Министерството за правда: Екстрадиција за Груевски по распишување меѓународна потерница

249

Доколку биде официјално потврдено дека поранешниот премиер Никола Груевски избегал во Унгарија, Министерството за правда ќе достави барање за екстрадиција откако ќе добие известување од МВР каде е лоциран и дека за него има распишана меѓународна потерница.

Од Министерство за правда информираа дека за спроведување на екстрадиција потребни се документи од Судот: правосилна пресуда, извадок од КЗ за описот на делот и застареноста на кривичното гонење односно за извршувањето и барање од Судот до надлежниот орган во државата каде што треба да се постапи за екстрадиција.

Груевски по кого е распишана национална потерница, бидејќи не се јави во затвор за издржување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“, попладнево се огласи со статус на својот фејсбук профил во кој вели дека е во Унгарија каде што побарал политички азил од тамошните власти.

– Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички азил од унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам, наведува Груевски во статусот на својот Фејсбук профил.

Засега нема потврда од надлежните македонски власти дали фејсбук статусот е веродостоен.

Од вчера попладнето Груевски се бара со национална потерница заради издржување двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“.