Идејата за зачленување на земјите од Западен Балкан во ЕЕЗ е реиницирана минатата година. Нејзин иницијатор е германскиот експерт Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност. Според него, ЕУ треба да им понуди на сите шест земји од Западен Балкан влез во заедничкиот пазар, односно да ѝ се даде предност на економската, пред политичката интеграција

Уште еднаш Македонија е спречена на својот европски пат. Овој пат пречката е ветото од страна на соседна Бугарија. Во моментите кога сѐ уште се вжаруваат страстите поради блокадата на македонските евроинтеграции, со дополнителен силен импулс ја распламти јавноста изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека земјава пред една година одбила да ја разгледа можноста за членство во Европската економска зона (ЕЕЗ).
– Во октомври 2019 година, кога отварањето преговори со ЕУ за нашата земја беше одложено поради усвојување на новата методологија, во Брисел, неофицијално циркулираше идејата за алтернативно членство за државите од Западен Балкан во Европската економска зона, се разбира, откако ќе ги исполнат потребните услови за тоа. Ставот на претседателот Пендаровски и тогаш и сега беше дека никаква алтернатива на членство не треба да се прифаќа, затоа што полноправното членство во ЕУ подразбира да сте дел и од заедничкиот европски пазар – се наведува од Кабинетот на Пендаровски.

Инаку, идејата за зачленување на земјите од Западен Балкан во ЕЕЗ е од минатата година, а нејзин иницијатор е германскиот експерт Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност.
– Потребен е процес што нема да биде замена за членството, но ќе биде поинаков; процес што ќе го одржи влијанието на ЕУ, но во исто време ќе биде атрактивен и кредибилен за балканската јавност и лидерите; процес што ветува корист, не во далечна иднина, туку од самиот почеток – истакна Кнаус, своевремено појаснувајќи ги алтернативите откако францускиот претседател Емануел Макрон го блокира процесот на проширување на Унијата.
Според Кнаус, ЕУ треба да им понуди на сите шест земји од Западен Балкан влез во заедничкиот пазар, односно да ѝ се даде предност на економската, пред политичката интеграција.
– Оваа врска не е гаранција за идно членство, но денес ништо не е. Но не е ниту помладо партнерство, кое исклучува идно членство. Тоа само ја прави секоја идна дебата за членство покредибилна, кога ќе дојде времето за тоа – тврдеше тогаш Кнаус.
Сега, по бугарското вето и малите шанси скоро да се најде решение со Софија, понудата за членство во ЕЕЗ се доживува како пропуштена алтернатива за ЕУ.

Опозицијата го обвини Пендаровски дека на своја рака одбил членство во зона во која се наоѓаат и една Норвешка, Велика Британија, Исланд и Швајцарија, но претседателот ги негираше ваквите тврдења, велејќи дека на лидерска средба уште пред една година ги запознал лидерите на парламентарните партии за оваа идеја и дека сите биле согласни оти членството во ЕУ нема алтернатива.
И додека во сенка на бугарското вето сите си ја префрлаат вината едни на други, јавноста се заинтригира за понудата за членство во ЕЕЗ, односно што претставува оваа организација, какви бенефиции нуди и дали е алтернатива за ЕУ или, пак, подготовка на земјите за полноправно членство во Унијата.
Европската економска зона е формирана во 1994 година. Во неа членуваат сите држави од ЕУ, трите членки на ЕФТА, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, како и Велика Британија.
Организација се базира врз четири слободи: слободно движење на капитал, луѓе, услуги и стоки, а кон нив се надоврзуваат и конкурентност, државна помош, заштита на потрошувачи, животна средина, статистика и други области.
По последната бугарска блокада и неизвесноста за евроинтеграциите на земјава, сега се наметнува дилемата дали државата донела мудра одлука со одбивањето на идејата за пристап во ЕЕЗ или направила стратегиска грешка.

– Секоја земја што почнала преговори или е во процес на преговори има право да биде членка на ЕЕЗ ако се согласи на тоа, но под услов да има административен капацитет да го имплементира и да го примени она што значи норми и стандарди во однос на економска соработка со ЕУ. Тоа, за жал, според извештаите за напредок на ЕК, Македонија во моментот го нема – вели Марија Ристеска, директорка на Центарот за истражување и креирање политики.
Според неа, македонскиот пазар не е подготвен да одговори на предизвиците што ги носи заедничкиот европски пазар.
– Нашиот пазар не е подготвен да ги издржи притисоците што ги носи европскиот заеднички пазар. При процената, треба да се земе предвид какво влијание тоа ќе има врз трошоците на живот, на платите, на севкупната благосостојба на Македонија пред да се донесе каква било одлука. Инаку, тоа е алтернатива што ни овозможува, заедно со слободното движење, можности за циркулација на луѓе и добра – додава Ристеска.
За Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика постојат чекори за зачленување на една земја во ЕЕЗ, а Бугарија ќе блокира секаков обид на Македонија за зачленување.
– ЕЕЗ е договор меѓу државите-членки на ЕУ и три држави што порано биле членки на ЕФТА. Членка на ЕЕЗ може да стане само држава што претходно била членка на ЕФТА. Ние прво треба да станеме членка на ЕФТА, па потоа на ЕЕЗ – појаснува Ристевска-Јорданова.
Таа додава дека веројатно станува збор за иницијатива за формирање некаква нова економска област со земјите од Западен Балкан.
– Најверојатно се зборува за некаква нова економска област што се наметна како дискусија за Западен Балкан и тука треба да имаме предвид дека Бугарија сега нè блокира и за ФРОНТЕКС, ќе нè блокира и за што било друго, така што нема зошто да не блокира и за евентуално зачленување во ЕФТА – нагласува Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика.

Поранешниот гувернер на Народна банка, Петар Гошев, смета дека државата требало добро да размисли пред да одбие ваква понуда.
– Мислам дека требало да се разговара. Веројатно нашите претставници биле уверени дека ќе помине процесот за пристапни преговори со Бугарија и затоа веројатно одбиле ваква понуда. Требало да се разговара и за тоа дали зачленувањето во ЕЕЗ е алтернатива на членството во ЕУ или опција додека да се отстранат уште некои пречки. Не сум сигурен дека е добро што изреагирале така – вели Гошев.
Според него, нема ништо лошо земјава да стане членка на ЕЕЗ.
– Не гледам ништо лошо во тоа да си во ЕЕЗ. Тоа нуди многу предности. Од друга страна, ако не ти чини или почувствуваш дека си излажан, можеш да излезеш од ЕЕЗ и да го вратиш процесот за зачленување во ЕУ. Тука има и многу нејаснотии за тоа од кого дошла таа понуда, како е кажана, така што сепак требало да се разговара – смета Гошев.