Мицкоски: Очекувам да се договориме за избори, ако Заев не се премисли

332

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека очекува утре на лидерската средба да биде постигнат договор за предвремени парламентарни избори, ако премиерот Зоран Заев не се предомисли.
– Очекувам и да се премисли до утре бидејќи станува збор и за Зоран Заев, знаете кај него и работите се менуваат на часови во основа. Но ајде да претпоставиме дека овој пат ќе биде конзистентен и очекувам да го слушнам предлогот, да видам што подразбира под тоа брзи предвремени парламентарни избори – рече Мицкоски.

Тој додадека дека ВМРО-ДПМНЕ месеци наназад бара предвремени избори.

– Јас и вчера зборев, избори не како избори за пуста власт, туку избори за да направиме нешто што ќе ја определи иднината и развојот на оваа држава. Онака како што треба да се развива. И затоа е потребен политички консензус. Претпоставувам дека тоа ќе го разговараме утре. Еве самиот тоа го најави доколку не се премислил. Па ќе видиме, ќе разговараме – рече Мицкоски и додаде дека е убеден дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира следната влада.