Мноштво реакции по обелоденување на одредницата „Илинденска“

2680
Фото: Игор Бансколиев

Според правните експерти, преговорите за името се беспредметни и тие не се придржуваат кон принципите на меѓународното право

И по неколку дена од објавата на новиот предлог околу наметнатиот спор со името и во Скопје и во Атина се бара излез од оваа новонастанатата ситуација, која предизвика силен одек кај јавноста и во двете земји. Грчката влада индиректно, а грчките опозициски партии директно го одбија предлогот новото име на Македонија за севкупна употреба да биде „Република Илинденска Македонија“, кој во саботата по лидерската средба ѝ го соопшти премиерот Зоран Заев на јавноста и притоа прифати негова севкупна употреба.

Претставници на власта три дена оттогаш не се откажуваат и сметаат дека предлогот е добра база за решение, додека експертите сметаат дека неочекуваниот предлог не е најдоброто решение. Истовремено експертите, професорите, академиците за цело ова време во изминатиот период прават обид долгогодишниот спор да го извлечат од канџите на политиката и тој да се постави на друг колосек, каде што аргументите ќе се црпат пред сѐ од науката и од меѓународното право, кои несомнено се на наша страна. Токму изминатиот период имаше многу вакви иницијативи, натписи и отворени писма во насока на заштита на македонските национални интереси низ призмата на науката и правото.

Сега останува отворено прашањето дали овој најнов предлог може да стане основа за решавање или, пак, повторно одолжување на преговорите и враќање на почетните позиции. Според дел од експертите, со прифаќањето ерга омнес од страна на премиерот и одредницата „Илинденска“, македонската позиција е значајно ослабена и инфериорна во спорот и ќе биде многу тешко да се излезе од ќор-сокакот.
Поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски во однос на последните случувања околу наметнатиот спор за името и неочекуваното „џокер-решение“ изнесено од македонската страна за севкупна употреба, коментира дека истото тоа може да е пробен балон за јавноста, кој создаде многу главоболки и значително ја влоши нашата преговарачка позиција.

– Прво, добро е што се бара решение за проблемот за името, меѓутоа во тој поход направени се сериозни и непоправливи грешки. Второ, Македонија излезе во рамките формулирани во ОН и презеде чекори, кои непоправливо ја влошија нашата позиција во спорот. Трето, речиси ќе биде невозможно да го вратиме случајот во рамките на резолуциите на Советот за безбедност, кои исто така не беа којзнае колку поволни за нас, но сѐ што се прави последниве месеци е повеќеслојно влошување на позицијата на Македонија – објаснува Никовски. Тој е убеден дека македонската страна направила грешка што во преговорите имаме прифатено целосна и суштинска промена на уставното име.

– Не смеевме во никој случај да прифатиме целосна и суштинска промена на нашето име, недозволива грешка е што прифативме ерга омнес и не смееме воопшто да се залажуваме дека тоа нема да бидат почетните позиции на Грција во иднина. Апсолутно е сигурно дека Ципрас прифатил да го пренесе бесмислениот предлог „Илинденска“ во Атина со единствена цел да покаже дека какво било решение мора да биде ерга омнес што значи за внатрешна наша употреба. Да не се залажуваме, во периодот што следува Атина нема во никој случај да се повлекува од тие за неа извонредни достигнувања – заклучува Никовски.

Професорот Игор Јанев, правен експерт член на неколку престижни меѓународни здруженија за меѓународно право и за меѓународни односи вели дека преговорите за името се беспредметни и тие не се придржуваат кон принципите на меѓународното право. Според него, спорот е замена на теза и истиот тој постои поради непризнавањето од страна на една држава.

– Елементите на државност во меѓународното право се: 1. суверена власт 2. територија 3. популација односно народ, под јурисдикција. Елементот суверена власт го вклучува и правниот субјективитет, а овој како основен елемент го содржи главниот идентитет односно името (правниот идентитет + името). Заклучок е дека таквите преговори за името се беспредметни. Постои само непризнавање од една држава – вели Јанев.
Според професорот, Грците немаат легитимни барања во т.н. „спор“ или т.н. „разлика“.
– Ниту едно нивно право не се доведува во прашање, односно не постојат правни основи за нивните барања. Битен принцип е и дека државното име не може да се: украде, фалсификува или наметне, како што не може ниту да се одземе (од ОН) или да се преформулира. Исто така, од овој принцип произлегува дека државното име не може да биде предмет на (лимитирани/конечни или бесконечни) преговори, ниту на друг начин да се проблематизира ваков идентитет однадвор, навлегувајќи во строгата внатрешна јурисдикција – завршува Јанев.

На почитување на одредбите на меѓународното право повика и претседателот на државата Ѓорге Иванов веднаш по лидерската средба викендов.
– Досега сум бил принципиелен и сум се придржувал на претходните ставови што ги изградиле претседателите на Република Македонија, а тоа е дека процесот мора да се води во рамка утврдена од процесот на Обединетите нации и кој било документ мора да биде предмет на анализа и за тоа мора да се доконсултираат експерти по меѓународно прави и меѓународни односи – изјави Иванов.
Со реакција се јави и Обединета македонска дијаспора, која го отфрла предлогот на Заев со образложение дека „четвртиот Илинден ќе се случи кога вистински државник ќе се роди во Македонија и ќе ја повлече земјата од смешните ’преговори’ за македонското име и идентитет под покровителство на Обединетите нации“.


Кривични пријави за загрозување на државата

Вчера партијата Левица поднесе кривична пријава против Зоран Заев за сторено дело од Кривичниот законик што се однесува на загрозување на независноста. Иста таква пријава, според зборовите на Димитар Апасиев од Левица, ќе добие и Никола Димитров, министерот за надворешни работи, за здружување и организирање и неговото залагање за решение за името.
И покрај сѐ, Владата останува цврсто на ставот дека предлогот ќе биде разбран и ќе најде широка поддршка во Атина. Владата, исто така, објаснува дека со ова име се прави целосно разграничување со регионот Македонија во Грција и се покажува дека Македонија нема никакви територијални аспирации кон ниту една соседна земја, вклучувајќи ја и Грција. Премиерот Заев вчера истакна дека и покрај сѐ тој не се откажува од предлогот „Илинденска Македонија“ во преговорите со Грција и дека истиот тој не е отпаднат. Заев додаде дека тој и грчкиот премиер Алексис Ципрас се тие што треба да ги влечат конците и да даваат предлози, а пошироката јавност да ги прифати или не.
– Сметам дека оваа опција „Илинденска Македонија“ е ситуација вин-вин и за Македонија и за Грција. Предлогот за ова име дефинитивно не е отпаднат – рече премиерот.
Инаку, оваа недела продолжуваат средбите на високо ниво на полето на преговорите. Министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас ќе имаат нова средба во САД. Коѕијас таму ќе одржи серија разговори, в четврток и в петок поточно на 24 и 25 мај. На средбата со Димитров ќе присуствува и посредникот Метју Нимиц, наведуваат медиумите.