Мицкоски: Власта глумеше нова нормалност поради брзи избори

141

Владата глумеше изнасилена нормалност, основана на нездрави основи кои овие денови гледаме дека завршуваат со класична капитулација, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во насока на одржувањето на изборите.

– Луѓето со право се прашуваат зошто седеле дома повеќе од 2 месеци кога вака власта дозволи, поради брзи избори да глуми нова нормалност и да ги изложи сите граѓани на нов ризик. Но и во право се оние кои се чудат како е можно вака ноншалантно веднаш да заборави власта на ризиците, мерките и крантнините, само во функција на налог кој ќе го добие од Зоран Заев да глумат дека се е нормално. Патем ние сме единствената земја во светот која веќе го живее новиот бран на ковид-19 вирусот кој е последица на лошо менаџирање и политички притисок на еден човек – рече Мицкоски.

Воедно тој изрази разочарување и од Комисијата за заразни болести и нивните проценки бидејќи, како што рече, наместо по Хипократова заклетва тие се водат по Заевиот диктат.

– Повеќето се директори поставени од оваа власт предводени од докторот со политички амбиции Караџоски, и може да се каже дека во најголема мера ги сервисираат потребите и барањата на Бихачка и Заев, наместо потребите на системот кој не покажа отпорност кон оваа деликатна здравствена ситуација. Затоа мора да биде разрешена оваа комисија и да се формира тело од непартиски професионалци кои нема да се водат од политичките туку исклучиво здравствените интереси на граѓаните. Нам ни треба систем со доверба и професионалци во кој народот ќе биде сигурен – додаде Мицкоски.

Во врска со обвинувањата на СДСМ дека министерот за внатрешни работи Наќе Чулев има вина за бројот на новозаразени, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ вели дека Чулев е професионалец кој спроведува одлуки од Владата и Комисијата.

– Работата на Чулев не е да му се допадне на Заев, тоа најмалку и на него и на мени ни е потребно туку да брка криминалци и спроведува закони, е тука Зоран Заев има вистински проблем и со мене и со господинот Наќе Чулев. Би посветил внимание да внимаваат и би ги советувал во нападите кон припадниците на Министерството за внатрешни работи пред се затоа што тоа е напад на 10 илјади припадници на МВР кои пожртвувано и храбро беа на улиците кога ограничувањето на движењето на граѓаните беше во сила, одржувајќи ред и мир и ризикувајќи ги своите животи – рече Мицкоски.

Додаде и дека Заев мислејќи оти со измама ќе добие албански гласови сакал да провоцира проблем со полицијата за време на Рамазам Бајран, а седењето 48 часа дома завршило со отворање на рестораните и укинување на полицискиот час ден потоа. Мицкоски вели дека имало политизација и на литијата во Струга, а како неразбирлива ја опиша и мерката за превоз за пензионерите. Да не се релативизираат работите затоа што тие се премногу сериозни, порача Мицкоски.