Мицкоски и Николоски во Унгарија: Проблем се сиромаштијата и корупцијата

194

Значаен проблем за граѓаните се сиромаштијата и корупцијата, земјата чека предолго пред портите на ЕУ, истакнаа претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски во Будимпешта.

Во рамки на посетата на земјата, двајцата остварија работен ручек со Претседателот на комитетот за надворешни работи на Парламентот на Унгарија, Золт Немет и пратеникот на Фидес, Габор Домос.

Немет е и еден од основачите на сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, унгарската Фидес, во два наврати државен секретар за надворешни работи, актуелен пратеник и шеф на делегацијата на Унгарија во Советот на Европа.
На средбата се разговараше за актуелните предизвици на државата на патот кон ЕУ, парламентарната соработка на ниво на сестринските партии, како и актуелната здравствена и економска криза.

Од страна на претседателот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски беше истакнато дека граѓаните на Македонија премногу долго чекаат на забележителен напредок на патот кон ЕУ, а сето тоа покрај евидентираниот недостаток на реформи, лош стандард и недостаток на правда, е отежнато и со ветото од Бугарија. Друг значаен проблем, вели Мицкоски, е катастрофата што се случува во економијата и исклучително високиот степен на корупција која поминува неказнето што е една од причините кочничар за напредок на државата на патот кон ЕУ.

Мицкоски ја изрази загриженоста од лошата економска состојба и рецесијата во која се наоѓа нашата земја. Рече дека граѓаните очекуваат посигурна иднина и можности за развој, наместо тапкање во место.

Од страна на потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ во делот на работата на Парламентот беше истакнато дека се прават злоупотреби од власта во повеќе сфери, како и во делот на употребата на законите со европско знаменце како начин да се замолчи опозицијата и без консензус да се протуркаат клучни законски решенија, како што е законот за попис.

Николоски истакна дека сите конструктивни предлози на ВМРО ДПМНЕ врзани за пописот се одбиени и нема таков случај во Европа каде влада без консензус со опозицијата турка попис што е јасен показател дека власта нема чесни намери.

– ВМРО ДПМНЕ е за објективен попис кој треба да се спроведе согласно професионалните стандарди применети во напредните европски државни – истакна Николоски.

На средбата беа констатирани добрите односи помеѓу двете сестрински партии како и можноста тие дополнително да се продлабочат.
Мицкоски се заблагодари за досегашната поддршка и побара од унгарските пријатели да ги искористат своите позиции за поддршка на европските интеграции на државата.