Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ има најголем кредибилитет за формирање на Влада

494

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој вчеравечер по изборниот ден не и се обрати на јавноста и денес за првпат ги искоментира резултатите, рече дека СДСМ добиле повеќе гласови како резултат на поткуп и притисоци.

Тој посочи дека е подготвен да преговара со ДУИ, но нема да прифати премиер Албанец.

– ВМРО-ДПМНЕ победи во 41 општина. Ова е резултат постигнат во тешки околности, силни притисоци и бројни нерегуларности. Власта спроведе масовен поткуп. Сајтот на ДИК не работи, а добиваме податоци дека сомнително се броени гласовите. Сето ова ми дава за право да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ го има најголемиот кредибилитет да се бори за состав на новата Влада. Јас сум оптимист бидејќи постапуваме чесно и одговорно. Ова е тешка битка и со вас, граѓаните, ќе победиме. ВМРО-ДПМНЕ е најголемата политичка сила, ова е земја на народот. Притисокот и масовниот поткуп резултираше со 10 илјади гласови повеќе за СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ го има најголемиот кредибилитет за состав на новата Влада. Преговорите допрва ќе почнат. Јас под услови не работам. ВМРО-ДПМНЕ го победи СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ има помалку 10.000 гласови од коалицијата СДСМ и БЕСА – рече Мицкоски.

На прашање дали е можна коалиција со СДСМ и Зоран Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека нема намера да коалицира со луѓе кои се осомничени за криминал, но не сакаше да каже дали вчеравечер контактирал со некој од лидерите на партиите од албанскиот блок.

– Не направивме предизборна коалиција со политичките партии од албанскиот блок, но не значи дека нема да направиме постизборна коалиција. И во 2016 и овој пат, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има повеќе пратеници од коалицијата на СДСМ. Додека народот ја дава поддршката за ВМРО-ДПМНЕ, ние ќе се бориме за народот – додаде Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека ќе поднесат преговори до ДИК за изборите, но не кажа колку и на што ќе се однесуваат.


Мицкоски најави анализа за тоа како и со што ВМРО-ДПМНЕ го разочарала народот

Лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција рече дека лично ќе се заложи за да се направи анализа во кој дел е разочаран народот од оваа партија и најави дека доколку имало пропусти ќе се заложи партијата да ги коригира своите грешки.

– Во право сте кога велите дека народот е разочаран од страна на политичарите, тоа веќе го зборуваав во кампањата. Треба сите да извлечеме поука да не го разочаруваме народот. ВМРО-ДПМНЕ и јас лично ќе направиме сериозна и детална анализа во кои делови лично, но и како ВМРО-ДПМНЕ сме го разочарале народот. Ќе се коригираме и ќе видиме како понатаму ќе се одвиваат настаните. Партиските тела ќе заседаваат во периодот што следи, јавноста ќе биде информирана за одлуките на партиските тела – рече Мицкоски.

Додаде дека сепак е задоволен од изборниот резултат во услови, како што кажа, на валкана кампања при што власта се служела со манипулации и поткуп на гласачи. Тој порача дека на овие избори ВМРО-ДПМНЕ е победник, но не ги откри можностите и плановите со кои оваа партија би можела да ја состави новата влада.

– Оваа беа избори во кои брутално се злоупотреби власта. Се делеа картички, се потрошија милиони за поткуп, преку државните институции. Да не зборуваме за она што се одвиваше на терен, се вршеше агитација и притисоци врз граѓаните. Имаме 50 пријави за поткуп, имаме вмешани градоначалници, но, и покрај тоа што го направија, ако ги земеме овие 4 пратеници на Беса се покажа дека власта има 2 пратеника помалку од колаицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Покажавме и докажавме дека сме најголемата партија до сега, а што ќе се случува понатаму, ќе видиме. Има многу математики, многу можности, да почекаме времето да покаже, кое некогаш само дава одговор на овие прашања. Но она што е важно е дека најголемиот кредибилитет за нова влада го има ВМРО-ДПМНЕ – додаде Мицкоски.