Мицкоски: Заев говори за федерализација на Македонија

308

Реалноста во којашто сега живеат граѓаните е тешка, мачна, а ова политичко мочуриште изобилува со многу неправда и понижување, порача од собирот во Дојран, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Ова е тој момент, ова е таа раскрсница во којашто ние треба да го избереме вистинскиот пат. Дали ќе зборуваме за политичари коишто се присутни на политичката сцена уште во времето на транзицијата, истрошени, потрошени, кои што буквално немаат што да понудат? Или политичари кои имаат визија, стратегија, план како да се справат со предизвиците што ни се испречени на патот – нагласи Мицкоски.

Тој изрази убеденост дека секој еден граѓанин полека се буди и се обединува околу обновата која, како што кажа, ќе победи на 15 јули.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека за Заев да дојде на власт како влог ја става Македонија и говори за нејзина федерализација.

– Јас ви ветувам дека никој повеќе по 15 јули нема да владее со овој народ. Туку ќе работи заедно со народот и во интерес на народот. Доста беше од политичари или министри коишто одлучуваат во канцеларии. Нам ни се потребни современи европски, народни политичари коишто заедно со народот ќе ги креираат проектите за иднината на сопствената земја – порача Мицкоски и од Дојран вети дека по 15 јули, кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, ќе дојде и правдата во земјата.