Мицкоски повика на протест против „главата на рекетот“

235

Вчера бевме сведоци на болната вистина како Зоран Заев владее со Македонија и зошто државата е на дното, а тоа е приказ како мафијата има своја држава и правдата престанува да дише, истакна на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Партискиот лидер денеска повика на граѓански протест утре со почеток во 18 часот кој ќе започне од пред Обвинителството на кејот на Вардар и ќе оди до Врховниот суд.

– Ги повикувам сите граѓани да ни се приклучат, од сите националности и убедувања. Ова не е протест само на ВМРО-ДПМНЕ туку на сите граѓани кои знаат дека главната кочница е Зоран Заев – додаде Мицкоски нагаласувајќи дека токму Заев ѝ пукал во чело на правдата.

Според него, Заев е правдоубиецот во Република Македонија.

– Во исто време слушнавме лицемерие, надменост, забеганост. Слушнавме како Заев од позицијата премиер диктирал одлуки на Врховниот суд и како Катица Јанева како тогашен прв човек на СЈО работи во координација и по наредба на Заев – истакна тој.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека објавениот аудио материјал открива три клучни работи.

– Прво, имаме јавно признание дека Заев грубо ја злоупотребил службената должност диктирајќи одлуки на Врховниот суд. Второ, тој јавно признава дека се влечат случаите и за таа негова стратегија знае и СЈО и Катица Јанева која била свесна за сето тоа. Трето, шемата како да паднат случаите била јасна или закон за обвинителство или ќе го цитирам – „трас-трас“ одлука на Врховниот суд – кажа Мицкоски и нагласи дека освен премиер, Заев бил и судија, но и обвинител.

Тој потенцира дека граѓаните на протестот ќе порачаат оти одговорност мора да има за неправдите и дека Заев е главниот виновен.