НАТО останува верно на принципот „сите за еден, еден за сите“

307
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Наши специјални известувачки од Лондон
Јасминка Павловска
и Маја Јаневска-Илиева

Изјавите и спротивставените тези на претседателите на САД и на Франција за „мозочната смрт“ на НАТО, Столтенберг ги протолкува како демократско несогласување, логично за алијанса со 29 членки, на која наскоро ќе ѝ се придружи 30-та, Македонија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како решителна порака од дводневниот самит на Алијансата во Лондон, кој се одржа на 3 и 4 декември, нагласи дека сите членки остануваат посветени на членот 5 од статутот, односно на принципот „еден за сите, сите за еден“. Токму прашањето за единството на сите членки на НАТО беше главниот предизвик на овој самит и јубилејот за 70-годишното постоење требаше да докаже дека и понатаму се посветени на наоѓање решенија за продолжување на заедништвото. Изјавите и спротивставените тези на претседателите на САД и на Франција за „мозочната смрт“ на НАТО, Столтенберг ги протолкува како демократско несогласување, логично за алијанса со 29 членки, на која наскоро ќе ѝ се придружи 30-та, Македонија.

– Во својата 70-годишна историја во НАТО имало и други несогласувања. Во 50-тите години на 20 век тоа беше прашањето за Сирија, во 2003 г. за Ирак. Тоа е нормално за алијанса со толку многу членки, 29 земји, на два континента, со различни истории, традиции, начин на размислување. Суштината е дека оваа алијанса постои да обезбеди мир, да ги превенира заканите за мирот, а не да провоцира конфликти – одговори Столтенберг на прес-конференцијата по самитот.

Односите на НАТО со Русија и со Кина, односно развивање дијалог за транспарентност и предвидливост на нивните намери во вооружувањето и коректност во употребата на новите сајбер-технологии, како превенција од хибридни напади, беа една од важните теми на самитот. Столтенберг уверуваше дека се надминати несогласувањата со Турција околу поддршката за програмата за заштита на балтичките земји и Полска од руската закана, но и за користењето на руските одбранбени системи во турската армија… Најдено е и решение за барањата на претседателот на САД, Трамп, за приближување на вложувањата во одбраната со 2 отсто од БДП за сите земји-членки.

Македонија првпат учествуваше на дискусијата на самитот како рамноправна членка, иако сѐ уште не е завршен процесот за ратификација на протоколот. Македонскиот премиер Заев во неколку наврати нагласи дека добил уверување од шпанскиот премиер Санчез дека до јануари 2020 г. и Шпанија ќе го ратификува протоколот, со што ќе биде целосно завршена постапката за полноправно членство во НАТО, па на наредниот самит, 2021 година, Македонија ќе има право на глас во носењето на одлуките…

На новинарско прашање до Столтенберг зошто Македонија е обично добра за НАТО, но не и за ЕУ, генералниот секретар одговори дека земјата и премиерот Заев на овој самит биле третирани рамноправно и очекува наскоро и официјално да стане 30-та членка.
– Во поглед на Северна Македонија ние ја манифестираме нашата политика на отворени врати и очекуваме наскоро да стане 30-та членка. Но јас тука зборувам во името на НАТО и ќе се воздржам од коментирање на одлуките на ЕУ – рече Столтенберг.

Премиерот Заев, по завршувањето на сесијата на лидерите на самитот, рече дека неколкупати неофицијално поразговарале и со францускиот претседател Макрон и очекува дека наскоро Франција ќе ја исправи својата грешка во однос на одлуката за добивање датум за почеток на преговори за Македонија со ЕУ. Сепак, нагласи дека од непоправлив оптимист сега и тој самиот станал реален оптимист, кој не сака премногу да ги подигнува очекувањата. Но и понатаму верува дека наскоро ќе има позитивна одлука и во врска со ЕУ.

– Тоа не беше само историски погрешна одлука за Македонија, туку и историски погрешна одлука на ЕУ – рече премиерот Заев, одговарајќи на прашање за очекувањата за нова одлука за датумот за почеток на преговорите.

