Мишел: Иднината на Македонија и на Албанија е во Европската Унија

71

Премиерот на техничката влада, Оливер Спасовски, се сретна со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, кој допатува во дводневна работна посета на Македонија на покана на претседателот Стево Пендаровски.

– За време на средбата Спасовски изрази благодарност за зголеменото внимание и отворените јавни изјави за поддршка за што поскоро отворање на пристапните преговори уште на почетокот од преземањето на мандатот на претседателот на Европскиот Совет, Мишел, и изрази очекување дека датумот за старт ќе дојде бргу по усвојувањето на новата методологија за проширување, откако земјите членки на ЕУ ќе дадат согласност за усвојување за да се испочитуваат ветувањата дадени за Северна Македонија во изминатиот период – соопшти владината прес-служба.

Претседателот на Европскиот Совет беше запознаен со подготовките за спроведување на претстојните избори кои треба да ги организира преодната Влада, во која сега учествуваат и министри од опозицијата согласно Пржинскиот договор.

Премиерот Спасовски истакна дека освен учеството во непреченото функционирање на Владата, од опозицијата се очекува и одговорен пристап во донесувањето на Законот за јавно обвинителство, да се издигне над политикантските калкулации и да прифати дека треба да учествува во усвојувањето на законот и да биде дел од европска иднина на земјава.

Претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел на средбата истакна дека неговата посета на нашата земја, во која пристигна од Тирана, има за цел да испрати силна порака дека иднината на Македонија и на Албанија е во Европската Унија, како и да искаже пораки за охрабрување за континуирано спроведување на реформските процеси и имплементација на обврските на земјата од договорите со Грција и Бугарија.