес на европеизација, не е добро да се случи туку ние треба да се држиме до стандардните норми и правила што важат за сите европски народи и нации.
– Од друга страна, точно е дека денес во документите на Советот на Европа и на Европската легислатива се вели дека националност е синоним на државјанство, во смисла на тоа дали вие (индивидуата) сте станале државјанин на неколку начини на одредена држава, тоа може да се постигне со раѓање, со докажување потекло на родителите и со натурализација (ако добиете од една земја државјанство, поради долг престој, брак, посебни заслуги и итн.). Но, битно е да се напомене дека самата конвенцијата, која ги регулира овие односи, се вика Конвенција на националност, а не конвенција за државјанство (ситизеншип) – објаснува професорката.

Според неа, ако националност на англиски е исто што и државјанство тогаш во англискиот јазик би се употребувал и терминот (нешнлс), иако тоа не е така, а станува збор за синоним.

– Повторно сакам да напоменам дека такво објаснување какво што ќе стои во нашите документи поради оваа логика на работите го нема никаде во светот бидејќи ниту една држава нема дополнително објаснување во документите на оваа графа – вели Сиљановска.

Професорката подвлекува дека иако овие термини се третираат лингвистички како синоними, сепак во уставното право кога се зборува за граѓанин (ситизен) тоа повеќе асоцира на односот на индивидуата кон земјата (во смисла на обврски како нејзин припадник на плаќање даноци, служење војска итн.) и терминот се подразбира повеќе во правото како синоним за слободите и правата што ги ужива личноста ако е дел од некоја држава.

– Во оваа смисла да кажеме дека сепак зад тарабата има објаснување граѓанин, иако досега немало светски пример во кој овој дел е иако го има во конвенциите на Европа тој сепак не се објаснува во документите. Личните исправи секогаш употребуваат минимум зборови затоа што се документи, а не романи за опширно да го објаснуваат на пример пасошот. Токму затоа прашувам што има да се објаснува дека некој е граѓанин на една држава кога сите знаеме што е државјанство – вели Сиљановска.
Според неа, во светската практика, која ја третира оваа правна проблематика, постои европска конвенција што се вика Конвенција за овозможување на правото на глас на локални избори на странци што подолг период престојуваат во други држави.

– Имено, оваа терминологија честопати може да се употреби од страна на Венецијанската комисија, кога таа дава забелешки, на пример, како се одвивале изборите во една држава. Обично кога ги анализираат изборите во Македонија, но и во други држави од регионот, тие во еден параграф често знаат да нотираат дека се препорачува државата да овозможи лицата што не се граѓани, а подолго време престојуваат на една територија, да имаат право да гласаат на локални избори – вели таа.

Професорката истакнува дека она што ја загрижува во оваа поставеност на работите, според кои правно, но и логично носи заклучок, е дека утре некој што не е државјанин на земјата, ќе може да гласа на локалните избори и во иднина на овој начин тој ќе ги има граѓанските права како сите други во Северна Македонија.

Сиљановска објаснува дека она што дополнително ја загрижувало во овој момент е дека никаде немало такво објаснување, особено во документите на државите каде што се лоцирани во региони во кои владеат разни поделби, кои се нотирани и во историјата и сега.

Професорката вели дека има нелогичност и во делот на светската практика на државите што настанале по Втората светска и Студената војна на специфичен начин поради одредени геополитички причини.

– Па од овие причини ние денеска имаме Северен и Јужен Виетнам, Северна и Јужна Кореја, но и држави што денес не постојат како на пример Демократска Република Германија (Источна Германија) и Сојузна Република Германија (Западна Германија). Сите овие држави се заведени под тие комплицирани имиња, но во нивните патни исправи има една битна разлика од македонскиот пример, која вели дека сите овие држави во нивните устави и документи немаат тараба за дообјаснување туку пишува Кореец, Германец, Виетнамец итн. – подвлекува Сиљановска.

Професорката констатира дека самото тоа покажува дека ако има тараби и додавки се отвора врата и за разни толкувања на овие прашања, кои можат да се случат во иднина.
Таа потсетува дека во перцепцијата за Балканот, но и за Централна и за Источна Европа кога се зборува за нација и за државјанствово, процесот поврзува држава и етнос, а не државата и демос, што значи дека тоа ќе доведе до проблеми и ние ќе ги видиме тие проблеми при отворањето на прашањето за преамбулата.