Инаку, вообичаено по завршувањето на самитот на НАТО, секој од лидерите одржува прес-конференција и се соочува со прашањата на новинарите. Но американскиот претседател Доналд Трамп на овој самит ја избегна таквата практика па замина од самитот без соочување со новинарите, иако беше најавена прес-конференција со него.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Лицата на НАТО“ во исчекување на македонскиот војник

На еден од ѕидовите во прес-центарот е поставен фотомозаик со 30 квадрати наречен „Лицата на НАТО“. На 29 квадрати се лицата на националните војски од армиите-членки на НАТО. Се очекува наскоро на 30-от квадрат да биде и ликот на македонскиот војник. М.Ј.И.


Македонско знаме на улицата што води до Бакингемската палата

Македонското знаме е помеѓу 30-те развиорени знамиња на улицата Мол во Лондон, која води до Бакингемската палата. По оваа улица поминуваа делегациите со лидерите на земјите-членки на НАТО на приемот кај англиската кралица. Знамињата се наредени по азбучен ред, па, така, прво и најблиску до Бакингемската палата е знамето на Албанија, потоа следува на Бугарија, па Хрватска и така со ред. Македонското знаме се најде помеѓу оние на Велика Британија и САД.
Улицата е оградена и само на одредени места полицијата дозволува премин за пешаците. Многубројните туристи, кои постојано ги има во Лондон, преминувајќи преку улицата Мол често прашуваат што се случува, зошто знамињата се изложени токму тука и до кога ќе биде затворена улицата. Лондонските полицајци, во зелени елечиња, со насмевка и трпеливо им одговараат на сите и ги замолуваат пешаците да не застануваат додека преминуваат.

Текст и фото Маја Јаневска Илиева

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Оклопниот „боксер“ атракција за новинарите

Две илјади претставници на медиумите, од 29 земји-членки на НАТО, меѓу кои и екипата на „Нова Македонија“, го следат самитот на Алијансата, кој се одржува во ексклузивниот хотел „Гроув“, во Вотфорд, покрај Лондон.
Додека лидерите разговараат на нивната работна сесија, на која првпат рамноправно учествува и македонскиот премиер Зоран Заев, главна атракција за новинарите е оклопното возило „боксер“, паркирано пред прес-центарот на самитот. Производството и употребата на ова оклопно возило, на своевиден начин ја илустрира соработката меѓу членките на НАТО. Идејата за производство и проектот за него се заедничко дело на Германија, Холандија и на Велика Британија, а во мисијата во Авганистан го користела и Литванија. Мајорот Брус Екмен од Кралската армија на Велика Британија, кој со задоволство им ги презентира деталите за возилото на љубопитните новинари, вели дека единствениот недостаток му е што се управува од десната страна, со оглед на тоа што Британците возат од левата страна… Инаку возилото има четири оски и осум тркала, може да пренесува 8 војници и го управува тричлен екипаж, содржи мини-амбуланта и е оспособено да дејствува на речиси секакви терени… Досега се произведувало само во Германија и во Холандија (иако го користеле и други), а од 2020 година ќе се произведува и во Британија и до 2023-та треба да се произведат 500 вакви оклопно возила… Главните „проблеми“ на новинарите во прес-центарот се главно од техничка природа, односно со адаптацијата на електронските уреди со британскиот електричен напон… Секако, претходно бевме подложени и на неколкукратна контрола на акредитациите, иако тоа беше спроведено „безболно“ со насмевка од сите во организацијата. Сепак, опуштеноста е привид, зашто безбедносните мерки, иако дискретни, се на највисоко ниво… За време на вчерашниот прием на лидерите кај британскиот премиер Борис Џонсон, Даунинг стрит 10 и центарот на Лондон постојано го надлетуваат хеликоптери…
И покрај горливите теми на кои се дискутира на самитот, се очекува тој да заврши без заклучоци и официјално соопштение, а акцентот да се стави на 70-годишното сојузништво. Ј.П.

Фото: Маја Јаневска-Илиева