Могерини изрази оптимизам за решение за името до Самитот на ЕУ

1246

Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини изрази оптимизам дека спорот за името може да се реши до Самитот на ЕУ на кој земјите членки ќе одлучуваат за давање датум за почеток на преговорите.

– Останува на Советот на ЕУ на крајот на јуни да ја донесе оваа одлука. Нема да шпекулирам какви одлуки 28-те членки ќе донесат во јуни затоа што се уште имаме време. Имаме некаде два и пол месеци до тој Самит и времето треба да се искористи позитивно и храбро како што го направивме тоа во последните 10 месеци. Направивте чекори кои пред 10-ина месеци беа незамисливи. Затоа сум оптимист. Времето постои, може да се искористи како што беше искористено од ваша страна и од страната на Грција во овие месеци и недели на преговори и разговори и се надевам резултатот е возможен. Не можам да влегувам во содржината на ова прашање затоа што тоа е билатерално прашање, но мислам дека Европскиот совет може дефинитивно да донесе позитивна одлука. Во спротивно, ние не би дале препорака ако сметавме дека тоа не е така – рече Могерини.

Таа изјавата ја даде на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Зоран Заев по одржаните разговори на новинарско прашање дали изјавата на шефот на грчката дипломатиј Коѕијас дека нема доволно време за решение за името до самитот во НАТО, подразбита дека Македонија нема да добие датум за старт на преговорите со ЕУ.

Премиерот Заев од своја страна истакна дека е уверен дека Македонија ќе добие датум за почеток на пристапните преговори.

– Јас сум уверен дека ќе добиеме датум за преговори затоа што тоа што досега го имаме постигнато со Грција навистина и го гарантира тоа. Ќе бидеме сите среќни ако најдеме решение, а верувам дека тоа е можно. Видовте дека имам причина да бидам оптимист, а и Федерика заедно со мене, затоа што верувам дека оптимизмот навистина помага во изнаоѓање решенија, па дури и на вакви чувствителни прашања, рече премиерот Заев на истото прашање.

Тој додаде дека изјавата на Коѕијас е поврзана со НАТО, но, нагласи, да не заборавиме дека ние имаме право на автоматска покана, не сме врзани со јулскиот Самит.

– Но, дури и тоа да не биде причината, треба да го најдеме решението. Ако успееме до мај да изнајдеме решение ќе видите дека има време за се, затоа што се работи за легални или правни аспекти коишто се решливи. Убеден сум дека сега е вистинското време и верувам дека ниту во минатото, ниту во иднината веројатно и нема да постои подобро време за да изнајдеме решение достоинствено за двете страни, кое што ќе го штити идентитетот и секако, како што вика Коѕијас, и самоопределувањето и самочувството на двете страни – рече премиерот Заев.