Мицевски се сретна со евроамбасадорот Гир

119

Денеска во Собранието координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, се сретна со претставникот на делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, амбасадорот Дејвид Гир.

На средбата се разговараше за актуелните случувања, предизвици и проблеми со кои се соочуваме како држава поради лошото владеење на оваа власт, се разговараше за катастрофалната економска состојба и огромната задолженост на Република Македонија, како и за неуспешното справување со пандемијата и решавање на последиците предизвикани од ковид-кризата.

Исто така, на оваа средба се разговараше и за актуелните проблеми и предизвици со коишто пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата во целост се соочува во рамките на Собранието на Република Македонија, конкретно во однос на неговата функционалност и непочитување на процедурите и Деловникот за работа на Собранието. Се разговараше за инклузивноста на опозицијата во процесите внатре во Собранието, за претстојниот попис, како и за ускратувањето на можноста на опозициските пратеници за дебата преку злоупотребата на европското знаменце и скратената постапка при носење законски решенија кои што секојдневно пристигнуваат во Собранието на Република Македонија.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, констатираше и посочи дека во овој момент постои желба за соработка и комуникација помеѓу пратениците од власта и опозицијата, но сепак за продолжување на демократските процеси и конкретни реформи со цел приближување и придвижување на Република Македонија кон Европската Унија потребна е целосна соработка и желба за заедничко решавање и надминување на проблемите со коишто се соочуваме како држава во овој момент.

Имено, на средбата од страна на амбасадорот Дејвид Гир беше изразена подготвеност да се помогне во подобрувањето на односите помеѓу политичките субјекти со цел приближување на ставовите на власта и опозицијата во корист на граѓаните, што ќе придонесе за брзо и ефикасно решавање на секојдневните проблеми и предизвици со коишто се соочуваат граѓаните на Република Македонија.
На крајот, Мицевски изрази благодарност за конструктивната и продуктивната средба со амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир, и посочи дека средбите од ваков карактер се здрави за демократијата и демократските процеси. Само ваков пристап и отворена комуникација помеѓу сите субјекти и чинители на политичката сцена во Република Македонија ќе придонесат за Република Македонија час поскоро да биде дел од семејството на Европската Унија.