Можен ли е политички судир во триаголникот Македонија – Бугарија – Албанија

1012

Можно ли е, во рамките на преговорите за добивање датум за почеток на преговорите за влез во Европската Унија, да дојде до уште едно дополнително недоразбирање меѓу Македонија и Бугарија, но во овој случај и со вклучување на Албанија, во врска со статусот на Македонците во таа држава. Oфицијалните претставници на источниот сосед во континуитет најавуваат услов и за Тирана – бугарско малцинство таму и остварување на неговите права. Иако таа тема е стара, иако е познато дека Бугарија подолго време тера сериозна кампања на албански терен, македонските власти долго време ја ставаат под тепих

Позициите на Македонците во Албанија

Во агендата на своите активности, министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, вклучи посета на Албанија, поточно на делот на Преспа (Мала Преспа) што се наоѓа на албанска територија. Притоа, во Пустец, главното општинско место, во детската градинка беа предадени играчки, реквизити и подароци за најмалите жители од општината, обезбедени преку донација на „Витаминка“ од Прилеп. Посетите за тамошното население се корисни и од важност особено по бламажата што не толку одамна им ја приреди ВМРО-ДПМНЕ со личните карти и нивната злоупотреба, како за собраниските избори така и за локалните во Ресен, гласови што го обезбедија победникот.
Во разговорите со домаќините, како што е ред, министерот ја повторил целосната поддршка од Владата за унапредување на квалитетот на животот на Македонците во Албанија. Во кратките објавени информации нема подетално во што би се состоела таа поткрепа, колку таа би била политичка, колку економска, материјална или морална, вистинска или само формална, без никаков конкретен ефект. Не е на одмет да се нагласи дека во минатите триесет години многупати се случувало посетите од надеж да се претворат во разочарување.

Што се Преспанци – Македонци или Бугари?

Ако се земат предвид моментот и политичките околности што орбитрираат во тој зафрлен дел на Албанија, лесно може да се заклучи дека Македонците во таа држава се исправени пред нови сериозни предизвици. Во прашање е нивниот идентитет, нивното национално изјаснување и припадност, дали ќе се зачува македонскиот идентитет или ќе биде присвоен и згаснат. Нормално е да се постави прашањето од каде таквата загриженост.
Во јавноста во Македонија малку се знае дека многу споменуваната Декларација на Народното собрание на Бугарија од 10 октомври 2019 се однесува на Македонија и на Албанија, кон овие две земји е упатена како еден заеднички текст. Во неа на унапредување на односите со Македонија се посветени 90 отсто услови, на Албанија ѝ е поставен само еден. Но и тој се однесува на Македонија и на Македонците. Имено, преку Декларацијата бугарските власти од официјалните претставници на Албанија бараат да се почитува законодавството за малцинствата, да го гарантираат во максимален степен правото на бугарското национално малцинство да го изучува, без поставување административни пречки, книжевниот бугарски јазик како мајчин во регионите традиционално населувани од нив, а тие региони се Голо Брдо, Преспа, Корча, Кукс, Елбасан, Поградец и кај што живеат други Бугари, и да се спроведе попис во согласност со највисоките стандарди.
Тие се условите што Албанија треба да ги исполни за да добие поддршка од Бугарија за нејзината интеграција во Европа. Како што може да се забележи, тоа се истите региони што Македонија и македонската држава ги сметаат за локалитети населени со Македонци, не со Бугари. Можно ли е, во рамките на преговорите за добивање датум за почеток на преговорите за влез во Европската Унија, да дојде до уште едно дополнително недоразбирање меѓу Македонија и Бугарија, но во овој случај и со вклучување на Албанија, во врска со статусот на Македонците во таа држава. Иако една од главните теми во центарот е спорот меѓу Скопје и Софија, поради кој се блокирани македонските европски интеграции, официјалните претставници на источниот сосед во континуитет најавуваат и услов за Тирана – бугарско малцинство таму и остварување на неговите права. Иако таа тема е стара, иако е познато дека Бугарија подолго време тера сериозна кампања на албански терен, македонските власти долго време ја ставаат под тепих.

Во Албанија има Бугари

Во прилог на остварување на бугарската кауза говорат редица други податоци. Претседателот Румен Радев лани, на средбата со неговиот албански колега Илир Мета, рече дека правата на бугарското малцинство во Албанија се еден од нивните основни критериуми за поддршка на албанскиот европски пат. Подоцна, при посетата на министерот за надворешни работи на Албанија, Гент Цакај, во Софија, заменичката на Радев, Илијана Јотова, го спомена и пописот во Албанија што треба да се одржи годинава. Таа наведе дека е убедена дека албанската држава ќе ги вложи сите напори да нема притисок врз малцинствата да ја кажат својата бугарска етничка припадност. При тие посети односите меѓу двете земји се оценувани како одлични и без отворени прашања.
Во овој контекст треба да се потсети дека албанската влада пред две години официјално го има признаено постоењето на бугарското малцинство на својата територија, посебно во регионот на Мала Преспа, Голо Брдо, Гора и околу градот Корча. Тој податок не е за чудење ако се знае дека во последните дваесет години голем број лица од споменатите краишта, освен албански и македонски пасоши, земаат и бугарско државјанство за да можат полесно да најдат работа во некоја европска земја. Најголем број од нив својот економски и социјален спас најчесто го бара во Грција, прва соседна земја, но не е мал бројот на оние што се иселиле во Италија и во Америка.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Точни или претерани бројки

