НАТО со ултимативна покана за Република Македонија

396
Фото: Дарко Андоновски

Процените се дека денес Македонија ќе добие покана за влез во Алијансата, иако патот или процедурата до полноправно членство на Македонија во НАТО би се движеле меѓу година и две години, но само под еден услов – претходно да се испочитува сето она што е содржано во спогодбата со Грција. На одреден начин, според аналитичарите, ова претставува своевиден политички ултиматум кон македонскиот народ и држава да прифатат сѐ што пишува во спогодбата и пред најавениот референдум, кој со ваков сугестибилен настап од страна на НАТО се претвора во обична фарса

Два дена (денеска и утре) во Брисел е временската рамка во која треба да се одржи самитот на НАТО, на кој Република Македонија очекува да добие покана за членство во Алијансата, но засега спроти овие актуелни случувања никој од релевантните домашни и странски фактори нема точна прогноза за тоа колку навистина ќе биде долг македонскиот пат до полноправно членство во сојузот.

Претпоставките се дека патот или процедурата до полноправно членство на Македонија во НАТО би се движеле меѓу година и две години, но само под еден услов – претходно да се испочитува сето она што е содржано во спогодбата со Грција. На одреден начин, според аналитичарите, ова претставува своевидна уцена кон македонскиот народ и држава да прифатат сѐ што пишува во спогодбата и пред најавениот референдум, кој сега се претвора во најобична фарса.

Со ваквите условувања, кои доаѓаат директно од врвот на НАТО, практично се минираат и најавите за идно демократско изјаснување на граѓаните на референдум во врска со ова прашање. Притоа НАТО целосно се идентификува со Грција и со нејзините барања во врска со спорот за името, наспроти долгогодишните реални заслуги и достигнувања на Република Македонија во исполнувањето на сите критериуми потребни за членство во воениот сојуз.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вчера изјави дека очекува по договорот со Грција, Македонија да биде поканета и да почне со преговори за членство во НАТО.
– Очекувам дека по историскиот договор постигнат минатион месец за спорот за името ќе го поканиме Скопје да почне со преговори за членство. Кога договорот ќе биде финализиран и имплементиран, ќе можеме да ја поканиме поранешната југословенска Република Македонија да стане 30-та членка на НАТО под нејзиното ново име, Република Северна Македонија. Ова е сигнал дека портата на НАТО е и ќе остане отворена – изјави Столтенберг. И новинската агенција Франс прес вчера излезе со информација дека Алијансата ќе ја покани Македонија да стане нејзината 30-та земја-членка.

– И покрај конфликтот околу буџетот за одбрана, шефовите на држави и влади на земјите-членки на НАТО ќе ѝ доделат покана за членство на Македонија. Тоа го овозможи компромисот во деценискиот спор за името со соседна Грција. Со него, балканската земја со 2,1 милиони жители за една до две години ќе стане 30-та членка на НАТО со идното име Република Северна Македонија. Претходно договорот со Грција ќе мора да биде целосно спроведен – пишува Франс прес.
Од своја страна, пак, грчките медиуми на почетокот од неделата излегоа со предвидување дека на претстојниот самит на Македонија само уште еднаш ќе ѝ бидат посочени обврските што мора да ги испорача ако сака да стане рамноправна членка на НАТО. Во меѓувреме, националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, неодамна на брифинг со новинарите информира дека на првиот ден од дводневниот самит на НАТО Македонија ќе ја добие поканата за зачленување во Алијансата.
Според него, потоа, следниот ден, според сѐ уште неофицијалната агенда, генералниот секретар на НАТО Столтенберг ќе му ја предаде поканата на македонскиот премиер Зоран Заев, која најверојатно ќе биде во форма на последните нацрт-верзии што ги добиле Црна Гора, Хрватска и Албанија.
Тој информира дека од моментот на добивањето до станувањето членка на Алијансата земјава треба да работи и на политички план, пред сѐ на спроведување на договорот за името со Грција и на технички план.
– Ќе следуваат кратки разговори за правни и за воени точки, по што ќе има потпишување на протоколот за пристапување кон Вашингтонскиот договор, основачкиот документ на НАТО. Потоа ќе следува фазата на ратификација на секоја од земјите-членки – рече Пендаровски. Оваа фаза, според очекувањата, не би требало да трае повеќе од година и пол.

