Меѓународната заедница со јасна поддршка за референдумот

177

Во пресрет на референдумот на 30 септември денеска на средби во Скопје се генералниот секретар на НАТО Јанс Столтенберг и министерот за надворешни работи на Големото Војводство на Луксембург, Жан Аселборн. Во петок во посета на Македонија доаѓа австрискиот канцелар Себастијан Курц, а во сабот на Денот на независноста и канцеларката на Германија Ангела Меркел.

Се очекува високите европски државници и првиот човек на НАТО да и дадат поддршка на Македонија за успешен референдум и членство на земјата во НАТО и ЕУ. 

Столтенберг синоќа на скопскиот аеродром го пречека министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Во пресрет на посетата на првиот човек на НАТО, вчера Шекеринска изјави дека светот навистина го цени она што се случува во Македонија и дава силна поддршка на нашите стратешки цели членството во ЕУ и во НАТО.   

– Во една година прв пат ни се случува генерален секретар на НАТО да ја посети Македонија како земја која се уште не е членка на НАТО-Алијансата. Светот навистина го цени ова што се случува во Република Македонија и дава силна поддршка на нашите две стратешки цели – членство во ЕУ и членство во НАТО – рече министерката. 

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски, пак, во врска со посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на Скопје вели дека нејзиното совпаѓање со македонскиот државен празник 8 Септември само по себе зборува за симболиката.

Австриската амбасадорка Ренате Коблер во разговор за МИА истакна дека Македонија никогаш не била поблиску до Европската Унија.

– Извештајот со препораките на Комисијата во април беше позитивен. Советот на министри во јуни, исто така, даде позитивен сигнал. Можам да кажам дека соработката со соседните земји е многу подобрена, особено со потпишувањето на договорот со Грција, а подобрена е соработката и со Бугарија – рече Коблер.

Таа додаде дека следниот чекор е референдумот и оти македонските граѓани го заслужуваат наредниот чекор до Европската Унија.

– Во голема мера, Македонија сега ја има најголемата поддршка. Еве стигнува генералниот секретар на НАТО, в петок доаѓа канцеларот на Австрија, Себастијан Курц, в сабота германскиот канцелар Ангела Меркел. Тоа значи дека сета поддршка оди рака под рака со сите реформи што треба да се направат. Има многу полиња што треба да се опфатат со реформите: тука се, пред се, судството, образованието, и земјоделството, кои се опфатени со извештајот од Комисијата – рече австриската амбасадорка, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.  

Македонскиот премиер Зоран Заев повтори дека неговата Влада е стопроцентно определена за членство во НАТО и ЕУ и тоа така и ќе остане. 

Посредикот на ОН во спорот за името Метју Нимиц во интервју за БИРН, пак, во однос на оспорувањето на Договорот со Грција за името кажа дека поминаа 25 години, а може да поминат уште толку пред нов договор доколку овој не помине.

За него, идејата за долготрајно чекање и неспроведување на договорот е многу ризична.

– На оние во вашата држава што велат: „ајде да почекаме, да оставиме уште неколку години, ќе имаме подобар договор во иднина„, jас им велам: „Не знаете тогаш каде ќе биде ЕУ, дали ќе сакаат уште една членка, дали ќе сакаат тоа да биде вашата држава, не знаете каде ќе биде НАТО, не знаете што ќе се случи во Грција со смената на власта, не знаете што ќе се случи во регионот. Идејата за долготрајно чекање е многу ризична“ – нагласува Нимиц.

Вели дека е воздржан оптимист, но оти сепак, не е се готово. За договорот да биде спроведен, треба да помине референдумот, да се усвојат уставните измени и потоа грчкиот парламент да го ратификува.

– Се надевам дека ќе помине во двете држави, затоа што е фер и чесно решение за двете страни, но ако не помине, не гледам решение во скоро време. Поминаа 25 години, може да поминат уште 25. И многу луѓе ќе го загубат интересот, ако ова не помине сега во вашата држава – предупреди Нимиц.