Фото: Игор Бансколиев

– Јас како професор по уставно право предочувам дека проблемот лежи во ситуацијата во која се менува преамбулата бидејќи тоа не се случува кога се менува Уставот туку само преамбулите се нови единствено во услови кога има целосно нови устави односно целосно нови субјекти. Ние во 1991-та имавме нов устав во кој во преамбулата се објаснуваат филозофската, историската рамка на државата, културата, нејзиниот контекст во колективната меморија и така натаму. Ние веќе еднаш го прекршивме овој принцип и ова уставно правило во 2001-та, а тоа го правиме и во 2018 година. Чисто за споредба, САД на пример никогаш не ја смениле својата преамбула и по 27 амандмани, слично важи и за Швајцарија на пример и за огромен број современи европски и светски држави. Јас сум голем противник на дисконтинуитетот, иако тој со години ни е признаен во ООН, а сега ќе го дообјаснуваме дека тоа е граѓанин на една земја. Додаток во прилог на оваа констатација се и изјавите на грчките политичари, кои честопати потсетуваат дека со договорот тие не признаваат нација туку индивидуално право на самоопределување. Токму затоа мислам дека во овој сет случувања ние не треба да глумиме Французи на Балканот. По таа логика, која ние сакаме да ја спроведеме, Обединетите нации би се викале обединети граѓани – поентира професорката Сиљановска.


Глобален тренд на асимилација

Изминатиов период на темите за националноста и за државјанството пишуваа и светски медиуми, кои во сублимиран заклучок во своите анализи констатираат дека овие категории на глобален план сѐ повеќе некој се обидува да ги еродира.
Британскиот весник „Телеграф“ во свој текст насловен како „Следејќи ја националната идентитетска криза“ пишува дека модерните држави како Британија, за да се избегнат опасностите што ги носи тероризмот, се обидува да ги асимилира своите граѓани (кои потекнуваат од малцинските заедници) во општеството принудувајќи ги да ги почитуваат социјалните норми и правила.

Според весникот, државата ги британизира помалите заедници во земјата принудувајќи ги задолжително да го користат англискиот јазик во секојдневна употреба и да го положат државниот тест за „британска историја и општество“.
Американскиот весник, пак, „Вашингтон пост“ во своја колумна напишана од новинарот Адам Тејлор се обидува да објасни како луѓето во светот го дефинираат националниот идентитет.

– Што значи за да се биде Американец или, пак, Јапонец, Унгарец и Австралиец? Низ светот може да се најдат многубројни но и различни примери во кои се објаснуваат идентитетот и државјанство на една земја – пишува весникот.
Според „Вашингтон пост“ многумина Американци веруваат дека ако некој е роден во САД, тоа не мора да значи во основа дека таа личност е Американец туку дека треба да споделува одредени заеднички вредности за да се идентификува со земјата.

Весникот вели дека во моментов владее тренд во светот во кој во демократските општества се менуваат во својата основа, а националноста и државјанството тесно ги поврзуваат единствено со начинот на кој функционираат општеството и економијата преку користење еден универзален јазик во земјата што ги спојува нејзините граѓани.


Различни категории

Професорката Тања Каракамишева, во својство на своето академско звање, предупредува да не се направи еден историски, политички и правен преседан на изедначување на националноста со државјанството, кои во теоријата, но и во практиката се проучуваат како две сосема различни категории.
– Секаде во светот националноста се стекнува или се припаѓа на одредена националност по раѓање, односно со врската што детето ја има преку своите родители, додека државјанството се дефинира како јавно-правна врска на поединецот со државата, политичката врска дефинирана преку правни средства. Во оваа смисла никој не може, и никој не смее да влијае врз кого било да ја промени својата националност во рамките на државата, бидејќи националноста се стекнува со чинот на раѓање и е поврзана со семејството и неговото национално припаѓање. Националното припаѓање е едно, а поединците може да одлучат да имаат две или повеќе државјанства, па дури и да се откажат од некое државјанство. На пример, ако детето е родено во САД, неговата националност се одредува според припадноста што неговите родители ја стекнале. На овој начин се врши грубо насилно бришење на ова право бидејќи родените во Егејска Македонија, се откажуваат од илјадници да не кажам милиони Македонци, кои се по род Македонци, а на пример немаат македонско државјанство.

Практично, договорот отвора врата на два или повеќе вида Македонци, едни што се државјани на РМ, кои во иднина ќе бидат дефинирани како Македонци/граѓани на Република Северна Македонија, значи националноста ќе се детерминира исклучиво во согласност со државјанството што е политички и правно некоректно и неможно, и други Македонци по род, што имаат семејни врски со тетко/мајка/дедо/баба/предци Македонци. Тие доколку немаат пасош на новата вештачка творба Република Северна Македонија, доколку немаат државјанство на таа творба, нема да можат да се сметаат за припадници на групата Македонци по национална/етничка припадност – вели професорката. Таа објаснува дека тоа значи дека договорот има намера свесно да нѐ оддели нас од другите Македонци, кои се далеку повеќебројни, кои живеат во дијаспората, и да посочи дека практично новите граѓани на РСМ немаат никаква национална врска со Македонците по род што нема да сакаат да добијат пасош или други документи од новата РСМ.

– Сето ова значи вид етнички геноцид, вештачко делење на еден ист народ! – заклучува професорката Каракамишева.