Мицкоски: Референдумското прашање создава забуна кај граѓаните

215

За ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлив договорот со Грција и со него дополнително државата се става во незавидна ситуација, а референдумското прашање се користи од власта за создавање на свесна забуна кај граѓаните.

Ваква порака му пренел лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој е во посета на Македонија.  

На средбата, како што соопшти прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рекол дека целокупниот процес на преговарање се одвивал нетранспарентно и опозицијата не била консултирана, а  договорот не ги одразува државните и национални интереси на Република Македонија.

– За ВМРО-ДПМНЕ повеќезначното референдумско прашање се користи од власта за создавање на свесна забуна кај граѓаните со цел да се прикрие вистинската содржина за што реално треба да се одлучи, а тоа е договорот со Грција, се наведува во соопштението.

Мицковски посочил дека за нив членството во ЕУ и НАТО претставува стратешки државен интерес и оти се отворени за понатамошна соработка со Австриската народна партија како сестринска партија во рамки на Европската народна партија.