Бугарски демографи и новинари бројот на Бугарите во Албанија го формираат во рамките од 50 до 170 илјади, исто толку колку што се и претераните бројки што ги спомнуваат и некои македонски квазиистражувачи. Споменатите бројки се само претпоставки, нечија желба, дури и фантазија. Според пописите од 1950 до 2011 година, бројот на албански граѓани што се изјаснувале како Македонци се движи од 2,5 до 5,5 илјади. Интересен е податокот што при последните избори во Бугарија, во главниот град на Албанија, Тирана, гласале само 15 лица што имале бугарско државјанство. Вистинскиот број на Македонците никогаш не бил избројан или официјално објавен. Иако Албанија уште пред децении признава дека постои македонско малцинство, нејзиниот долгогодишен водач Енвер Хоџа знаел да рече дека „во Албанија има Македонци колку во една поголема задруга…“
Најголемиот дел Македонци во Албанија живеат во областите Мала Преспа, Голо Брдо и во Гора. Во Преспа се 10 села со центар и општина Пустец (Ликенас е официјалното име), во Голо Брдо 22, во областа Гора живеат Македонци муслимани, а неколку села се и во општината Девол. Мала Преспа граничи со Грција, Голо Брдо е голем појас што ги дели Албанија и Македонија од Струшко до Дебарско и погоре. Не е многу познато, но точно е, историски е потврдено дека скопско Дебар Маало во најголем дел е населено од луѓе што се доселиле токму од Голо Брдо, тие на почетокот на 20 век биле основачи на денес популарното скопско маало. Таква, таканаречена, но не толку популарна, Дебарска Маала има и во Тирана.
По формирањето на албанската држава во 1912 година, по потпишувањето на Букурешкиот договор, кога е поделена географска Македонија, прашањето за границата меѓу Грција и Албанија било решено со Протоколот од 1913 година, донесен на конференцијата во Фиренца. Во 1923 година е направена нова корекција на границата меѓу Грција и Албанија. Според овој договор, областите Горица и Преспа ѝ биле дадени на Албанија. Таму припаднал и манастирот „Свети Наум“, кој сто години бил под јурисдикција на Власите од Москополе, но Српската црква, по долги преговори, го вратила во границите на тогашна кралска Југославија, во 1926 година. Во овие места најголем дел од населението бил од македонско потекло. При тие историски околности, голем број Македонци се иселиле од Албанија и се населиле во Македонија – главно во кавадаречки и неготински села, каде што денес живеат нивните потомци.

Терор и раселување

По завршувањето на Втората светска војна, во периодот од 1944 до 1948 година, кога Албанија имала добри односи со ФНРЈ, македонското малцинство било признаено. Исто како и во Пиринска Македонија, така и во Албанија биле отворани училишта во кои се учело на македонски јазик до четврто одделение. Меѓутоа, по Резолуцијата на Информбирото, Македонците во Албанија ја загубија културната автономија. На малцинствата им биле одземени сите права. Некои од Македонците биле малтретирани, прогласувани за шпиони и соработници на Југославија, добивале долги затворски казни. Македонците биле лишени од основните човекови права. Тие не смееле да го напуштат местото каде што живееле без одобрување на локалната полиција, но голем дел бил раселуван од огништето и населуван во подалечни села и градови. Се вршела страшна, брутална контрола од страна на полицијата. Тие немале право на вероисповед, ниту можеле да изберат место каде што можат да живеат.
Сето тоа се промени по смртта на Енвер Хоџа, по падот на суровиот комунистички систем, кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век. Во 1990 година Албанија се отвори кон светот, а македонското малцинство започна да излегува од изолација. Македонците, најмногу преку граничниот премин кај Стење, навалија кон Македонија, во месноста Царина беше организиран државен прифатен центар. Се обновија контактите со роднините во татковината Македонија. Многумина се населија во Ресен, а оттаму во Битола, Скопје, Америка и во други земји.

Кои држави се соседи?

Кога во 1961 година Албанија излегуваше од членството во Варшавскиот договор, го задржа билатералниот договор со НР Бугарија за заемна помош и соработка. Тој договор не е анулиран, во него се прецизирани сферите на влијание, а границите меѓу Албанија и Бугарија би се допирале. Се поставува прашањето дали офанзивната бугарска кампања за оспорување на Македонците како нација, а со тоа и на Македонија како нивна држава, има за цел, во крајна линија, Бугарија и Албанија да бидат соседи, да се допираат граничните линии меѓу двете држави.
Ќе реагира ли македонската влада на ваквите провокации или ќе се откаже од македонското малцинство во Албанија, како што се откажа од него во Грција и во Бугарија? Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во повеќе наврати изјавува дека одличните односи меѓу Албанија и Македонија се еден од столбовите на стабилноста, безбедноста и развојот во нашиот регион, тврдење што не е без основа. Какви би можеле да бидат тие односи во иднина во светлото на барањата на Бугарија, која дипломатски затскриено, но практично јавно настојува да докаже дека и во Албанија нема Македонци, туку сите тие се бугарски чеда?

[email protected]