Мицкоски: Заев да се извини за своите ставови и навредите врз нашите предци

357

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот протест побара јавно извинување од премиерот Зоран Заев за своите ставови изнесени на бугарски медиум и за, како што кажа Мицкоски, навредите врз македонските граѓани и нашите предци и херои. Мицкоски, исто така, побара и оставка од Заев.
– Тоа не е став на Македонија. Нема право да го урива наследството и придобивките оставени и наследени од нашите претходници и предци. Совршено е јасно дека Заев не може да испорача ништо добро за својата држава и мора да си оди. Затоа, бараме итна и неотповиклива оставка од Заев. Оставка веднаш – кажа Мицкоски.

Тој најави дека утре ќе протестираат во Куманово, Тетово, Кавадарци, Прилеп, Битола и Охрид.

– И нема назад. Заедно до крај. Македонија е жива. Ги издржала фашистите. Ќе го победиме и ова зло кое не снајде, сите заедно и старо и младо, браќа и сестри. Сите ние сме Македонија, и сите заедно ќе победиме – рече Мицкоски.

Тој ги повика членовите на СДСМ да му се спротистават на Заев и ги повика десничарите да ѝ се придружат на ВМРО-ДПМНЕ.

– Сакам да се обратам до членовите на СДСМ, симпатизерите на оваа партија. Се повикувате на антифашистичката борба, и како сите во оваа земја го имате полното право на тоа. Но мора сега да бидете погласни и да се спротивставите зошто Зоран Заев не е Македонија. Бранејќи ја вашата партија од Заев секој од вас ја брани Македонија. Имаме разлики но имаме поголема заедничка цел, да го сочуваме нашиот образ и нашиот идентитет. Ќе се обратам и до десничарите, оние кои поради различни причини имаат забелешки кон ВМРО-ДПМНЕ. Имаме опција сега да ни се придружите и да бидеме заедно и заеднички да победиме или да молчите вечно. Зошто нема оправдувања сега кога станува збор за Македонија – рече Мицкоски.