Мизрахи: Заев нема мандат да ја брише историјата, оставка итно

387

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, денеска на протестот со мотото „Оставка на Заев, слобода на народот“ пред Министерството за надворешни работи им порача на граѓаните дека треба да им се спротивстават на Зоран Заев и, како што рече, на неговите лоши политики и анационализам.

– Политиките на Заев водат до губење на идентитетот, јазикот и историјата. Ако тоа се изгуби, се губи Македонија. Денеска, се обраќам пред вас како ваша сограѓанка, ќерка, сестра, мајка, жена од Македонија – истакна Мизрахи.

Таа посочи дека во секој збор од химната на Македонија има тежина.

– Во секој збор на химната има огромна вистина. А текстот на химната го напиша Владо Малески. Колку ли горди треба да бидат неговите потомци кога ги читаат овие стихови? Се надевам дека се – рече Мизрахи.

– Што ли би рекле илинденците, зарем со нешто заслужија коските да им се превртуваат? И не од поробувачите, туку од оние што во моментот ја водат државата, која токму илинденците и партизаните во завет ни ја оставија, слободна македонска држава, со слободен народен јазик и вековна историја, држава на сите нејзини граѓани – истакна Мизрахи.

Додаде дека денешниот собир не е против ниту една соседна држава, туку, како што рече, е против Заев и неговата екипа.

– Тие ги распродаваат националните интереси за кои живот дале македонските херои. Заев нема мандат да ја брише историјата и да ја пишува тој како што сака. На ова мора да се стави крај што побргу – нагласи Мизрахи.