Тој истакна дека со почетокот на процесот за ратификација Македонија ќе биде присутна на сите НАТО-собири како де факто членка, но без право на глас, а полноправното членство ќе следува откако во Стејт департментот ќе бидат депонирани сите ратификации од сите земји-членки.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, вели дека процедурата за зачленување на Македонија е идентична како и за сите други земји што станаа членки, а тоа што е поинакво во случајов со државата, пак, произлегува од договорот со Грција.
Во меѓувреме, хронолошки гледано наназад, нашата земја е практично кандидат за членство уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција за влез на земјата во НАТО. На 15 ноември 1995 г. Република Македонија го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир (ПМ). Во тоа време бевме примени и во Северноатлантскиот совет за соработка, подоцна Евроатлантски партнерски совет. Наредната година на 14 јуни беше отворена и Канцеларија за врски на НАТО во Македонија, а при крајот на 1997 г. беше отворена и Постојаната мисија на Македонија во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 г. на самитот на НАТО во Вашингтон, Република Македонија стекнува статус кандидат за членство во Алијансата, со што почнува со подготовка и реализација на Акцискиот план за членство (АПЧ), кој, за жал, никогаш не се финализира. Од 1999 година, па до 2018-та Македонија изработи рекордни 17 акциски плана за членство, најмногу од сите досегашни кандидатки и континуирано спроведуваше реформи во сферата на безбедноста како што наложува Алијансата. Во 2002 година Македонија почна да учествува во меѓународни мировни мисии, и тоа во Авганистан во 2002 година, Ирак во 2003 година, Босна, Либан…
На патот кон НАТО од рамноправно ниво на македонската кандидатура, поради непостоење политички пречки, нѐ престигнаа Албанија и Хрватска, кои во 2009 го ставија своето знаме пред командата на Алијансата. Истото тоа се случи дури и со Црна Гора, која како земја формалноправно не постоеше во периодот кога Македонија го чекореше својот пат за членство. Во 2009 година властите во Подгорица се приклучија кон МАП, а веќе во 2017 година земјата стана членка на НАТО.


Суспендирање на меѓународното и на домашното право

Македонскиот од по маки, кој многу долго трае, својот врв го достигна со бруталниот и геноциден Преспански договор, со кој Македонија е качена на голгота и распната на крст, реагираат од „Македонскиот манифест“.
Разочаран од македонските политички елити – сервилни, корумпирани и уценети, кои 27 години го изневеруваат македонскиот народ, „Македонски манифест“ укажува дека света должност на секој Македонец е да ги вложат сите расположливи демократски средства да се спречи стапување во сила на погубниот Преспански договор. Според членовите на „Македонски манифест“ договорот ги суспендира меѓународното и домашното право, и го нарушува суверенитетот на државата.


Безброј преседани врз грбот на Македонија

Од година на година, на еден, друг или на трет начин со Република Македонија или поточно врз грбот на државата се прават најразлични преседани по ова прашање што вообичаено нѐ попречуваат во нашите цели и развој. Најчесто ваквите преседани се во форма на барање да исполниме некакви дополнителни критериуми, услови, уцени и слично или на земјата ѝ се доделуваат некаква условена препорака, специјален статус итн. Она што збунува и што изненадува, а е евидентно, е сознанието што вакви дополнителни барања, услови, (односно зачини и специјалитети од туѓата политичка кујна), кои низ годините ги вкусила нашата држава, не биле практикувани за други земји. Условите што важеле за нив не важат за нас. Од нас секогаш се бара нешто плус, нешто што го нема во општите критериуми за другите, кога станува збор за меѓународната политика, евроатлантските интеграции итн. Иако ги исполнувавме сите барани услови и критериуми, ние не станавме дел од НАТО во 2008 година поради блокада од Грција. Потоа судски се докажа и со пресуда на Меѓународниот суд за правдата во Хаг дека блокадата на Грција била неправедна и незаконска. Но повторно ништо. Македонија и потоа остана надвор од НАТО. Сега и со нова обврска олицетворена во спогодбата од Преспа.


Колку пари ќе нѐ чини членството

Минатата година Владата ги информира сојузниците дека одлучила да почне постепено зголемување во трошењето на одбраната со почетокот на 2018 година, а потоа и во 2019 година, со 0,2 проценти од БДП, за да се дојде до посакуваните два отсто. Според прописите на Алијансата, земјите-членки би требало да издвојуваат два отсто од БДП за одбраната, нешто кон што цели и Македонија, но досега само пет земји-членки го исполнуваат овој критериум. Во моментов Македонија издвојува 1,01 отсто од БДП за одбраната, највисоки вредности се забележани во 2006 година 2,01 и во 2007 2,15, но оттогаш процентот опаѓа и лани дојде на ниво од 0,9 отсто.