Мицкоски: Планот на Заев беше да не се постигне договор

485

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се огласи по вчерашната лидерска средба со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев. На средбата, којашто траеше седум часа, не беше постигнат договор за законот за Јавното обвинителство, со што би се решила судбината на СЈО.

Мицкоски рече дека била постигната согласност во однос на предлогот што го дал Заев да се формира Јавно обвинителство што ќе гони дела за висока корупција. Тоа Јавно обвинителство би било на исто ниво како Обвинителството за организиран криминал, што го предводи Вилма Русковска, а шефот на ова обвинителство да биде избран од најголемата опозициска партија.

Предлогот на Заев бил ако власта не го прифати предлогот на опозицијата за шеф на ова обвинителство, Советот на јавни обвинители да избере еден од десетмнината помошници на Катица Јанева од СЈО.

-Кога прашавме – а кој ќе ја гони Јанева за „Рекет“, Заев рече дека тој предмет си останува таму каде што е. Ова значи дека новото обвинителство би се занимавало само со корупција на избрани високи функционери од власта, но само за нови предмети. Тоа значи дека „Глобал“, „Поткуп“, „Рекет“, а понатаму ќе има и рекет 2, 3, 4, нема да бидат гонети од страна на ова обвинителство. Ние со тоа не се согласуваме и затоа преговорите пропаднаа – рече Мицкоски.

Тој рече дека не гледа никаква правна пречка предметите, но и истрагите и предистрагите од СЈО да се пренесат во Јавното обвинителство на Љубомир Јовески. Според Мицкоски, Заев се обидува да се искупи и да се обиде да го контролира Обвинителството и да ја заштити фамилијата од криминалот.

-Беше блед како крпа. Тој сака да го контролира Обвинителството за да не одговара за „Рекет“, рекет 2, рекет 3 рекет 4 и да не се стигне до Кирацовски и Ременски. Планот му беше да не се постигне договор – рече Мицкоски.

Тој сепак остави отворен простор понатаму да се разговара на истата тема.