Мицкоски ќе бара објаснување од Пендаровски по кој критериум му доделил мандат на Заев

127

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и дел од пратеничката група попладнево ќе се упатат кон канцеларијата на претседателот Стево Пендаровски за да проверат дали Заев доставил доказ за обезбедено собраниско мнозинство.

Мицкоски го обвини Пендаровски дека му го доделил мандатот на Зоран Заев без приложен доказ дека навистина има обезбедено собраниско мнозинство.

– По кој критериум, Пендаровски одлучи да го додели мандатот на човек кој не достави доказ дека има собрано мнозинство пратеници – праша Мицкоски.

Според Мицкоски, мандатот е киднапиран од Заев бидејќи тој немал мнозинство во Собранието.

Тој смета дека Пендаровски со тоа што му го додели мандатот на Заев, покажал дека не е претседател на сите граѓани, ниту заштитник на Уставот.


Пендаровски е подготвен да разговара за сите прашања кои Мицкоски сака да му ги постави

Шефот на државата, Стево Пендаровски ќе го прими на средба лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со пратениците од партијата, доколку тој го побара тоа, велат од претседателскиот кабинет.

Оттаму додаваат дека Пендаровски е подготвен да разговара за сите прашања кои Мицкоски сака да ги постави, по што, доколку средбата се одржи, ќе соопштат детали за истата.