Мицкоски: Секој граѓанин да постапи според сопственото убедување (видео)

299

Донесовме одлука секој граѓанин на референдумот да постапи според  сопственото убедување, соопшти лидерот  на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски на прес-конференција доцна синоќа по неколкучасовните состаноци на Извршниот и Централниот комитет на опозициската партија. 

Одлуката, рече, е донесена по консултациите со граѓаните и различните мислења кои постојат меѓу  народот – за апстиненција или да се гласа против, но и  оние, како што рече, помалку на број, кои  сметаат дека треба да се поддржи.

–  Секоја индивидуа со сопствениот  морал и совест ќе донесе одлука која смета дека е најдобра, пред се, за своето семејство, и за нашата мила Македонија. Македонија ни е  се. Нема партиите  да одлучуваат. За национално прашање ќе одлучи нацијата и на нејзината одлука сите ние ќе се поклониме, посочи Мицкоски.

Нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ, со Договорот за името Македонија е на крстопат и дека тој не е исчекор, туку бездна, а со негово прифаќање се губат досега стекнатите позиции во преговорите – Резолуцијата на ОН, Времената спогодба и Хашката пресуда. 

Го повтори ставот на партијата дека со Договорот се менува Уставот,  институционалниот идентитет како клучен сегмент од националниот идентитет, патните исправи,  личните документи. Се прифаќа, рече, Комисија  за разгледување и ревидирање на културата и традицијата што, додаде, „ќе отвори пат во иднина кога ќе поскаа јужниот сосед да ги блокира евроатлантските  интеграции на државата“.

Христијан Мицковски прес во партиско седиште

За тешката и деликатната ситуација во која, како што рече, се наоѓа Македонија, одговорни се неодговорните политичари во власта.

– Сега Македонија е скап авион даден во рацете на адолесценти, рече Мицкоски, прозивајќи ја Владата и премиерот Заев за нереализирани ветувања во изминатата година и половина, дефокусирање и лажна надеж со слоганите за референдумот.

Посочи и дека со повеќезначното и манипулативно прашање граѓаните се доведуваат во забуна, зашто прашањето не се однесува на суштината – менувањето на името на дражава. Притоа нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ е за членство во ЕУ и НАТО и дека не смее да има поинаква иднина за Македонија.

Мицкоски реагираше и на, како што рече, жестоката и предвремена кампања за референдумот, а премиерот Зоран Заев го повика на нов ТВ-дуел. Рече дека четири месеци немале јавно соочување и дека на граѓаните треба да им се разјасни немањето резултати во досегашното владеење.