Мирен изборен ден, без посериозни нарушувања

73
Фото: Дарко Андоновски

Одзивот на првиот круг од претседателските избори, кој го соопшти ДИК некаде по 15 часот на редовната прес-конференција, изнесуваше 28,89 отсто од приближно 75 отсто обработени гласачки места, односно да гласаат излегле вкупно 396.252 избирачи. Според Оливер Деркоски, претседателот на ДИК, немало посериозни нарушувања на изборниот процес до 15 часот. Во ДИК за тоа време биле пристигнати 8 нови приговори за нарушување на гласачкото право.

– Приговорите не се од суштинска природа и не може да се каже дека го нарушуваат изборниот процес. Така што сметам дека главно овој изборен ден поминува мирно и се надевам дека до крајот на денот ќе завршиме на сличен начин без поголеми нарушувања на изборниот процес – рече Деркоски.

Во меѓувреме гласањето до пладне и потоа мина генерално мирно и без проблеми. Билјана Милевска од Одделот за односи со јавноста во МВР посочи дека вчера утрото на гласачко место во градинката „Лале срничка“ во општината Аеродром претседателот на Избирачкиот одбор забележал лице како со мобилен телефон го фотографирал гласачкото ливче, по што истиот тој бил приведен и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава. Како што информира МВР, слично дејство се случило и на гласачкото место 1515 во селото Обршани, каде што лицето со мобилен телефон го фотографирало гласачкото ливче. Шефицата на Меѓународната мисија за набљудување на изборите ОБСЕ/ОДИХР, Корин Јонкер, изјави дека е прерано да се даваат оцени за изборниот ден.

– Ние набљудуваме дали изборите се организирани според меѓународните демократски стандарди. За нас не се важни резултатите, туку изборните процедури. Затоа сме тука да го набљудуваме изборниот процес – рече Јонкер пред основното училиштето „Браќа Рамиз-Хамид“ во Шуто Оризари. Шефот на делегацијата на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Рајнхолд Лопатка, информира дека единствена забелешка било тоа што некои луѓе на кои им биле истечени личните карти биле враќани, па потоа доаѓале да гласаат со своите пасоши. Инаку, на шестите претседателски избори од независноста на земјата право на глас имаат 1.808.131 граѓанин, а гласањето го спроведуваа 80 општински изборни комисии на 3.480 избирачки места.


 

Западните агенции за изборите во Македонија

Прашањето околу одзивот беше една од главните теми во вчерашните известувањата на светските новински агенции за вчерашниот прв круг од претседателските избори во Република Северна Македонија.
– Новото име ги поларизира гласачите на денешниот прв круг од претседателските избори во Северна Македонија – наведува новинската агенција „Ројтерс“ додавајќи дека, токму разликите во ставовите околу договорот од Преспа за промена на името доминираа и за време на предизборната кампања. Сево ова, како што оценува „Ројтерс“, покажува дека не се очекува во овој прв круг да биде избран и новиот претседател што би значело дека ќе се оди на втор круг на 5 мај. Агенцијата додава дека одзивот на гласачите би можел да биде многу низок што, како што се оценува, би било резултат на нивната разочараност во политичарите. Претседателската функција во Северна Македонија е главно церемонијална, но претседателот дејствува и како врховен командант на вооружените сили, а исто така потпишува закони донесени во парламентот, пишува „Ројтерс“. На церемонијалната функција на претседателот потсетува и новинската агенција „Асошиејтед прес“.
– Сепак, на овие избори се гледа како на клучен тест за Владата по длабоката поларизација откако земјата го смени името за да му стави крај на над дводеценискиот спор со соседната Грција – наведува „Асошиејтед прес“ Француската новинска агенција „Франс прес“, пак, нагласува дека станува збор за први избори во земјата откако го смени името. Германската новинска агенција ДПА, наведувајќи дека гласањето на претседателските избори почнало, оценува дека ниту еден од кандидатите не се очекува да добие во вчерашниот прв круг повеќе од 50 отсто од гласовите. Тоа, пак, како што се наведува, значи дека ќе биде неопходен втор круг за две недели.