Мијалков: Синоќешната одлука не е исправна, на партијата и е потребно обединување, а не емоции

1053

Сашо Мијалков во изјава за порталот Прес24 рече дека со жалење ја примил одлуката на Централниот Комитет на неговата партија, бидејќи, како што вели, од формирањето на ВМРО ДПМНЕ па до денес, бил и ќе остане верен на идеите и постулатите на организацијата.

– Свесен сум дека партијата е соочена со многу предизвици и дека ова раководство, како и претходните, го очекуваат историски важни одлуки за иднината на Република Македонија и за ВМРО ДПМНЕ, вели Мијалков.

Тој нагласува дека одговорност на актуелното раководство е дали партијата ќе биде респектиран партнер во рамки на европските народни партии или ќе заглави во изолација, односно за доследност на историските принципи на партијата и стратешката ориентација кон ЕУ и НАТО.

– Како долгогодишен член и функционер, чувствувам потреба да кажам дека на партијата во овие моменти и е потребна инклузивност, а не исклучувачки политики. Во моментов на партијата и е потребно обединување и водење со разум , а не емоции. Во моментов на партијата не и е потребно креирање лажен наратив и непостоечки околности со кои што се оддалечуваме од стратешките определби и влегуваме во изолација. Дали актуелното раководство ќе ги прими овие добронамерни совети или ќе продолжи да продуцира невистини и да бара непријатели таму каде што ги нема е нивна одговорност. Мое е да потсетам дека партијата не е сопственост на актуелното раководство како што не беше сопственост на претходното или тоа пред него. Јас сум убеден дека синоќешната одлука не е исправна , но тоа нема да ме поколеба во мојата определба за натамошна поддршка на модерно, десноориентирано ВМРО-ДПМНЕ, кое заедно со сите сестрински партии ќе ги брани интересите на Република Македонија во Европската Унија, вели Мијалков. 


Тодоров: Ме исклучија од трансформираната фракција на ВМРО

Поранешниот висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров денеска на својот фејсбук-профил изрази разочараност, но како што вели, не од одлуката на ИК на партијата да започне процедура за негово исклучување, туку од нејзиното трансформирање во антизападна и антимакедонска фракција.

– Ме исклучија од трансформираната фракција на ВМРО, трансформирана во антизападна, анти ЕУ и анти НАТО фракција, управувана од луѓе кои се водени и заробени од сопствената суета и кои практикуваат застарени методи на политичко дејствување наметнато од старите удбашки структури кои се уште се поклонуваат на туѓи антимакедонски и антизападни пропаганди и интереси. Во таква антиреформска, антизападна, недемократска и антимакедонска фракција на ВМРО јас не се пронаоѓам. Затоа, сакам да им се заблагодарам што со овој чекор ме спасија од срамот да бидам дел од нивната секташка фракција, пишува Тодоров на неговиот фејсбук-профил.

Во написот со кој им се обраќа на членовите и симпатизерите на партијата, посочува дека ВМРО преживеала и поминала многу и оти, како што вели, „ќе ги преживее и нив“.

– Мојата ВМРО-ДПМНЕ не е изолирана партија. ВМРО-ДПМНЕ е европска, модерна, центар-десна политичка партија. И јас сум се уште со срцето и душата во ВМРО-ДПМНЕ и никој, никој не може да ме исклучи од мојата партија. Семејството, државата и партијата ми се најважните, вели Тодоров во фејсбук-статусот.