Министерски форум за правда и внатрешни работи во Собранието

70

Министерски форум за правда и внатрешни работи ЕУ – Западен Балкан, ќе се одржува денеска и утре во македонското Собрание, под покровителство на финското претседателство со Советот на ЕУ.

Земјите-членки на ЕУ ќе бидат претставени од страна на министрите за правда и за внатрешни работи на Финска, високи претставници од Германија и од Хрватска, релевантните ЕУ комесари за правда, потрошувачи и родова еднаквост и за миграции, внатрешни работи и државјанство, Вера Јоурова и Димитрис Аврамопулос, како и други претставници на европските институции, соопшти МВР. Првиот ден ќе биде посветен на секторот правда, а вториот на секторот внатрешни работи. 

Земјите од Западен Балкан ќе бидат застапени преку министрите за правда и за внатрешни работи, односно високи претставници од нивните министерства.

Форумот се одржува на годишно ниво во рамки на Стратегијата за поддршка на Западен Балкан на патот за нивно полноправно членство во ЕУ. 


Шведската министерка за надворешни работи во посета на Македонија

Министерката за надворешни работи на Кралство Шведска, Ан Линде ќе престојува во посета на Македонија.

Линде ќе биде пречекана од својот домаќин, министерот за надворешни работи Никола Димитров, додека во рамки на посетата ќе биде примена и од претседателот Стево Пендаровски, а ќе се сретне и со вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска и со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

На средбите се очекува да бидат разменети мислења за домашните случувања, реформската агенда и следните чекори поврзани со европската перспектива на Северна Македонија по октомврискиот Европски совет, потоа за регионалната динамика и други актуелни меѓународни прашања, како и за севкупните билатерални односи и соработка меѓу Македонија и Шведска.